Комунизмот уште еднаш е пред портите

06.05.2010 13:29
Комунизмот уште еднаш е пред портите

„Најопасниот филозоф на Западот“ и традиционалниот гостин на манифестацијата Subversive Film Festival, кој се одржува од 1 до 25 мај во Загреб, пишува за ирационалноста на глобалниот капитализам и прашањето за комунизмот денес.

Кон крајот на 2008 г., истражувачката група која ги истражуваше трендовите за епидемијата на туберколоза во Источна Европа последниве неколку децении, своите истражувања ги остави на увид на јавноста. Анализирајќи ги податоците од 20 држави, истражувачите од Кембриџ и Јејл воспоставија јасна врска меѓу кредитите кои на тие држави им беа доделени од страна на ММФ и случаите на туберколоза – штoм кредитите исчезнат, туберколозата се повлекува.

Објаснувањeто за оваа, навидум, чудна поврзаност е многу јасно: предуслов за добивање кредит од ММФ е тоа што државата мора да воведе „финансиска дисциплина“, т.е. да ги налами јавните трошоци; а првата жртва на мерките кои би требале повторно да го вратат „финансиското здравје“ е самото здравство. Или, со други зборови, трошоците за услугите на јавното здравство. Потоа се отвора простор за западните хуманитарци да ги оплакуваат катастрофалните услови на здравствените услуги во тие земји и да понудат помош во облик на добротворство.

Со финансиската криза стана невозможно да се игнорира еклатантната ирационалност на глобалниот капитализам. Споредете ги 700-те милијарди долари потрошени само во САД за да се стабилизира банкарскиот систем со фактот дека од 22-те милијарди долари, колку што се бара од богатите држави да помогнат за земјоделството во сиромашните држави во развој, досега се обезбедени само 2,2 милијарди.

Вината за кризата со храна не може да се префрли на вообичаените осомничени, како корупцијата, неефикасноста и државниот интервенциозализам во земјите од Третиот свет; сосем спротивно, таа е директно зависна од глобализацијата на земјоделството, како што тоа го појасни Бил Клинтон во својот коментар за кризата за време на собирот во ОН, кога се одбележуваше Светскиот ден на храната, под наслов „Се расфрламе со глобалната храна“. Суштината на неговиот говор беше дека денешната криза покажува дека сите “сме се расфрлале, вклучувајќи ме и мене кога бев претседател“, така што плодовите од земјата попрво ги третиравме како стока наместо како ресурс кој очигледно е од животно значење за сиромасите во светот.

Клинтон беше многу јасен во префрлањето на вината не на поединечни земји или влади, туку на долгорочната западна политика која ја наметнаа САД и ЕУ, а која со десетлетија ја применуваа Светската банка, ММФ и останатите меѓународни организации. Оваа политика ги присили африканските и азиските држави да се откажат од државните субвенции за ѓубриво, подобрено семе и други вложувања во фармите, овозможувајќи на тој начин најдобрата земја да се користи за извозна храна и така да се упропасти способноста на тие земји да бидат само-одржливи во производството на храна.

Исходот од ваквите „структурни прилагодувања“ беше интеграција на локалното земјоделие во глобалната економија: колку повеќе се извезуваа домашни култури, толку повеќе овие држави мораа да се потпираат на увозната храна, додека земјоделците се исфрлени од сопствените земјишта и се принудени да заминат во сламовите, каде единствена расположлива работа е онаа во експлоататорските фабрики за извозни стоки.

На тој начин, многу држави се држат во постколонијална зависност и стануваат сè поранливи на потресите на пазарот – зголемувањето на цените на житарките во последниве неколку децении (предизвикано со користењето на посевите за био-гориво наместо за храна) веќе предизвика гладување во државите од Хаити до Етиопија.

Последниве години таквите стратегии станаа системски и го проширија својот круг на делување: големите меѓународни корпорации и влади сега се обидуваат да го надоместат недостатокот обработлива земја во сопствените држави така што отвораат големи индустриски фарми во странство. На пример, во декември 2008, Daewoo Logistics во Јужна Кореја најави дека преговара за 99-годишен наем на околу 3,2 милиони хектари земјоделска површина на Магадаскар, што претставува речиси половина од обработливата земја на овој остров. Daewoo планира ¾ од таа земја да ја искористи за житарки, а остатокот за производство на палмино масло, како главна стока за глобалниот пазар на био-гориво. А тоа е само врвот на сантата мраз: некои европски компании последниве две години изнајмија земјиште за садење житарки и био-гориво, како што се британската компанија Sun Biofuels, која сега сади житарки за био-гориво во Етиопија, Мозамбик и Танзанија. Плодното тло на Африка исто така е погодно за земјите богати со нафта од Персискиот залив, бидејќи големите пустини ги присилуваат да увезуваат поголем дел од својата храна. Бидејќи таквите богати држави лесно можат да платат за увоз на храна, немирот на глобалните пазари за храна само го зголеми нивниот поттик да ги обезбедат сопствените извори на снабдување.

Тогаш, кој е поттикот на другата страна, на оние африкански земји во кои гладот е распространет, а на чии земјоделци им недостасуваат основните средства, ѓубрива, гориво и инфраструктура потребна житарките да се одгледуваат и донесат на пазарот?

Претставниците на Daewoo тврдат дека нивната работа исто така ќе му користи на Мадагаскар: не само што земјата која тие ја изнајмуваат е неискористена, туку „Daewoo планира да извезува плодови на земјата... и планира да вложи околу 6 милијарди долари во наредните 20 години за да изгради пристаништа, патишта, електрани и системи за наводнување кои се потребни за да се одржи земјоделството во таа земја, што ќе отвори илјадници работни места за невработените во Мадагаскар. Вработувањето ќе му овозможи на народот на оваа земја да заработи пари и да купува сопствена храна – дури и ако е увезена“. Кругот на постколонијалната зависност е повторно затворен, а зависноста од храна само ќе биде влошена.

И затоа, не ли се приближуваме до глобалната состојба во која латентната светост на трите главни материјални ресурси (нафта, вода и храна) станува определувачки фактор на меѓународната политика? Не е ли недостатокот на храна – кој (засега) станува видлив во спорадичните кризи овде-онде – е еден од знаците на апокалипсата која доаѓа? Бидејќи таа појава е предодредена со разновидни фактори (растечки потреби во земјите кои брзо се развиваат, како Индија и Кина; неуспешните жетви поради еколошки пречки; користењето големи делови обработлива површина во државите од Третиот свет за извозни производи; пазарно условеното користење на житарките за други цели, како за производство на био-гориво), се чини дека е јасно дека ова не е само краткорочен проблем кој може да биде брзо решен со соодветна пазарна регулација, туку, пред сè, претставува знак на еден долгорочен проблем кој е невозможно да се реши со средствата на пазарната економија. Некои апологети на новиот светски поредок истакнуваат дека недостатокот на храна сам по себе е показател за материјалниот напредок, бидејќи луѓето во земјите од Третиот свет кои се развиваат брзо заработуваат повеќе, па можат да си дозволат и да јадат повеќе. Меѓутоа, проблемот се состои во тоа што новата потреба за храна доведува милиони луѓе до глад во земјите во кои недостасува таков брз економски раст.

Не важи ли истото за надоаѓачката енергетска криза, како и недостатокот на вода кој ни се заканува? За соодветно да им пристапиме на овие проблеми, ќе биде неопходно да се измислат нови облици на големи колективни акции; ниту вообичаените облици државен интервенционизам, ниту многу фалените облици на локални самоуправувања овде нема да бидат доволни. Ако овие проблеми не се решат на некој начин, најверојатното сценарио ќе биде нова ера на апартхејд во кој ќе има одвоени делови на светот кои уживаат во изобилство храна, вода и енергија од хаотичниот „надворешен свет“ обележан со раширен хаос, глад и постојани војни. Што би требало да сторат луѓето на Хаити и другите области погодени од недостаток на храна? Немаат ли тие целосно право на насилна побуна?

Комунизмот уште еднаш е пред портите.


Извор: e-novine

Скулптури: Rachel Niffenegger

Жижек се изгуби во

Жижек се изгуби во „комунизмот„. Веќе самиот не знае што му е поентата, оттука може да се најде само на страниците на балканските списанија, и во оние кои се палат на причици за „комунизмот“. Треба да си најдат нова тема со Слапшак; да се надеваме дека нема да е филмот .

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија
Свет / Технологија / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Европа / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото