Сличности

17.02.2022 12:40
Сличности

 


Уште пред да ги читам записите на Иво Андриќ знаев дека и мене во далечните земји повеќе ме возбудуваат сличностите со нашиот крај отколку разликите.

Тоа го знаев и пред да прочитам еден есеј на Coмерсет Мом, што се однесува непосредно на мојата тема. Toj кажува дека во Кина донекаде му дотегнале обрасците на кинеската уметност што му ce нуделе во безброј варијанти. Негде, веќе на границата со Тибет, ce нашол во домот на еден пасиониран колекционер на старински уметнички предмети. Одеднаш, меѓу многуте локални стереотипи, забележал фигура што можела да биде пренесена само од нашите краишта. Но како? Се сетил за походот на Александар Велики и тоа му дало повод за фантазирање како ce премостуваат далечините.

И јас во Индија имав исти сензации. Me возбудуваше кога ги гледав алките на портите, камењата за седење пред нив, лепешките што ce сушат по ѕидиштата, и откривав од
каде допреле тие културни придобивки до нас. Во Ирак ме возбуди кога видов дека луѓето ги јаваат магарињата напреку преку самарот. Во Бразил се изненадив дека кафе ce пие од исти онакви филџанчиња со ребра, од какви што ce пиеше во нашата куќа во Небрегово. Тогаш ce сетив дека Арапите влијаеле со еден крак преку Турците на Балканот, a со друг во Шпанија, па отаде cè до Јужна Америка.

И мене, како и на Сомерсет Мом, малку ми дотегнаа во Индија натрупаните храмови и барокните фигури. Одеднаш во музејот во Њу Делхи забележав недовршен мраморен кип на жена од елинската традиција. Бев просто како стаписан. Откаде овде тој егземплар? Тогаш и jac ce сетив за походот на Александар Велики. Сфатив дека протекот на идеите и вредностите ce вршел на големи пространства уште во древните времиња. По тој начин ce создавале културни сфери.



Од „Дневник по многу години“