Уапсени уметници на отворањето на Музејот на современа уметност во Белград

21.10.2017 13:16
Уапсени уметници на отворањето на Музејот на современа уметност во Белград

Српските уметници Владан Јеремиќ и Урош Јовановиќ, вечерта на 20 октомври биле приведени во полициска станица затоа што на свеченото отворање на Музејот на современа уметност во Белград, како што тврди Јеремиќ, носеле фотографии на претседателот Александар Вучиќ, а во ранецот – хартиена маска со неговиот лик.

Јеремиќ за „Инсајдер“ вели дека по два часа бил пуштен, а Урош Јовановиќ останал во притвор.

Во изјава за „Инсајдер“ тој наведува дека бил приведен заради фотографиите на претседателот што биле пронајдени кај него при рутинскиот претрес на влезот на Музејот. Тој вели дека фотографиите се за уметнички цели.

„Во ранецот имав флаер за серија на уметнички настани што почнуваа вечерта под наслов „Салон на Непоткупливите“. На тој флаер има колаж од ликот на претседателот Вучиќ...а имав и маска од обична А4 хартија со ликот на Вучиќ. Кога полицијата ја виде маската ми рекоа дека не смеам да ја користам зашто може да го навреди претседателот и дека за тоа се добива казна од една до осум години затвор“, вели Јеремиќ.

Тој додава дека полицијата не сакала да го пушти ни кога од Музејот на современа уметност кажале дека е уметник што тука има свој перформанс.

Јеремиќ вели дека полицијата најверојатно го сомничи за нарушување на јавниот ред и мир.

„Ова е скандал, на ваков начин да се апсат уметници и тоа заради ваков чин“, изјави Јеремиќ.

Кога полицијата ги приведувала Јеремиќ и Јовановиќ со нив биле и визуелната уметница Рена Редле и драмската писателка Олга Димитријевиќ, која исто така потврди дека причината за приведувањето биле фотографиите на претседателот Вучиќ.

„Јовановиќ се обиде да влезе во Музејот со сликата на Вучиќ, по што полицијата и обезбедувањето го однесоа на страна, а потоа полицијата го одведе“, вели Димитријевиќ.

Уметникот Урош Јовановиќ имал намера да влезе во музејот со слика на Вучиќ на која пишувало „Вучиќ е најголемиот уметник“, со порака дека заслужува да има своја слика во Музејот. Ова за „Инсајдер“ го потврдил и Владан Јеремиќ.

Извор: Insajder

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото