Граѓанското новинарство – момент на изневерено очекување

21.07.2016 09:20
Граѓанското новинарство – момент на изневерено очекување

„Не се изли канализација само у Прилеп, по обидот за пуч на Ердоган, многу фекалии испливаа и на ФБ!“ – ФБ-коментар на мој колега и добар пријател од пред некој ден во обидот да го коментира последното во политичкото и кај нас, а особено во светот. Но, едновремено, истиот коментар ми даде и добар повод за „лајт“ анализа во однос на улогата и значењето на „новите медиуми“, особено еден нов феномен, поврзан со граѓанското новинарство. Го имаме ли и треба ли да го имаме? Доволно провокативно за барање солвентни одговори!

 

Измина неделата на цементирани позиции и кај позицијата и кај опозицијата, но и кај посредниците. Парадоксално, но вистинито: да се сака да се остане цементиран во она што е добро за нас е разбирливо, но да се сака да се остане цементиран во лошотилокот, тоа е целосно бесмислено и погрешно, но феноменолошки разбирливо ако се знае дека две се основните матрици: демократската и националистичката (конзервативизам). Кога едната ќе се истроши, се оди кон другата и така цел век во недостиг од идеи кај нас.

Но, нејсе. И светот каска по разбирање и по разбивање на шаблони и на традиции како и ние. Турција по четири успешни државни удари, петтиот не ѝ појде од рака. Без оглед на сите небулози од нашиот политички естаблишмент да даде подршка, без оглед на сите конфузии кои медиумите ги создадоа преку дезинформациите, квазианализите и безуспешното ширење паника, сепак, една работа повторно се провлече номинално – улогата на граѓанинот во демократијата, особено онаа која тој се обидува жолчно да ја наметне на дневната агенда во облик на негова инволвираност во информативниот процес – граѓанското новинарство. Да се знае од прва рака, од самото место, непосредно, додека „типичните новинари и медиуми“ не се во моженост да реагираат правовремено!

И што сега да се прави од аспект на етичност на професијата? Можно ли е и оправдано овој тип на т.н. новинарство да се втурне во медиумската реалност? Иако глупаво е денес да се очекува да имаме линеарни медиумски производи, напуштањето на вертикалниот протек на информации кои доаѓаат од официјалните центри на информацијата, за сметка на сѐ поголемото хоризонтално собирање на информации „peer to peer“, го потврдува истото. Од каде води оваа доверба во овој тип на собирање информации!? Најверојатно поради загубената доверба на граѓанството во институциите и во официјалните извори на информации. Оттука, може ли граѓанското новинарство да го замени традиционалното новинарство, а побитно е треба ли овој тип на „новинарство“ да го замени сегашното?

ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА СУДБИНАТА НА ЕДНА ПРОФЕСИЈА

Според угледниот професор Џовани Гоцини од Италија, со кого имав можност да се сретнам и да поразговарам на оваа тема пред нешто повеќе од еден месец на една научна конференција во Црна Гора, изгубена е довербата во класичното новинарство, а тој поткрепата за вебот како извор на информација ја наоѓа во ставовите на Питер Дахлгрен кој вели: „Новинарството стана интерактивно, колаборативно, различито, партизанско и непосредно“. Дали тоа значи дека имаме една објективност која ѝ се заканува од медиумската сцена!? Нејзина замена е големиот број анонимни извори и обидот новинарот истите да ги прикаже, а јавноста да даде суд (морален) за нив, односно како што вели Гоцини: „Вебот 2.0. дава потенцијал на анонимни извори чија веродостојност ја испитува новинарот, а објективноста ја оценува јавноста“.

Но, токму таа хоризонтална информираност која значи анонимни извори на информации, не е и ново новинарство, т.е. граѓанско новинарство како замена за традиционалното! Зошто? Се работи за преиспитување на судбината на една професија која мора да има своја идеологија, т.е. костур на проценка, а кој се состои од служење на јавноста (не постои демократска власт без новинарство); актуелност (тиранија на моментот се преведува како брзина на објавување на информациите); објективност (слика за светот која денес е свртена обратно); автономија (независни новинари и медиуми иако денес парите го диктираат и вртат светот и го уриваат ентитетот со што идеотипските модели како никогаш и да не постоеле); како и етичност (новинарите работат со јавниот збор исто како што хирурзите работат со скалпер, што значи и одговорност за јавниот збор).

Оттука, дилемата е повеќе од јасна: дали граѓаните можат да бидат новинари – граѓанско новинарство, иако се знае дека тие немаат ниту основа на медиумска информираност и писменост, „in-house“ тренинг, професионален кодекс, а имаат само ограничени ресурси. Односно, и покрај обидите граѓанското новинарство да се/биде декларира(но) како создавање на „нова димензија во релацијата граѓани и медиуми (…), концепт кој почнува од одамна заборавените позиции на новинарството дека тоа ја има темелната одговорност во градењето и зајакнувањето на граѓанската култура (…)“, па сѐ до констатацијата дека „да се стои настрана, како некој неутрален набљудувач, веќе не е можно, иако некои новинари од забеганото новинарство, го посакуваат тоа“ – истото не значи и не треба да биде во никој случај „потрагата по изгубениот новинарски рај (…)“, затоа што „довербата во актуелната новинарска практика во Република Македонија е на најниско ниво од 2006 година наваму“.

ОД РЕЦИПИЕНТ ДО КОМУНИКАТОР

Да резимираме, со фактот што новите медиуми овозможија секој човек од реципиент да стане комуникатор, комуникација еден на еден, што придонесува за демократизација, слобода на говорот…, едновремено се случи и „момент на изневерено очекување“ поради ризиците кои ги носи ова граѓанско новинарство, за кое критичарите, како што се Николас Леман, Винсент Махер и Томас Грубишич, тврдат дека „не е регулирано, премногу е субјективно, аматерско и случајно во квалитет и во покриеност“. Со други зборови, се работи за предоминација на тесни интереси и на лични интереси; нејасен идентитет на авторот; плагијаризам; ширење дезинформации и гласини; прикриено финансирање на објави; бришење и преиначување на историјата на известувањето; нанесување штета на другите граѓани („сајбер-булинг“ – детско исмејување на „Фејсбук“); неетичност, а особено, погледнато од аспект на етичноста на професијата – отсуство на одговорност за јавниот збор.

Оттука, дилемата и понатаму ќе виси со техничко-технолошкиот развој во однос на новите медиуми: дали се формира мрежа на истомисленици или мрежа за поттик? Имено, според зборовите на не така одамна починатиот философ Умберто Еко во третата глава од неговото дело „The open work“, тоа што сме во ова ново време, време на транспарентност и отвореност до бизарност, значи само спектакуларна празнина и оголени вредности: кои се авторитетите денес? Присутноста на телевизијата дава одговор за авторитетите. Тоа придонесува за уривање на нечиј интегритет, оголување на сопствената личност. Оттука, новите медиуми се инструментализација на општествените вредносни ориентири. Но, сѐ додека граѓаните не се научат на медиумска писменост, сегашното граѓанско новинарство е и ќе биде облик на малограѓанско новинарство.

 

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Дејвид Ирвин