Игор Раиден за романот „Издигнување“ ja доби наградата „Новите!“ за 2023

27.12.2023 13:07
Игор Раиден за романот „Издигнување“ ja доби наградата „Новите!“ за 2023

 

Образложение

Од вкупно пристигнатите 15 ракописи (од кои три влегоа во потесниот круг за наградата) тричлената комисија во состав Наташа Атанасова, Елена Митреска и Катерина Шекутковска, одлучи наградата „Новите!“ за 2023 година да му ја додели на Игор Раиден за романот „Издигнување“.

Романот на Раиден се издвои со конзистентноста во владеењето на жанрот и стилот, но и како прв научнофантастичен роман кој победил во 18-годишната историја на „Новите!“

Романот е составен од 18 хронозаписи кои заедно ја градат содржината на датотеката број 1: една меѓу многуте непознати датотеки кои ќе предизвикаат неповратни промени во системот. Во визијата за иднината претставена низ хронозаписите, Земјата и Земјаните се поставени во интергалактички контекст од разновидни планети и вонземјани меѓу кои не владеат мир и хармонија, туку војни, конфликти и желба за превласт и освојување. Поради ова и со намера да се воспостави мир, доаѓа до невообичаена средба меѓу претставниците на Залионите, едни од нападнатите народи во интергалактичкото Единство наречено Ајнерхи, и Земјанин по име Рајан кој е повикан на предизвикувачка мисија во Вселената.

Низ средбата меѓу човекот и вонземјаните доаѓаат до израз болните точки на нашето човештво кои во оваа визија за блиската иднината (дејството се случува во 2037 година) се уште поистакнати. Не само што човештвото страда од последиците на големото загадување на животната средина и од постојаната воена состојба и засилена милитаризација, туку нема никаква духовна и морална подлога која би поттикнала позитивна промена.

Иако Раиден ја користи ситуацијата на средба помеѓу планетарните видови за критика на човештвото и човековата состојба, тој преку неа отвора и перспектива кон можностите за промени. Имено, преку суптилните еколошки пораки, романот заговара нова еволуција на човештвото која ќе се темели врз начелата на солидарност, доверба и емпатија меѓу луѓето, врз искоренување на насилството, обединување за заеднички придобивки и, најважно, врз разбирање и прифаќање на секого со сета негова различност. Само вака би можел да се оствари максималниот потенцијал на секој човек како поединец и на целото човештво како заедница.

Во светот на научно-фантастичната литература хероите, кога се во машки пол, често имаат мачоистички и доминантни карактеристики. Во романот на Игор Раиден, за големо изненадување, како главен лик имаме трансродово лице со кое текстот создава „квир простор“ каде што читателот треба да претпостави нова, андрогина перспектива, за разлика од хетеронормативната перспектива како доминантна норма. Тоа потврдува дека научно-фантастичната литература има проширен капацитет за јазични изрази и истражување на разликите, капацитет редок во традиционалната проза.

Луѓето од планетата Залион (каде што доаѓа главниот лик) имаат латентни женски и машки карактеристики кои не треба да се сметаат за родово неутрални, туку како андрогини. Во „Издигнување“ идејата за андрогино човештво (која потсетува на романот „Левата рака на темнината" од Урсула Ле Гвин), поради ограничувањата на традиционалниот јазик, се покажува како мошне предизвикувачка за читателот, во смисла дека тој/таа е секогаш склон/a ликовите да ги гледа како претежно женски или машки. Романот на Раиден му овозможува на читателот безбедно да ја одржува својата родова перспектива; како резултат на тоа станува невозможно одредени ликови да ги замислува како типично женски или машки. Андрогиноста обезбедува алтернатива на традиционалнaта бинарна родова позиција: функционира како трет термин кој го неутрализира родовиот начин на кој ликот се конструира и создава простор на отпор кој ги редефинира начините на кои родовиот идентитет е изграден.

Алиенацијата присутна кај ликовите, амбиентот и градењето алтернативни светови во научнофантастичната литература е блиска на алиенацијата кај трансродовите лица во однос на спротиставената реалност. Оттаму, се прашуваме дали можеби главниот лик Рајан, во романот на Раиден, кој претставува совршен примерок меѓу Залионите, е таков токму поради својата андрогиност?

Иако романот оперира со веќе добро познати елементи и наративни постапки од научната фантастика, токму преку цврстата и јасна структура, прецизно изградените ликови, како и добро обмислените заплети и драмски ситуации, авторот покажува дека одлично го владее жанрот и дека е достоен за наградата „Новите!“

Во продолжение донесуваме извадок од романот.

 

Извадок од романот

Не беа сигурни дали да бегаат, дали да му се нафрлат, дали да преговараат. Исто така, не знаеја и дека една од камерите содржеше дел кој не беше исклучен. Тајраксот на Силдèјн веднаш го забележа тоа, но не реагираше.

Ги беше нашол телата на пријателите во лабораториите на погорните катови. Го виде и извештајот: предупредувањата од Шонсеи, собирањето на технологијата.

Многу малку причини му имаа останато да не ги елиминира сите во зградата. Сега виде нова можност преку снимката која требаше да излезе од целава трагедија. Самите себе ќе се уништат, си помисли.

„Кој си ти и што правиш овде?“, праша Ларсен.

„Вистинското прашање е, што правите ВИЕ овде?“ Силдèјн го замрзна воздухот меѓу нив. Тие се погледнаа. Разбраа дека слушнал сè што рекоа. Тој седна на бирото на шефот на обезбедувањето, кој се имаше повлечено неколку чекори наназад и не знаеше што да прави. Не беа подготвени за тоа да останат целосно без муниција, а притоа сè да биде залудно.

„Што планираш да ни направиш? Сакаш да нè убиеш?“

„Чекајте, првото прашање беше што правите тука“, им врати остро. „Горе во лабораторијата, имате тела на двајца од Ајнерхи и еден Рекши, така?“

„Не знаеме ништо за тие имиња... Ние само...“

„Точно. Не знаете. Немате поим со кого си имате работа, ама се фативте да ја проучувате технологијата? Стварно?“ Тонот му беше многу арогантен.

„Слушај ваму, кој и да си, не можеш туку-така да доаѓаш овде. Ваквото упаѓање ќе те чини многу. Ова е наш терен, тука ние имаме моќ!“

„Моќ ли?“ се насмеа Силдèјн. „Зборувате само за еден тип моќ. Оној што доаѓа со товар и не води кон ништо. Моќта не е ништо освен можност да се помогне на друг. А вие не помагате никому, па што всушност правите?“

„Работиме за доброто на...“

„Јас го пратив тој пакет дома, а моите пријатели умреа откако пробаа да ви помогнат!!!“, викна тој. „Слушајте ваму. Влегувате во интерпланетарен конфликт со затворени очи. Зошто мислите дека некој сака да ве вовлече во ова, кога сте толку назад што уште не можете ни од планетава да мрднете?“

Гласот му беше посмирен кон крајот, и сосема оправдано имаа причина да помислат дека можеби неговата цивилизација навистина не сака да им наштети на луѓето.

„Оттука ќе извлечеме соодветна паралела на вашето второ прашање. Што планирате да си направите себеси?“

„Види, разбираме дека згрешивме, ама немавме како да ве контактираме.“

Силдèјн само го погледна саркастично. Ларсен замолче. Сфатија дека не можат ниту да го излажат. Никогаш се немаа почувствувано толку немоќни, толку преплашени.

„Не се врти галаксијата околу вас. Уште го имате истиот проблем како кога ние си отидовме оттука. Инаку, со тоа што се вмешавте, практично ги повикавте Рекшите дома. Со среќа.“

Лидерите станаа многу нервозни, зашто ги знаеја карактеристиките на другиот вонземски вид и знаеја дека многу брзо би им дошол крајот доколку Рекшите дојдат на Земјата. Силдèјн продолжи.

„Резонирањето ви е погрешно, зашто е некомплетно. Не можете да победите.“ Стана брзо, а целото обезбедување потскокна. „Барем не поттикнувајте ja алтернативата.“

За неколку секунди се дематеријализираше и го снема. Присутните комуницираа со другите тимови и потврдија дека ја зел технологијата. Се издишија со олеснување што останаа живи, но беа длабоко потресени од огромното растојание меѓу луѓето и овие неверојатно напредни цивилизации, кои со леснотија владееја со просторот и моќта, и не смееја да бидат предизвикани. Сепак, мораа да најдат начини да можат да се бранат. 

Стрип кадри: Joe Doolin


 

Наградата „Новите!“ од самите почетоци ја поддржува Комерцијална банка, Скопје