Строго принципиелно

06.04.2016 01:28
Строго принципиелно

Строго принципиелно треба да се придржуваме до трите неопходни услови за спроведување фер и демократски избори: реформа на медиумите, одвојување на државата од партијата и прочистен избирачки список. Ако макар и еден од овие услови не е постигнат, не би требало да се одржат избори. Поставена е црвена линија и таа не смее да се пречекори, строго принципиелно. Импровизации од типот „ајде да имаме избори за да видиме што ќе биде ден потоа“, такво љубопитно играње и коцкање со судбината на државата не смееме да си дозволиме.

СДСМ многу често во минатото имала лоша прогноза за изборната клима и слаба проценка на гласачкото тело. Таа редовно влетува со голем оптимизам и ентузијазам, и паѓа во депресија кога ќе се соочи со првите поголеми проблеми. Во изминатите години СДСМ не сфати и сè уште нема до крај сфатено со што и со кого си има работа на другата страна. Иако има подобар рејтинг сега, пак не треба да прифати избори на 5 јуни, ако спомнатите три услови не се постигнати, дури и ако само еден од нив не е исполнет. Башка, СДСМ не е целата опозиција. И другите опозициски партии и граѓанскиот сектор треба да се слушнат за мислење.

Еве, СДСМ и здружената опозиција и да победат на 5 јуни, тоа ќе биде со минимална разлика, а со вакви разорени институции и низок морал пак ќе има силна опозиција од ДПМНЕ, ќе следи постојана рововска борба, што ќе води кон тотално задушување и исцрпување на општеството и пак без суштински реформи. Тоа не ни треба!

Бидејќи, ако сега не успееме да ги реформираме медиумите, принципиелно не ја раздвоиме државата од партијата, не го средиме избирачкиот список, но не колку да се каже дека е среден („таму нешто да се среди треба“ вели екс-премиерот, а секој ден некоја нова нелогичност излегува од него), посебно сега кога постои силен притисок од меѓународната заедница, кога ќе го направиме тоа? Г-динот Питер Ванхауте, човек од надвор, најдобро ги гледа ненормалностите во оваа држава, и најдобронамерно ни укажува на нив. Ни претстои голема борба за повторно освојување на слободата и демократијата, а не какви-такви избори. Многу е тешко да се издржи на оваа линија, но мораме да опстоиме на тој фронт до ригорозна операција - „рез“ и реформи.

Можеби треба прво попис да се направи, за темелно да се среди избирачкиот список потоа?

На самиот почеток на преговорите во Пржино дел од граѓанството беше со став дека воопшто не треба да се разговара и преговара со криминална власт. Сепак, еден таков провизорен мост требаше да се изгради, за кризата да се решава институционално. Други укажуваа дека во преговорите треба да се вклучи и граѓанскиот сектор со свои претставници. Можеби тоа беше пропуст. Затоа граѓанскиот сектор сега преку НВО ја добива шансата да се вклучи како конструктивен елемент во окончување на кризата како и во обнова на општеството потоа.

Мислам дека во следната фаза релевантни невладини организации и независни експерти треба да издејствуваат експертска или техничка влада до нормализација со постигнување на оние три принципиелни предуслови за фер и демократски избори (и моделот со една изборна единица), како и формирање Специјален суд кој ќе ги процесуира обвиненијата од Специјалното обвинителство. Поентата е сето тоа да се спроведе институционално.

Драстично менување на ставот на меѓународната заедница кон кризата во Македонија се случи кога на 14.01.2016, повеќе од 70 граѓански организации, платформи и иницијативи упатија заедничко писмо до еврокомесарот Јоханес Хан и другите меѓународни фактори активни во решавањето на политичката криза во Република Македонија, во кое бараа одложување на предвремените парламентарни избори. „Наша единствена цел е овозможување вистинска фер, демократска и слободна атмосфера за избори во кои ќе веруваат сите и кои граѓаните ќе ги препознаат како артикулација на нивната волја за политички избор.“

Под притисок на меѓународната заедница потоа изборите беа одложени.

Тоа беше голем успех на граѓанството и доказ дека граѓанскиот отпор е силен фактор кој може да влијае на процесите, па дури и да направи пресврт! Кога интервенира квалитетно и со вистински потези во вистинско време!

Значи, за така променетиот однос на меѓународната заедница треба да станеме свесни и соодветно да се поставиме и преструктуираме. Фиксирање датум за избори нема повеќе смисла без квалитетни промени. Еднаш засекогаш.

Мудро е да се послуша што ни советува гласноговорникот Питер Ванхауте! Тој самиот за себе кажа дека не е дипломат, туку независен експерт, искрен е и директен во споделување на критичкото мислење за сите наши проблеми.

Вистински пријател на Македонија во овие тешки моменти!