(ВИДЕО) Директорот ги тера на протест, ученичка му возвраќа: Не сме тука да држиш политички говори

16.03.2017 02:52
(ВИДЕО) Директорот ги тера на протест, ученичка му возвраќа: Не сме тука да држиш политички говори

Не престануваат злоупотребите на институциите и целата администрација на веќе нелигитимната власт за да ги натера вработените, па дури и малолетниците, да одат на протест против - како што велат - „менувањето на знамето и химната“, работи за кои е јасно дека не може да се сменат без двотретинско мнозинство, а и сите партии веќе кажаа дека нема да се менуваат.

Директорот на прилепската гимназија „Мирче Ацев“, Кирил Николоски, со политички говор ги убедува учениците да излезат на протестот „За заедничка Македонија“, но во меѓувреме тие го снимаат и објавуваат неговиот говор на социјалните мрежи.

Николоски со својот говор кон учениците ги убедува да се активираат во протестите зашто ќе се воведела двојазичност, менување на химна, менување на знамето и воведување албански монети.

Во еден момент една ученичка му возвраќа на директорот: „Директоре, уште поголема срамота е во образовна институција да ни држите политички говори!“ Учениците велат дека не сакаат да одат на протестот туку да се одржи наставата.

Овој говор на директорот се случи непосредно пред да влезе голема група средношколци од средното индустриско училиште во Прилеп во дворот на гимназијата „Мирче Ацев“ со националистички скандирања и знамиња, скандирајќи против двојазичност, односно во моментот кога биле прекинати часовите со цел да се приклучат и учениците од гимназијата.

Пред две недели обид да се однесат учениците на протестот „За заедничка Македонија“ имаше и во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“.

Извор: A1он