Пет минути

21.02.2017 01:29
Пет минути

Мислам дека почнавме, поодамна, да претеруваме во придавањето значење на сите шутраци и будали и нивните „изјави“ – особено оние постирани на фејсбук – или коментари за одделни актуелни или историски настани и личности. Се разбира, целам на сите оние владовци, цветини, филипи и остала булумента која за пет минути медиумско внимание е спремна да каже сè и сешто, и тоа што го мисли и тоа што не го мисли, па и тоа што некој ѝ рекол да го мисли или рече. Некако, се заморуваме околу неважни нешта, се концентрираме околу провинциски тралалајки, а ни поминуваат цели композиции суштествени работи на кои што не стигнуваме да им обрнеме внимание.

Рекол некој тоа и тоа! Па што ако рекол? И зошто е пак тој толку важен односно неговото мислење за ова или она би било од некакво значење за нас? Па нека е и за Рацин, или за потенцијалната војна во Македонија? Ако една битанга може кај секого од нас, но и во јавноста, да го смени мислењето за основоположникот на современата македонска поезија, тогаш ние и не сме имале некое високо мислење за Рацина, нели? Или сега ќе тргнеме да ги менуваме учебниците (ако Рацина воопшто и го има во нив) или книгите во кои што се спомнува неговото име и (особено) поезијата само заради фактот што еден шутрак почувствувал што „пали“ во државава, начекал микрофон и распалил „све у шеснаест“? А пред да се обрне посериозно внимание, треба и да се погледне подобро кои се тие што ги шират тие и такви муабети, колку се тие достојни и името на некои македонски великани да го спомнат. И не само тој некојси Цветин, туку и оној ситен гаулајтер кој се осмели да го изговори името на Конески во познатиот контекст – а Цветинот да го копира, барем да измислеше нешто свое – и уште многумина такви гниди кои безмалу цела деценија ги полнеа страниците на печатот и екраните на телевизиите со нивните гадости за сè што беше цивилизирано, креативно, вредно во оваа држава во минатото.

Некој, мислам дека беше Ворхол, беше рекол дека секој во животот заслужува пет минути слава. (Да, знам дека Ворхол говорел за петнаесет минути слава, ама тоа било во далечната 1968 година. Денес таквиот тип „слава“ трае само – пет минути!). Па нека им е, макар кај некои тие пет минути траат и пет дена, кај некои дури десет години. Ама таа и таква „слава“ баш и не ја посакува секој, особено не нормалните луѓе! Затоа – нека им ја, им личи и нека си ја носат!

И не мислам некому да солам памет како треба да се однесува во такви случаи зашто и јас сум реагирал, и реагирам – глупаво, се разбира – на одделни слични будали и будалаштини (од форматот на Сарајлија, нормално), свесен дека сето тоа, на крајот, одело во ветер и дека е само дел од петте минути на овие. Па нека им се! Иако, признавам, повеќе успева да ме исфрли од такт она другоно „интелектуално“ лигавење кое по секоја цена сака кај ваквите идиоти да пронајде нешто конструктивно, да анализира, „поучно“ да сугерира… наместо да измаршира – отворено и јасно. И сè е некако во ракавици – а овие токму тоа и го сакаат – сè е „округло па на ќоше“, според старата македонско-византиска „ука“.

Или замислете што сè се говори во некоја поголема од нас земја, некоја со три-четириесет милиони жители, меѓу мои, секако, и добар број будали кои исто така во заседа ги чекаат нивните пет минути. Какви сè глупости и идиотизми и во какви количества се изнесуваат и во тие земји само за да се домами рефлекторот на јавноста, па никој претерано не се потресува или им придава некакво значење?

Истото сум го мислел и го мислам и за оние фами околу наводните смислени планови и операции од страна на криминалнава врхушка за божемни настојувања за некаква ревизија, или ретуш на мaкедoнскaтa истoријa и некои истoриски личнoсти, нивната компромитација и/или релативизација на нивното значење.

Прво, не можат вакви глупи луѓе да смислат такви планови и операции. Можат, евентуално, да добијат „однадвор“ некаков готов рецепт, некаква обмислена „стратегија“ за ослободување од елементи од поблиското или подалечното минато, за „прочистување“ од „комуњарските“ инфилтрации во културата, науката, образованието. Ама, второ, вакви шутраци не би можеле ни готово сервираното да го спроведат. Неуки се бре, брате, неспособни, глупави… Ја промашуваат поентата, или ја забораваат, им бега суштината а излегува идиотштината итн. Она што нашиве можат да смислат е шизофренија од типот на „Скопје 2014“, и тука можеби замешале прсти и некакви станковци, серкањци и остала каллива лумпен интелигенција, ама, повторно – гледајте го резултатот!

Таков впрочем е и обидот на тој Цветин, и на сите други, и ете како завршуваат: за потсмев! Некој, можеби и тој, како и другите пред него, нешто ситно ќе ќари, ама генерално јавноста веќе бара жолтото комбе да почне да функционира, конечно, на релацијата Скопје-Бардовци! Инаку, да, зборот е пуштен, што се вели, муабетот е излезен, ама такви муабети се изнаслушавме во овие десет години… Плус, кога ќе видите кој им аплаудира, сè ви станува уште појасно! Впрочем, и фејсбукот, и сите реални шоуа и контактни емисии се измислени токму заради потребата секоја будала да си ја (по)каже маката. (Не се исклучувам ни себеси, се разбира!)

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Seir