1030 hPa
32 %

12 °C
Скопје - Сре, 19.03.2025 13:59
Пискотници, обвинувања за варваризам и апели власта да преземе сè што е во нејзина моќ трештат од провладините мегафони по обидот за уривање на споменикот на Прометеј во паркот пред парламентот за време на големиот протест на Шарената револуција. Ништо чудно.
Бидејќи самата замисла на проектот е дивјаштво од гр(анди)озни размери, вандализмот уште многу долго време ќе биде главна карактеристика на восприемањето и односот кон делата - авторите си ги нарекуваат уметнички - во „Скопје 2014“.
Сите тие бронзено-мермерни полуфабрикати расфрлени низ центарот на метрополата може да бидат само едно: споменик на големиот пораз што го претрпе нацијата, не само во архитектурата и уметноста. Поточно би било да се каже споменик на големото предавство. Зашто, насилието на варварите не наиде на никаков отпор, дури ни од најкултурните и најцивилизирани поединци и институции. Тие го окупираа, го присвоиja заедничкиот јавен простор за да може лидерот, заедно со другите припадници на злосторничко здружение, со наши пари да ги реализира своите налудничави, вандалски идеи. И, патем, да урива, да сквернави сè што некој друг пред него градел. „Спомениците“ секогаш ќе бидат во опасност од проста причина што нема власт, закон, нема сила што ќе може да го спречи тоа што тие кичерајски дела го будат кај културниот поединец: чувството на гадење и превртувањето во стомакот.
Извор: Слободен печат
Фотографија: Ванчо Џамбаски