Киро Глигоров: Џентлменот од Балканот

03.05.2017 10:00
Киро Глигоров: Џентлменот од Балканот

Начинот на кој Македонија ја преброди кризата на југословенската федерација на почетокот од деведесеттите е потврда на тезата дека има моменти во историјата на една држава кога поединецот прави фундаментална разлика. Во историјата на македонската држава, Киро Глигоров беше таквата личност. Книгите велат дека само големи кризи раѓаат големи водачи, зашто тоа го налага нужноста условена од судбинското „да се биде или не“.

Велат, исто така, дека спокојни времиња исфрлаат на површина просечни политичари кои се производ на партиски и лични калкулации. Времето во кое на чело на Македонија дојде Глигоров беше опасно, опасно како за иднината на една меѓународно непризната земја, така и за водачот кој беше решил, среде крвави етнички конфликти, по мирен пат да ја воведе во семејството на суверени држави.

Соговорниците од Западна Европа и од САД веднаш го препознаа џентлменот од Балканот. Неговата искреност и верба во принципите на новото демократско време, неговата одбојност кон секаков вид насилство, ги обврза да се грижат за земјата која тој ја претставуваше.

Таквиот карактер на претседателот на Македонија просто ги принудуваше соговорниците внимателно да ги слушаат неговите совети како да се избегне војната во несреќната федерација. Финалниот документ на Конференцијата за Југославија која, под претседателство на Лорд Карингтон, ја организираше Европската заедница, почиваше врз идеите на Киро Глигоров: независност за сите републики и нивно членство во Обединетите нации, и сочувување на бројните економски и културни врски помеѓу некогашните членки на федерацијата во една асоцијација на суверени држави.

Документот кој требаше да му стави крај на воениот конфликт кој штотуку започна беше потпишан од сите претседатели на републиките седнати на конференциската маса, со исклучок на Милошевиќ. Така пропадна последниот обид на Глигоров и на Западот да се спречат бестијалностите на војната која што однесе 200.000 животи и унесреќи и расели повеќе од милион луѓе.

Назад во Македонија, со одлуката на Бадинтеровата комисија в раце, Глигоров влезе во преговори со ЈНА и обезбеди нејзино мирно повлекување. Следеше распоредување на трупи на ОН на границите на Македонија, политички потег кој „купи време“ да се консолидира државата која немаше сопствена армија. Со цврста решеност да не дозволи да се повторат стравотиите на војната и во Македонија и да ја направи дел од евроатлантскиот сојуз, политика која беше поддржана од САД и од земјите на Европската заедница, Киро Глигоров ја воведе младата држава во Обединетите нации, нецела година по Словенија и Хрватска.

Денес, среде кризата во која што се наоѓа нашата држава, се сеќавам дека пристојниот човек Киро Глигоров никогаш не заигра на картата на национализмот со цел да ја зајакне својата позиција во македонската политика. Едноставно, ги почитуваше Албанците, како впрочем и припадниците на сите други етнички заедници во Македонија, свесен дека, во таа фаза од нашата историја, македонскиот национализам му ги врзува рацете да стори нешто повеќе за нив.

Иако со длабоки корени во македонската национална историја, Киро Глигоров, човекот кој за малку ќе загинеше во обидот за атентат, јас го доживував како космополит, како граѓанин на светот. Можеби токму таа нишка нè поврзуваше, дури посилно од онаа дека сме Македонци кои му сакаат најдобро на својот народ и на својата држава. Зашто, тоа се подразбираше и за тоа не требаше да се трошат зборови.

Извор: Плусинфо, 2.05.2017.

ОкоБоли главаВицФото