Џелал Незири: Молкот е одобрување на корупцијата

11.07.2016 01:07
Џелал Незири: Молкот е одобрување за корупцијата

Првиот човек на SCOOP, Џелал Незири, е еден од малкумината што долго време се занимава со истражувачко новинарство, кое ден по ден станува сè поретко во медиумите, не само во Македонија, туку општо, како последица на таблоидизирање на медиумите и доминацијата на „жолтите“ содржини. Во интервјуто за „Сервис за проверка на фактите во медиумите“, зборува за предизвиците со кои се соочува истражувачкото новинарство во Македонија, со посебен акцент на областа на институционалната корупција.

 

 

Зошто во Македонија е многу малку развиено истражувачкото новинарство, особено во областа на институционалната корупција?

Џелал Незири: Да, истражувачкото новинарство е многу малку развиено во Македонија. Поради две причини: првата е недостигот од финансиска кондиција на медиумите што го подржуваат истражувачкото новинарство, а втората – недостигот од слобода за да се истражува или да објават стории каде што се откриваат случаи на корупција поврзани со влијателни луѓе од политиката или бизнисот. Овде се соочуваме со една контрадиктоност што се создала од системот во Македонија: слободните медиуми што може да го развијат истражувачкото новинарство немаат доволно финансиски средства, додека медиумите што имаат вртоглави приходи немаат слобода за истражување или објавување на истражувачките новинарски производи. Треба да имаме предвид дека освен професионалните способности, истражувачкото новинарство подразбира и поголем трошок за медиумските компании. За да се има една добра истражувачка сторија, еден новинар треба да работи од еден до три месеци на одредениот предмет. Трошоците во целиот овој процес може да бидат високи бидејќи се потребни патувања, сместувања, плаќање за потребните документи и така натаму.

Од Вашите досегашни истражувања за корупцијата во државните институции, што сте констатирале, дали реагирале надлежните институции, дали се зголемува граѓанската свест?

Џелал Незири: Корупцијата станала дел од системот, нормалност и начин на функционирање. За жал. Не сакам да генерализирам и да кажам дека сите функционери или институции се корумпирани, но можам да кажам дека најголемиот дел од нив не работат според законите и Уставот. Во изминативе десет години, повеќе од 5 милијарди евра се излезени од државава како последица на корупцијата. Тие пари се собрани од даноците што ги плаќаме секој ден, секој месец, секогаш кога ги плаќаме фактурите за електрична енергија, вода, телефон, секогаш кога влегуваме во продавница, ресторан… Ова докажува дека надлежните институции, како обвинителството, полицијата и судовите, потфрлиле во насока на борбата против корупцијата. Истото се однесува и на Државната комисија за спречување на корупцијата, како независно тело што треба да се бори против оваа негативна појава што нè осиромашува сите нас.

Само новинарите и еден дел од независните медиуми се тие што водат една тешка битка со корупцијата. Задача на секој поединец, администратор или професионалец од разни области е да го предизвика ова зло. Во една куќа каде што има крадење, само сиромаштијата наоѓа место. Нема напредок во таа куќа во која членовите на семејството ги злоупотребуваат средствата од заедничкиот семеен буџет. Исто е и со државата, општината, институцијата. Мислам дека оваа свест недостига кај најголемиот дел од граѓаните, јавноста. Државниот буџет, од општините, училиштата, болниците или воопшто од институциите, се смета за туѓ, како да е наполнет со пари што паднале од небо. Како резултат на тоа, злоупотребата на должноста и на јавните средства речиси се сфаќа како нормално нешто.

Велите дека нема свест за последиците од корупцијата. Врз што ја темелите оваа констатација?

Џелал Незири: Македонија е единствен случај во светот каде што се откриле толку експлицитни корупциски афери, но реакцијата во јавноста е млака. Во европските земји имаме оставки од министри, премиери и од претседатели само зошто има сомнеж за неговата диплома, зошто го користел службеното возило за лични потреби или го злоупотребил буџетот или надлежностите. Кај нас, таканаречините „бомби“ на опозицијата ѝ ја пренесоа на јавноста целата таа корупција што се случува зад завесите, но тоа не предизвика реакции што би ја натерале владата да даде оставка. Ова е загрижувачко за Македонија, за сите граѓани што одлучиле да живеат чесно во оваа држава. Пред „бомбите“, корупциски афери откриваа и новинарите, но сè поминало во молк кај најголемиот дел од јавноста. Молкот, во овој случај, не е само одобрување, туку и учество во корупцијата.

Колку влијаат истражувачките стории за корупциски случаи во намалување на корупцијата во земјава?

Џелал Незири: Сè додека немаме независно судство и институции, не може никој да придонесе во намалување на корупцијата. Ние, како новинари, се обидуваме да ја подигнеме свеста на јавноста за последиците од корупцијата, како што се сиромаштијата, криминалот, масовното заминување на младите… Ова се обидуваме да го направиме откривајќи ги злоупотребите на јавните средства на нашите избраници и поврзувајќи го со потребата за реакција. Но, најважно во овој случај е независното функционирање на Обвинителството. Оваа институција законски е обврзана да реагира и по институционален пат да ги истражи сите индиции за корупција, вклучувајќи ги и тие што се појавуваат во медиумите во форма на истражувачки стории. Досега ова не се случило. Сега, откако се формира Специјалното обвинителство, верувам дека нештата ќе се променат во позитивен правец. Потребна е департизација на судовите и на полицијата. Апсењето на корумпираните политичари ќе биде одлучен чекор за откорнување на оваа негативна појава. Откако ќе се случи ова, граѓаните ќе го почуствуваат позитивниот пресврт во правец на зголемување на капиталните инвестиции во образование, здравство, инфраструктура… Парите што ги плаќаат во форма на данок ќе им се вратат како инвестиции и развој.

Колку се отворени институциите за информации од јавен карактер?

Џелал Незири: Иако со максимално доцнење, речиси сите институции одговараат на прашањата врз основа на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Има и случаи каде што одбиваат да се соработуваат, но има надлежна комисија што може да ја натера институцијата да одговори. Законот предвидува казни со затвор до пет години доколку не се даде одговор на прашања што се однесуваат на информација од јавен карактер. Ова право треба да се искористи од сите, за да се држат под контрола администраторите и функционерите што се плаќаат од нашите даноци. За жал, ова право многу ретко се користи од новинарите како средство за истражување и за документирање на информацијата. Уште помалку го користат невладините организации. Ние мораме да ги набљудуваме институциите за да ги превенираме финансиските злоупотреби.

Од Вашето досегашно искуство, кои методи се потребни за превенција на корупцијата?

Џелал Незири: Соработката меѓу медиумите, цивилното општество, Државната комисија за борба против корупцијата и Обвинителството може да донесе видливи резултати. Досега, сите стории се процесираат од Државната комисија за спречување на корупцијата и од Обвинителството, за на крај правото да го дели судот. Доколку законот не важи за сите еднакво, тогаш конфликтите во државата се логички тек.

За крај, како би ги охрабриле младите новинари за да се занимаваат со овој предизвик, односно со борбата против корупцијата?

Џелал Незири: Секој човек доаѓа на свет со една мисија. Секому е дадена една улога за да ја исполни својата мисија. Човечкиот живот е како патот на метеорот: тој секогаш свети пред да падне. И новинарот исто така има една мисија – да ја обелодени вистината што која ќе ја направи неговата земја едно подобро место за живеење, ќе обезбеди подобар квалитет на живот и ќе го направи општеството посигурно за неговите потомци. Корупцијата е извор на злото и непријател на вистината. Молкот, во овој случај, е најдобриот сојузник на корупцијата. Младите новинари имаат капацитет, волја, храброст но и технолошки средства за да направат една истражувачка сторија. Ним им е потребен само малку медиумски простор и поддршка за да ја реализираат оваа мисија.

 

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).