Абу Вахаби Имамите од Чаир

02.11.2017 12:26
Абу Вахаби Имамите од Чаир

 

Извадок од книгата „Македонските тројански коњи“ на Рагми Јусуфи, книга бр. 17 во едицијата Градот на Темплум.

Книгата ќе биде промовирана на 3 ноември (петок) во 19:30 часот, а промотори ќе бидат Живко Грозданоски, Јон Ивановски и Никола Гелевски.

 

Бев сосема уморен од објаснување на колегите во чајџилница што треба да направат врвните светски политичари, а дома уште и добивам вакви забелешки од најблиските, оние кои ја имаат мојата крв. Не можев веќе да го издржам овој тежок удар. Отидов во спалната конечно да си го најдам мојот мир, да спијам. Кога – гледам светлата горат и тука жена ми со очи како филџани, безбели мене ме чекала, ме погледнува.

,Што се случило мори жено, па во оваа глува ноќ не можеш да заспиеш?’ - ја прашувам загрижен.

,Еве, го чекам мојот принц да дојде на бел коњ и да ме спаси од оваа ропство’ - ми вели мојата родена жена.

,Што ти е па, тебе, да не си јадела бунила?! Каков принц во оваа општина, во овој град, во оваа држава со од мозок оперирани политичари и најверојатно таков народ?! И каков бел коњ?! Па додека да влезе во општинава, ќе биде црн како ќумур од сето ѓубре што е по улициве?!’ - ја прашувам.

’Абдал, мажу мој, ние од женскиот род со милиони години сме такви какви што Алах нè створил. Откако почнавме да ги разликуваме половите, од најпокриените жени со бурка па сѐ до најеманципираните жени од западниот свет, сонуваме и дење и ноќе дека еден ден сепак ќе се појави нашиот принц на бел коњ и ќе нѐ ослободи од нашето ропство’ - ми вели нешто, а јас, безбели од тешката работа во чајџилница, не разбирам што точно мисли.

’Па добро бе, родена жено, зар и ти во овие години уште сонуваш да дојде некој си на коњ и да те спаси? Па, нели гледаш овде, Абу Изе и Бaќо го уништија зеленилото и овде белите коњи ќе умрат од глад или ќе се иструјат од ѓубрето наоколу!’ – чудејќи се ѝ велам.

’Да, Абдал, мажу мој. Јас сонувам за мојот принц на бел коњ секој ден и секоја ноќ и тоа ќе го правам сѐ додека не го најдам. И на седумдесет, осумдесет и деведесет години, ако мојот Алах сака толку да живеам во ова привремено тело’ - ми вели така уверливо, така што јас заклучувам дека мојата родена жена сонува некој помлад и поубав од мене. Нешто како Бред Пит од поранешни години.

Па ѝ велам: ,А бе, жено моја родена, зарем не сум ти повеќе убав и згоден? Јас, кој за тебе кога ти треба баклава, истрчувам од чајџилница како луд, седам во кола и возам сто и педесет километри на час низ најпрометните улици во општинава. Проаѓам на црвено, жолто, зелено светло по семафорите за само ти, жено моја, да не чекаш повеќе од десет минути за баклава’ - ѝ велам разочарано.

,Абдал, мажу мој, принцовите на бели коњи од нашите женски соништа не мора да се згодни и убави, но тие со своите храбри дела дефинитивно нѐ ослободуваат од нашето долгогодишно ропство. Принцот на бел коњ кој јас го сонувам и како што изгледа ќе го сонувам до крајот на животот ќе има една нормална работа а не само во чајџилница. Со години работа и особено со своите социјални квалитети ќе напредува и за својата работа ќе биде вреднуван и многу ценет човек. Во своето слободно време ќе се ангажира за да се исчисти нашата општина од отпадок од секаков вид, особено од отпадок во човечки облик. Во своето слободно време ќе се ангажира зелените површини во општинава да бидат зелени и уредени како пред дваесетина години - како пред доаѓањето на Абу Изе на власт во нашата општина. Ќе ги повикува и ќе ги мотивира граѓаните на општината за бојкот на сметките од ЕВН сѐ додека од нашите пари ЕВН не направи ‘Рајски парк’ и во нашата општина како во Аеродром. Така ќе можеме да се среќаваме и дружиме и со нашите долгогодишни каубојски пријатели овде, наместо како досега, секогаш да одиме во парковите од другата страна на реката.

Абдал, мажу мој, можат Абу Вахаби Имамите, подарокот ни од пустината на Саудиска Арабија, да нѐ завијат сите жени во црни мантили и шамии. Но, и тогаш, ние жените овде, како и сите жени во светот, ќе продолжиме дома за нашите принцови да се правиме уште поубави, да се облекуваме убаво и да се чувствуваме како принцези и кралици. Ниту Абу Вахаби Имамите овде, ниту кој било друг, со кои било мантили или забрани, не ќе можат да го променат тоа што Алах ни го има дадено, а тоа е - да бидеме жени. Жално е што им успева младите девојчиња Индијанки да ги завијат во црно и да им ја урнисаат младоста и целиот живот. Тие млади девојчиња наскоро ќе бидат мажени со исто такви момци, со бради до колена и какани трифртаљки и ќе бидат мајки. Така, ќе упропастат нови и нови генерации. Да сакаше севишниот Алах да ни се гледаат само очите, ќе не створеше такви – само со очи или како овие млади Индијанки само со лице.

Мој Абдал, мажу, не ли го правеше тоа и српскиот режим кога ги плаќаше дебело оџите да го затупуваат индијанско население? Да ги убедуваат верниците нивните женски деца да не ги праќаат на училиште. Само така можеа со векови да нѐ држат потчинето и да нѐ прикажуваат во светот како заостанат, едноставно кажано, дивјачки народ. Или сега Гоца Каубојката и башибозуците од Фамилијата да нѐ нарекуваат Индијанци или уште полошо така да нѐ третираат. Принцот од моите соништа ќе направи сѐ за нашите ќерки никогаш, ама буквално никогаш, да не бидат завиени во црни мантили, шамии и не дај боже - бурки. Принцот од моите соништа ќе направи сѐ за нашите ќерки да бидат добро образовани и потполно рамноправни со мажите во општеството. Само таквите идни мајки можат да им помогнат на своите деца да креираат и живеат среќен живот, да го направат овој свет уште поубав и природата уште почиста. Жените се столбот на фамилијата и со тоа столб на едно цело општество. Мојот Алах тоа го очекува од мене, од жените овде и од сите жени во целиот свет, без разлика на нивната вероисповед.

Твоите Абу Вахаби Имами тебе и таквите ве учат дека луѓето од пустината на Саудиска Арабија се ваши браќа. Мојот принц на бел коњ на сите верници ќе им ја раскажува историјата на Индијанците, еден од најстарите европски народи воопшто. Ќe им кажува дека нашите вистински, тоа значи крвни сестри и браќа, се Индијанците со друга вероисповед - православна, католичка и протестантска. Ќе им објаснува на Индијанците овде, дека нашата религиозна толеранција била, и е наше индијанско најголемо богатство. Ќе им објаснува на Индијанците дека затоа Индијанците во целата нивна историја не воделе борба против славјанското население од нивното доселување на овие простори во петтиот век до денес. Ќе им објасни на Индијанците од исламска вероисповед дека тие никогаш не ги рушеле верските објекти на доселените Каубојци туку во целиот историски период ги чувале од насилно оштетување и грабежи.

Мојот принц на бел коњ ќе им ја кажува вистината на Индијанците, дека луѓето од пустината на Саудиска Арабија можат да ни бидат добри пријатели како и сите народи во светот, но не и браќа. Мојот принц на бел коњ ќе им ја кажува вистината на Индијанците дека нашите вистински пријатели се во земјите на Западна Европа и Америка. Земјите кои и за време на бруталниот поранешен систем овде ни ги отворија вратите и ги зедоа Индијанците на работа кога овде, само заради тоа што се Индијанци, немаа никаква шанса да добијат работа. Оттогаш, некаде од почетокот на шеесеттите години, па до денес Индијанците од западните земји праќаат огромни суми пари и така целокупното индијанско население го спасија, и сѐ уште го спасуваат, буквално од глад. На основа на нивните пратки се полнат девизните резерви на земјава и само заради нив може Ким-Илчо до бесвест да зема кредити од меѓународните банки и институции. Западните земји беа тие кои ширум им ја отворија вратата на еден и пол милион Индијанци од Косово во најтешкото време за нив по Втората светска војна, не гледајќи на која вероисповед ѝ припаѓаа нашите сестри и браќа од Косово. Мојот принц на бел коњ ќе им кажува на нашите сограѓани дека тие се наши вистински пријатели а не оние од пустината на Саудиска Арабија кои само на од нив школуваните Аби Имами им дава огромни милиони за да нѐ врати нас Индијанците од исламска вероисповед во шестиот век’.

,Аман бе, жено моја’ - се побунив. ,А знаеш ли ти, дека ние како фамилија сме на црната листа кај Абу Вахаби Имамите од Чаир, најголемиот ни, нели, подарок од пустината на Саудиска Арабија? Ти знаеш дека нивната архива е подетална од злогласната архива на СТАЗИ, но за наша среќа, сепак посиромашна со информации од архивата на ДРПНЕ. Жено моја, заради тоа што сѐ уште не сте во црни мантили, ти и моите ќерки сте следени во секој момент од забеганите на Абу Вахаби Имамите. Мене во чајџилница многу пати ми кажаа дека јас и мојата фамилија не живееме по законите од шестиот век во пустината на Саудиска Арабија. Јас искрено се плашам за сите нас. Затоа, те молам, за искрено разбирање, зашто со години одам со наведната глава и веќе десет години со превиткан ‘рбет за некако да ве заштитам вас и себе си од овие крајно забегани следбеници на Абу Вахаби Имамите. Седам во чајџилница и зборувам само за теми кои немаат никаква врска со нашите простори и проблеми. Зборувам само за Обаман, рускиот цар, Меркелка и другите, а никако за оваа очајна ситуација во која се наоѓаме’.

Но, мојата родена жена продолжи без да ги коментира моите образложенија: ,Нашите деца одат со велосипеди на училиште и во другите делови од градот. Најстариот ни син е во една невладина организација и заедно со младите Каубојци се ангажираат за почиста животна средина. Нашите деца сакаат да живеат во секој поглед во чиста животна средина. За да не возат автомобили и да се возат со автобуси кои го загадуваат воздухот, се возат со велосипеди. Нашите деца сакаат на нивните деца да им остават почиста средина од таа што тие ја имале. Но, мој Абдал мажу, јас имам голем страв во овој, не само сообраќаен, хаос во општината да не им се случи нешто лошо. Затоа, мојот принц би ги ги повикувал и би ги мотивирал граѓаните на општината за бојкот на даночните сметки сѐ додека градоначалникот Котце не ги реновира улиците во општината и не направи сигурни велосипедски патеки како во општините од другата страна на реката’.

’Мажу мој’ - ми вели таа и продолжува: ,Се сеќаваш ли дека како студенти во Белград секое утро ја слушавме емисијата на еден генијален српски новинар ‘Београде добро јутро’? Тогаш немавме деца, но едно утро се смеевме и размислувавме за генијалната мисла на журналистот: ‘Веднаш тепајте ги вашите деца, ако почнат да личат на вас’. Ти, мажу мој, за наша среќа и за голема среќа на сите луѓе овде, не треба да ги тепаш твоите деца. Тие размислуваат сосема поинаку од тебе и имаат своја визија како нивниот живот на овие простори треба да изгледа’.

Mојата родена жена продолжи: ,Мојот принц на бел коњ ќе направи сѐ и во нашата општина да има нормални - зошто не и романтични - ресторани во кои ќе ме носи на вечера. Каде ќе можеме да се среќаваме со други фамилии и со нашите пријатели од другата страна на реката. Овие денешните ресторани на Абу Изе, Баќо и Абу Вахаби Имамите се собиралишта на некои ептен чудни ,мажишта’, неписмени фаци, кои во случај некоја жена да влезе во ресторанот ја гледаат како ороспија. Абдал, мажу мој, јас немам ништо против жените кои го работат најстариот занает на светот. Тие својот леб го заработуваат со работа. Но, мене ми се гади од ваквите, нели, мажи во кафеаните и чајџилниците кои деноноќно им го лижат задникот и не само задникот на Абу Изе, на целиот клан на Баќо, на Али Баба и сличните ороспии по карактер. Обични газолижачи и кукавици, во кафеаните и чајџилниците во Чаир глумат некои мачо фаци. Овие нели, фаци, изгледаат како тукушто да ги погребале не само своите комплетни фамилии туку и целиот свет’.

Слики: Александар Дојранлиев

Извадок од книгата „Македонските тројански коњи“; едиција Градот; Темплум 2017.