Шипка

25.05.2015 09:35
Шипка

Чудни зборови и фрази се пробиваат низ овдешниот комуникациски етер. Од суспендирани евровизиски избори, преку контракампови до соросоиди и сороспии. Зборовите, се разбира, значат. И на симболичко, но и на реално, фактичко ниво. Токму затоа еден од најмаркантните, воедно и најзагрижувачки зборови што се појави минатата недела беше – шипка! Тоа е оној метален предмет што беше идентификуван како главно орудие при крвничкото претепување на колегата Саше Ивановски.

„Шипка“, впрочем, не е ни македонски збор (иако, ако ме прашате мене, воопшто не знам зошто не би бил македонски), а Македонците за оваа цел го користат, би рекле, поопштиот термин „прачка“. Прачката е, во зависност од контекстот, гранка исчистена од ситни гранчиња и листови и служи, се разбира, за тепање, но за она понежното на кое, за жал, и денес се склони некои педагошки работници по нашите училишта (Србите и Хрватите би рекле „шиба“). Натаму, прачка е страк од лоза, па во лозјето садиме толку и толку лозови прачки. Прачка е и млада фиданка која служи за расад, односно садница. Прачка е и оној чатал направен од метална жица, што некогаш децата го користеа како сурогат за оружје. Прачка, јасно, е и оној предмет во облик на стап, направен од метал (не нужно) со кој беше претепан сопственикот на порталот „Мактел“.

Шипката, нормално, е тоа истото, односно е палка или предмет што наликува на палка, направен од метал, дрво или друг материјал. Постои и нешто што се нарекува златна шипка, односно прачка, оној стандарден златен одлив, уште во говорниот јазик познат и како златна полуга. Постои и шипка која служи стриптизетите да го играат својот заводлив танц. Сепак, тешко ми е да кажам дека тие играат на прачка. Шипка е и онаа грмушка што раѓа шипинки.

Шипката како орудие за замолчување на дрски новинари или на новинари кои некому се чинат дрски и безобразни е релативно нова во македонското милје. Тука, што би рекол јунакот од „Среќна нова ‘49“ повеќе се претпочита „гомнарска цевка за гомнари“. Она што е слично со „гомнарската цевка“ од веќе култниот филм и шипката наменета за Саше Ивановски е токму годината – 1948. Имено, овој начин на пресметка со неистомислениците е иманентен за полупримитивните едноумни режими што денес се познати под разни имиња, а најчесто се идентификуваат како сталинизам или фашизам. По вербалната „бетонска плоча“ на Миленко Неделковски и мошне конкретното спалување на џипот на новинарот Бранко Тричковски, шипката употребена врз Саше Ивановски доаѓа како логичен след на нелогичните и примитивни времиња. Кога од највисокиот врв на државата ќе слушнете нешто како „нека му врзе пет-шест шамара, ама јаки (бидејќи) тоа е прекршочно, а не кривично дело“, тогаш навистина не би требало да ве изненади и крвничкиот ќотек врз младиот новинар.

Она што во оваа логика на злото загрижува е дека таа не запира на шипките употребени во кукавичкиот напад врз Ивановски. Вообичаено, насилството не запира само од себе, а државно спонзорираното насилство не запира никако, освен ако не се смени државата. Се разбира, тука не тврдиме дека државата директно од буџетот ги финансира насилниците, туку дека со своето нечинење, едноставно, ги стимулира. Говорот на омраза, појавата на разно-разни бранители на земјата од внатрешниот непријател, наметнатата психоза на најразлични странски служби, теориите на заговор според кои целиот свет (освен, евентуално, Русија) се вплотил да ја уништи колепката на светската цивилизација, особено Белата куќа и бриселските бирократи, испливувањето на некакви нереализирани индивидуи кои ги намирисуваат своите пет минути итн., не се веќе ексцеси, туку една комплексна состојба која доведува до тоа насилниците против неистомислениците или поточно против неистите да станат уважени и признаени личности во општеството. И наместо да бидат казнети, тие биваат наградени. Па така ќе ви се случи главни паблик мејкери да бидат ординарни измамници и криминалци. Впрочем, при криминална власт, криминалот е нобл.

Некој предложи дека изгорениот џип на Тричковски не треба да се поправа, туку дека треба да се задржи во оваа јадна состојба и таков, кога ќе дојде време, да биде изложен во некој претпоставен музеј на денешното лудило. Во таа смисла, и јас предлагам шипката или шипките со кои е натепан Саше Ивановски, ако некогаш биде пронајдена, да бидат сочувана и изложена во истиот музеј. Зашто шипката, како што убаво може да се види од овој пример, всушност, е парадигма на македонското јунаштво и витештво – онака, употребена во темнината на ноќта, од типови со сокриени лица, без најава и без предупредување. Тоа се тие македонски херои.

Шипката инаку потекнува од старословенскиот збор „шиба“ што значи фиданка или стебленце. Токму толку тенко колку и херојството на потпалувачите на џипови и тепачиштата од заседа.