Осуди за маршот „Децата за доброто и светлината“: Преку образованието се поттикнува омраза

25.11.2015 04:09
Осуди за маршот „Децата за доброто и светлината“: Преку образованието се поттикнува омраза

Неколку стотици деца од повеќе основни училишта од Битола, пред неколку дена маршираа низ улиците маскирани во ангели и пренесуваа пораки за „добрите православни празници, наспроти лошите и погрешните“. Маршот беше организиран во склоп на проектот „Децата за доброто и светлината – Денот на Ангелчињата“ инициран од наставниците по етика во религиите од основните училишта.

- Ние научивме дека треба да славиме само убави празници, а не некои што се од друга вера - порача една ученичка на маршот.

Некои од учениците „признаа“ дека славеле други, погрешни празници и сега, откако тоа им било укажано од страна на наставниците по етика на религиите, се поправиле.

- Денеска научив дека не треба да го славиме празникот на злото (мислејќи на маскенбалот за ноќта на вештерките) како што ние направивме и треба да го славиме празникот на доброто, односно на ангелите - рече еден ученик.

Од „Цивил“ сметаат дека се работи за класична злоупотреба и манипулација на деца во најранлива возраст за религиски цели, која може да резултира со сериозни последици.

- Ова е неприфатливо и се коси со Уставот и слободата на изразување на верски чувства, без оглед на тоа што се претставува како афирмативна активност - вели Џабир Дерала.

И Хелсиншкиот комитет за човекови права го осуди ваквиот настан и излезе со став дека Просветниот инспекторат треба веднаш да се ангажира околу случајов.

- Ова е тенденција која што ја бележиме веќе со години наназад. Наместо јакнење на мултиконфесионалните вредности во нашето општество и остварување на заеднички проекти со децата од различни етникуми, се организираат настани од ваков вид со кои се промовира една доминантна религија во Македонија. Тоа не е во духот на едно мултикултурно, мултиконфесионално и мултиетничко општество како нашето - изјави за „Плусинфо“ Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет.

Таа додаде и дека во Македонија најголемиот број дела од омраза и употреба на говор на омраза се токму од етничка и верска природа, а има сознанија и дека децата во образовниот процес ги прескокнуваат лекциите за другите религии и етникуми.

- Загрижувачки е што власта и преку образованието наметнува еден тренд кој може да ја зголеми омразата помеѓу различните етнички и верски заедници - вели Пировска.

Граѓанските активисти смнетаат дека идејата на овој предмет е сосемa промашена со ваквите постапки од некои наставници.

- Предметот Етика во религиите, како што кажува и самиот назив, има за цел да ги научи децата на етичката димензија на сите религии, односно да го истакне етичкиот императив на сите религии. Основна цел на овој предмет не е само да ги запознае децата со поголемите верски учења и нивните организирани форми, туку да ги научи на толеранција, прифаќање и разбирање на припадниците од различна религиска припадност. Она што е најстрого забрането е овие предмети да се користат за практикување на вера или исклучување на интерес за практики или обичаи на други верски учења. Скандалот во Битола не ја доведува под прашање единствено секуларноста на нашата држава туку и ја доведува под прашање основната улога и задача на образовниот процес. Просветниот инспекторат ќе треба да ги санкционира сите просветни работници кои не ги почитуваат начелата, целите и задачите на предметите кои ги предаваат - вели за „Плусинфо“ граѓанската активистка Ирена Цветковиќ.

Директорите од неколку основни училишта во Битола со кои што се обидовме да стапиме во контакт, за жал до сега не беа достапни за коментари околу случајов.

Извор: Плусинфо, 24.11.2015.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото