Приказната која го уништи Капоти - високото општество

26.01.2016 17:32
Приказната која го уништи Капоти - и високото општество

Тие биле неговите лебеди, најубави, префинети, богати, жени на кои им завидувал цел Њујорк. А тој, Труман Капоти, бил нивниот врвен трофеј: генијот чие ремек-дело „In Cold Blood“ го направи национална славна личност, забавно момче кое раскажува малициозни трачеви со остроумна духовитост, интелектуалец чие пријателство другите ги издигнувало на негово ниво.

„Деновиве се открива мала тајна која оди во корист на добротворните цели“ – стои во еден текст во New York Times од 1968 година. „Се вика Труман Капоти... Магнет особено привлечен за оние позлатени фигури, кога станува збор за модерно собирање пари.“

Меѓу блиските луѓе на Капоти биле Бејб Пејли, убавицата и сопруга на шефот на CBS, Бил Пејли, Слим Кејт, фина, добро омажена русокоса која била нарекувана Каролин Бесет во своето време, Памела Черчил, поранешна сопруга на синот на Винстон и идна сопруга на мажот на Слим, Лиланд, и Ли Радзивил, сестра на Џеки Кенеди.

Така било сè до објавувањето на краткиот расказ „La Côte Basque, 1965“. Капоти мислел дека оваа приказна е уште едно ремек-дело, и било планирано да биде дел од неговата долгоочекувана книга „Answered Prayers“. За списанието People тој изјавил дека ќе биде полна со минимално маскирани ликови на луѓе што ги познавал. Планирал да ги убие сите нив, со неговото перо-пиштол.

„Еве ја рачката, тригерот, цевката и, конечно, куршумот“ – вели тој. „А кога тој куршум ќе биде испукан од пиштолот, ќе излезе со таква брзина и моќ каква што никогаш не сте виделе - бам!“

Капоти никогаш не ја заврши таа книга. Но, во 1975 година, наспроти советите на издавачот, тој го објавува тоа завршено поглавје во списанието Esquire. Тоа ќе уништи сè: пријателствата, неговата репутација, неговата социјална положба и желбата за пишување. Неговите лебеди го напуштаат. Критичарите и читателите биле шокирани од тоа што со таква леснотија ги изложил своите пријатели и сите нивни скандали, од прељуба до убиство.

Сега, малку повеќе од четириесет години подоцна, „La Côte Basque, 1965“ заслужува повторно разгледување. Капоти, далекувид и пред времето, толку многу вклучен и внесен во тековната култура, од исповедите на славните личности, до дивјачките коментари, до алчните и лицемерите на „The Real Housewives“, сето тоа е доловено во еден приказ од 13.000 збора.


Бејб Пејл, со нејзиниот сопруг Бил, во 1958

Во нејзиниот нов романизиран ракопис, The Swans of Fifth Avenue (Delacorte Press), авторката Мелани Бенјамин ги пресликува блескавите пријателства на Капоти толку внимателно култивирани. Бенјамин со право најмногу се фокусира на врската меѓу писателот и Бејб Пејли, која Капоти ја обожавал. „Г-ѓа П. имаше само една грешка: таа беше совршена“, напишал тој во својот дневник.

Нивната средба била случајна. Бејб и нејзиниот сопруг Бил му понудиле на филмскиот продуцент Дејвид О. Селзник возење со нивниот приватен авион, а Селзник прашал дали може да го повика неговиот пријател, Труман. Бил Пејли, пријател на Ајзенхауер, помислил дека станува збор за претседателот Труман. Колку бил разочаран кога го запознал овој минијатурен лик со пискав глас, без да биде свесен дека тогаш 29-годишниот младич е чудо од дете.

Бејб веднаш паднала на интелигенцијата и ласкањето на Капоти. Таа можеби била една од најубавите жени во Њујорк, во брак со навистина моќен брокер, но всушност била многу осамена. Нејзиниот сопруг ја игнорирал. Таа ги поминувала деновите како разгалена мачка во скапа куќа на источниот брег, шетајќи низ големи, празни соби, додека во други простории за нејзините деца се грижат дадилки.

„Таа беше единствената личност кај која сè ми се допаѓаше“ – му рекол Капоти на својот биограф, Џералд Кларк. „Јас бев нејзиниот единствен вистински пријател, единствениот вистински однос кој некогаш го имала.“
Долгогодишниот љубовник на Капоти, Џек Данфи, имал многу попрагматичен став. Женкарот Бил, му раскажувал Данфи на Кларк, „му ја даде Бејб на Труман на сребрен послужавник... таа ќе беше ништо доколку не се омажеше со Бил, и дури ни Труман не би имал многу што да прави со неа. Без разлика дали тој го признава тоа или не, него го привлекуваа пари и моќ.“


Ли Радзвил

Неизбежно е oвде да се додаде и Лил Радзивил. Сестра на Џеки Кенеди, во брак со таканаречениот принц, Ли била девојка на која ѝ недостигала амбиција, интелект, нејзин сопствен идентитет. Но, Капоти ја опсипувал со внимание, ја воздигнувал нејзината убавина на страниците на Вог, и што е најважно, тој правел таа да се чувствува паметна.
Така Капоти станува близок пријател на Ли, кој неуморно ги слуша приказните за нејзиниот непријатен и незадоволувачки брак, нејзината романса со Ари Оназис, и суровата одлука на Оназис да ја откачи Ли за нејзината сестра Џеки. „Боже Мој! Колку е таа љубоморна на Џеки! Не можев да го претпоставм тоа“, напишал Капоти во 1962 година.

Радзивил се потпирала на него како на никој друг. Таа знаела дека тој работи на книгата „Answered Prayers“, но не знаела или не сфатила на што бил способен Капоти. „Тој е најверниот пријател и најдоброто друштво кое некогаш сум го имала“ – му кажала таа на Кларк. „Го чувствувам како брат, со тоа што мислам дека се ретки браќата и сестрите кои се блиски како нас.“ Таа на Капоти му дала позлатена цигара со следната посвета: „На мојата одговорена молитва. Со љубов, Ли. Јули 1967 година.“

Капоти бил приврзан со своите лебеди. Повеќе со Бејб и Слим бидејќи тие го потсетувале на неговата мајка која го напуштила како момче за да се пронајде себеси во Њујорк. Таа никогаш вистински не го сакала, но овие лебеди го сакаа.

Слим Кејт се преобликува себеси, од провинцијалка со име Ненси Реј Грос, во елитен модел. Се мажи за режисерот Хауард Хокс, и таа ја открива Лорен Бекол, која Хокс ја ангажира и ја претвора во нешто што налкикува на Слим. Таа се разведува двапати и се мажи три пати, позиционирајќи се во една разочарувачка унија со британски барон.

Како и во случајот со Бејб, Капоти му давал живост на животот на Слим. Таа никогаш немала сретнато некој како него. „Тој имаше навистина извонреден ум. Беше еден од тројцата или четворица најпаметни луѓе кои сум ги запознала во мојот живот. . . Неизмерно ме возбудуваше неговиот ум! Да се оди на ручек со него во добар ресторан, беше најзабавното нешто“ – му рекла таа на Кларк. Токму верзијата на Труман за одење на ручек со Слим во добар ресторан бил моментот со кој завршило сè.

Дури и денес, „La Côte Basque, 1965“ е шокантно опасна приказна. Тоа можеби е најзлобниот американски расказ кој некогаш бил напишан. Пред La Côte Basquе лебедите на Капоти немале никаква идеја што тој мисли за нив. Потоа, немало никаков сомнеж.


Ана Вудворд, 1955

Приказната почнува со P.B. Џонс, пријател на Капоти кој се среќава со Лејди Ина Колбирт, пријателка на Слим, во познатиот ресторан. Колбирт се опијанува и ги вознемирува сите присутни во просторијата. На другата маса се наоѓале Џеки и Ли, две лесни девојки, „пар западни еквиваленти за гејши“. Но, Капоти ги користи како начин за влез во вистински скандал: Приказната на Колбирт за тоа дека како тинејџерка била силувана од Џо Кенеди. (Не е сосема јасно дали овој податок се базира на нешто што Слим му кажала на Капоти или е измислен.)

Таа била гостинка на Кик, ќерката на Кенеди, и една ноќ, вели таа, „Стариот влезе во мојата спална соба... Сите тие Кенедиевци се исти. Тие се како кучиња, мораат да се измочаат на секој хидрант.“ Најголемиот дел од приказната се однесува на две жени. Првата е на Ен Хопкинс, и во неа станува збор за Ен Вудворд, која го убива сопругот на Роуд Ајленд во 1955 година.

Вудворд тврдела дека е несреќен случај, дека го помешала сопругот со натрапник. Иако луѓето од кафетеријата која се наоѓала во близина ја знаеле поинаквата верзија на приказната, Вудворд никогаш не била обвинета.
„Таа е убиец“ – вели Колбирт. „Полицијата го знае тоа.“ Таа опишува како елитната фигура Вудворд го таргетирала нејзиниот сопруг, потомок на едно богато и познато семејство. „Сигурна сум дека тоа беше неговото прво искуство со нешто толку примитивно како оваа жена“ – вели Колбирт.

Таа вели дека сопругот на Вудворд сакал развод, но бидејќи никогаш не се развела од нејзиниот прв сопруг, се плашела дека ќе си замине без ништо, па затоа не дозволувала тоа да се случи. Таканаречениот натрапник бил застрелан гол, во бањата“ – додава Колбирт. „Водата се уште течела, а вратата на туш кабината била изрешетена од куршуми. Ништо од приказната на Ен не беше вистина“ – вели Колбирт.

„Уште поскандалозно е тоа што, мајката на Вудворд ги потплатила полицајците и судовите. „Ете зошто Ен Хопкинс се извлече од казна за убиство“, вели Колбирт. „Нејзината сврекрва е божица во Род Ајленд.“
Три дена пред La Côte Basque да се појави во киосците, Вудворд се самоубива со цијанид.


Бејб Пејли, 1960

Токму Бејб Пејли, најсаканиот лебед, била онаа која доживеала најголемо предавство. Во приказната таа е преименувана во Клео, а нејзиниот сопруг е Сидни Дилан. Како Бил, Дилан е еврејски моќен брокер, „советник на претседателите“ и непоправлив женкар.

„Единственото нешто што ме замоли никогаш да не го повторам“, вели Колбирт, „беше оној бизнис за сопругата на гувернерот.“ Таа продолжува да опишува „една малоумна протестантка со конфекциски број 40 која веруваше дека е Мери Рокфелер, и која носи ниски потпетици и користи лавандина вода.“ „Дилон“, теоретизира таа, „беснееше против WASP општеството. Токму затоа тој сакаше да ја легне сопругата на гувернерот“, вели Колбирт, „самиот да се одмазди, да ја испоти, да ја натера да писка и да го нарекува тато.“

Дилон и сопругата на гувернерот имаат секс во станот на Дилон. По одвратната сцена, која Колбирт ја опишува во детали, Дилон е престрашен од сознанието дека сопругата на гувернерот ги оставила крпите со крвави дамки со големина на Бразил.“ Таа го опишува Дилон на колена, како ги пере крпите во када, „триејќи ги како шпански селанец на поток“.

Според кажувањето на Колбирт, жената никогаш не дознава. Во реалниот живот, Бејб ослепува. Кога ја прочитала приказната во Esquire во 1975 година, боледувала од рак на белите дробови и била пред умирање. Бејб била скршена и понижена. Бил, кој ја сакал, бил многу бесен.

Капоти, кому не му било сосема јасно она што го направил и предизвикал, му се јавил на Бил Пејли. Сакал да знае што мисли Бил за приказната. Бил едноставно знаел како да го повреди. „Почнав, Труман", рекол тој, „но заспав. Тогаш нешто страшно се случи: Списанието беше фрлено.“ Неверојатно е тоа што Капоти се понудил да испрати копија. Пејли му рекол да не се мачи. „Зафатен сум во моментов“, рекол тој. „Мојата сопруга е многу болна.“

И ситуацијата била таква: За нив Капоти бил ништо, не бил достоен ни да слушне за Бејб.
По тој настан, Капоти станал уште пораскалашен. Единствениот човек со кој би можел да се спореди во тие моент и е Енди Ворхол. Почнал да се забавува во клубот Студио 54, место кое, како Капоти, ја губело релевантноста и привлечноста. Пиел и се дрогирал, држејќи ја својата лутина кон лебедите кои престанале да комуницираат со него. „Што очекуваат тие?“ – ќе речел тој. „Јас сум писател.“


Капоти во хотелот Carlyle, 8 Јули, 1976

Капоти си мислел на тоа дека сепак не биле само лебедите оние кои го искористиле него: Тој ги забавувал, ги импресионирал на нивните забави, споделувајќи го својот интелект, го земал она што го сакал и го користел.
Бејб Пејли умира на 6 јули 1978, без никогаш повторно да прозбори со Капоти. Капоти умира во 1984 година, на 59-годишна бвозраст, од рак на црниот дроб.

„La Côte Basque, 1965“ била вклучена во Answered Prayers, која е објавена недовршена, три години по неговата смрт. Во првото поглавје, Unspoiled Monsters, неименуваниот наратор ја раскажува приказната за познатиот писател кој пропаѓа, станува пијаница, и умира од рак. Капоти не дава навестување дека зборува за себе.

„Она на што мислев e следново: на еден смотан мал човек со драматичен ум кој, како една од неговите хероини, бара внимание и симпатии сервирајќи половични лаги на тотални туѓинци", пишува тој. „Тоа се странци, бидејќи тој нема пријатели.“

Извор:nypost.com

ОкоБоли главаВицФото