Што ни недостасува?

12.08.2020 11:08
Што ни недостасува?

Ни недостасуваат многу материјални нешта, ама тие не се приоритетот, тие со време ќе дојдат, по силата на претпоставениот развој. Повеќе ни недостасуваат оние духовните, ама тие најтешко се надоместуваат. А меѓу нив, ни недостасува образование, култура, научна мисла … ни недостасува Уметност која на поинаков начин ќе ни ја интерпретира стварноста, можеби, ако треба, и ќе нè утеши, ќе нè натера да седнеме и размислиме за животот, за секојдневието, за иднината. Ни треба еден наш Банкси да ни каже дека очајот е минлив, дека можеме и самите да го изгониме и да го замениме со надеж, дека ни треба ум и решителност. Ни треба и еден Лешек Швиџински да им ја испее „Nessun Dorma“ на здравствените работници. Ама такви денес немаме, за жал. Имаме само – племенски политичари! И тоа лоши, приучени, нетактични, самобендисани, глуви за сè друго освен за својот глас, и џеб.

Но не беше секогаш така. Го имавме еден Конески чиј неприкосновен глас беше ненадоместливо искуство, чиј стих се римуваше со нашата сушност; го имавме еден Мазев кој наспроти сиот негов вехементен експресивен виор умееше да влее силна надеж, дури среќа дека и големата уметност е дел од ова општество; го имавме и еден Хаџи Бошков кој „филозофски“ ни ги моделираше човечките доблести и слабости, кој умееше да ни ја прикаже нашата празнотија и немир, нашиот провинциски менталитет… Имавме и многу други. Добро, не толку многу, ама сепак. Некои од нив се сè уште меѓу нас ама како да не се: ретко кој ги знае, младите воопшто, никој не ги прашува ништо. Ги испративме во заборав, што се вели – живи ги погребавме. А имавме и по некој умен државник. Денес немаме ништо! Денес имаме само – племенски политичари! И тоа лоши, приучени, нетактични, самобендисани, глуви за сè друго освен за својот глас, и џеб.

Таква држава има прилично неизвесна иднина. Политичарите „не ги прават“ државите туку умните луѓе – уметниците, филозофите, писателите… – тие ги поставуваат не само темелите туку и насоките на развојот, стратегиите и тактиките (што би рекол Банкси). Држава што не ги користи своите креативни и научни потенцијали е банкрот држава. Ние нештата ги свртевме наглава: од периферното правиме централно, од маргината сакаме да исцртаме Мона Лиза (макар и Дишановска), од аутсајдерите правиме лидери и очекуваме смерници! За таква „стратегија“ нема соодветен пример во историјата, таква тактика не познава современиот свет!!!

Впрочем, токму тој современ свет одамна ни признал дека имаме апсолутно несекојдневна способност за занимавање со небитни нешта во важни времиња, со дребулии во кризни состојби, со маргинални прашања во речиси клучни мигови. Нашата моќ за синтетизирање на искуствата, добри и/или лоши, нашиот потенцијал за справување со суштинските проблеми на државата/општеството и стратешкото планирање на иднината се сведени безмалу на нула. Не го користиме дури и тоа што го има(в)ме како некакво аналитичко сознание преточено во оние малубројни сериозни државни документи, за нас не е важна науката, уште помалку историјата – поблиска или подалечна – како „скромен“ но често точен показател на големи генерациски грешки, а речиси воопшто не умееме да извлечеме поуки ниту од регионалните, не пак европските или светските искуства. Пандемијава целосно нè соголе, нè наслика во вистинските сиви бои, ни ги покажа сите наши неспособности, сета наша неукост, неработење, неподговотвеност да се фатиме в костец со важни државни проблеми! Ама затоа си ја видовме безобразната арогантност, континуираната себичност, провинцијализмот… (сè уште) етничката поделеност и националистичка самобендисаност… Или, читајте ги само насловите на апологетските политички „аналитичари“ и „коментатори“ (од кои сите отплаќаат некакви минати долгови од времето на груевизмот): кој каква влада прави, кој со кого преговара и како, кој со кого треба да преговара и зошто, кој кого урива и зошто… Мачен, катастрофален јавен збор!

Следствено, додека светот сериозно размислува за модалитетите за надминување на заканувачката генерациска катастрофа, ние, еве точно уште само 18 дена до почетокот на школската година појма немаме што и како ќе им се случува на децата, министерот за образование се крие од јавноста, како впрочем и сите други итекако одговорни за ситуацијата. Ама апологетиве не пишуваат за тоа. Уште полошо – ние не знаеме ни како се одрази врз децата досегашново „седи дома“ школско искуство па врз основа на тоа да извлечеме соодветни заклучоци и поуки за утре. Никој не ни кажува ниту што велат странските искуства во овој поглед. Што правеа овие шест месеци сите тие силни професори, педагози, психолози, социолози, педијатри… ? Мислеа дали Грција ќе ги отвори границите? Е па не ги отвора. Оние неколку странички што ни ги поттураат како „истражување“ е всушност анкета со директори, наставници и ученици и нивните искуства и мислења за довчерашната онлајн играрија. Дрн, дрн. Дел од некои светски искуства се обидува да ни пренесе претставничката на УНИЦЕФ, ама ние какви што нè дал господ веднаш се организираме контра, секој од нас заради некои свои себични лични причини. А кога тоа ќе стане манир, кога тоа ќе прерасне во начин на работа и на највисоките државни институции, тогаш веќе ѓаволот ја однел шегата. А ние не сме далеку од тоа!

Нам ни треба научен а не политички став за нештата, во конкретниов но и во секој друг случај, еднакво како што ни требаат и уметнички визии за нашево битисување, нам ни требаат отворени библиотеки како симбол на слободата на човековата мисла, ни требаат и отворени музеи како духовни прибежишта за дијалог со минатото и сегашноста… Каква полза имаме ние од секојдневните политикантски натегања и подметнувања, од лагите и уцените на етно-таборите и нивните гласноговорници низ медиумите. Наместо надеж добиваме интриги, наместо стабилност ни нудат тензии, наместо неопходното единство во неволјата ни ги полнат ушите со националистичко лудило. Кому всушност му треба оваа и ваква македонска политикантска глутница?

Слики: Banksy

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com