1017 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 07:59
Мафијата, поврзана со случајот „Космос“, за кој води истрага и Специјалното јавно обвинителство, решила да го возврати ударот. Професорот Мирослав Грчев од Архитектонскиот факултет во Скопје, кој вршел вештачење во овој случај, како единствен овластен вештак од областа на урбанизмот во земјава, деновиве добил известување да се јави во Основното јавно обвинителство во Скопје во својство на пријавен според Кривичниот законик.
Имено, Грчев е пријавен за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, според член 353 од Кривичниот законик на РМ. Овој член го санкционира искористувањето на службената положба од страна на службено лице со цел да прибави за себе или за друг некаква корист или на друг да му нанесе штета. Најмалата запретена казна во ставот 1 од член 353 е затвор од шест месеци до три години.
- Кривичната пријава што ја добив е само едно средство од големиот дијапазон оркестрирани и од едно место диригирани средства со кои со злоупотребуваат органите на државата, се врши притисок да се затне секој глас на разумот, секој глас на знаењето и експертноста и секој глас кој што, во конкретниов случај, е искористен во полза на остварувањето на вистината и на правдата. Сега, со кривичната пријава се врши координиран напад врз СЈО во врска со случајот „ТНТ“ во кој што Архитектонскиот факултет и јас изработивме вештачење по наредба на СЈО – вели Грчев.
Според него, очигледно е поклопувањето на времето на оваа кривична пријава со големата кампања која што се одвива низ медиумите, како и инспекциите кои минатата недела беа испратени на Архитектонскиот факултет.
- Не може човек да не се изненади од овој чин, иако е тоа она што гледаме дека им се случува на сите кои ќе ѝ се испречат на патот на таа партиско-државна мафија на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, која што нѐ остава секогаш изненадени затоа што нашите умови и нашата морална интуиција, не ги прифаќаат грдите факти од стварноста во која се наоѓаме. Иако толку многу добро знам кои се злоупотребите на оваа криминална партија и на што сѐ се подготвени, секогаш повторно нормален човек сака да ги гледа работите дека се подобри одошто се, сака да им даде човештина на овие луѓе кои очигледно одамна ја немаат – вели Грчев.
Професорот во понеделник треба да се појави во Основното јавно обвинителство во Скопје, по поканата што ја добил како пријавен за наводно сторено кривично дело.
Се смета дека ова е обид Обвинителството да го оттргне вниманието на јавноста од предметот што го води СЈО и да изврши притисок врз професорот Грчев, инаку долгогодишен упорен и доследен критичар на режимот на Никола Груевски.
Извор: Плусинфо, 22.06.2016