Мастилница

25.08.2016 08:52
Мастилница

Писателот Евдокимов беше честољубив за својата младост, имаше цврсто здравје и желба да решава такви задачи кои беа претешки за неговите претходници, макар тие биле и великани.

Еднаш тој прочита некои зборови на Чехов дека може да се напише расказ за што било, па дури и за мастилница. И тоа го изненади. „Па, самиот ти не си напишал“, подбивно помисли за Чехов. „Аха!“

Тој ги обиколи сите продавници во потрага по мастилници и не најде ниедна, зашто уште одамна не се произведуваат мастилници и никој веќе не пишува со мастило. Тогаш појде кај баба си, знаејќи дека таа не фрла ништо од старите предмети – и навистина кај неа најде мастилница. Сипа мастило во неа (уште се продаваат мастила – за пенкалата што пишуваат со мастило, иако никој не ги купува таквите пенкала; тие се лошо, ако не се од марката „Паркер“, но за „Паркер“ потребно е друг тип мастило, а други мастила нема, затоа никој не ги купува таквите пенкала и воопшто не е јасно зошто ги продаваат).

Евдокимов ја стави полната мастилница со мастило пред себе и почна да размислува.
Мастилницата порано била од проѕирно стакло, но поради мастилото таа сега беше станала темносина.

Таа беше непропустлива, т.е. со конус свртен навнатре, и навистина не истекуваше мастило од неа ако внимателно ја превртевте наопаку. А ако ја растресете (Евдокимов го проба тоа), секако дека испушта мастило.

Три дена и три ноќи се мислеше над мастилницата – и ништо не успеа да смисли. И во очај поради својата неталентираност – се обеси.

Од една страна тоа е тажно, но од друга страна, вие не треба да го жалите него, зашто не постои никаков писател, јас го измислив него. А баба му навистина има мастилница и ја чува поради некоја причина. „Не се одвојува од тоа гомно!“, темпераментно вели за неа нејзиниот зет, таткото на Евдокимов, кој не ја сакаше својата тешта. Впрочем… да му се невиди, Евдокимов не може да има татко ако не постои никаков Евдокимов!

Се збунив. Извинете…

Превод од руски: Ѓорѓи Крстевски
Слика: Манфред Луциус

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото