Победник на „Новите!“ за 2014: Михајло Свидерски

27.12.2014 14:58
Победник на „Новите!“ за 2014: Миихајло Свидерски

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Иван Шопов, одлучи наградата за 2014 година да ја добие ракописот „Бело и црвено“ на Михајло Свидерски.

Кусиот роман на Свидерски ги следи најдраматичните епизоди од животот на белогардеецот Тихон Кирилович Василев, кој пред налетот на Октомвриската револуција бега од Петроград преку Киев, Крим, Истанбул, па стигнува до Битола, за на крајот да заврши на Голи Оток. Романот е поделен во неколку делови, според соодветните временски секвенци на приказната - 1951, 1916, 1917, 1918, 1920, 1922, 1950 и повторно 1951. Делумно откажувајќи се од последователното хронолошко раскажување, авторот вешто ја заокружува приказната во романот, давајќи и’ на тој начин дополнителна цврстина на структурата.

Иако сместена во специфични историски околности, приказната што авторот ја раскажува како првенствено да има цел да ни ја прикаже универзалната апсурдност и суровоста на историските епизоди и големите приказни среде кои е вклештен и изгубен еден обичен човек. Настрана од сите идеологии, борби и каузи, стојат страдањето, суровоста, разочарувањето поради скршените илузии, изместеноста и невдоменоста што ги носи егзилот... А среде големите промени на историската мапа, светот нема време да се занимава со поединечните судбини на огорчените несреќници врз чии глави се кршат копјата.

Раскажувањето на Михајло Свидерски пред сè се одликува со голема леснотија и одмереност: авторот речиси никогаш не украсува, ниту пак раскажува повеќе од потребното. Ниту психологизира, ниту опишува, ниту метафоризира премногу, но кога го прави тоа, го прави на мал простор и безмалку секогаш на сосема уверлив начин. Со вештина на драматург, тој јасно ги исцртува особините на ликовите со само неколку реплики или прикажувајќи едвај неколку секојдневни случки. Ваквиот начин на раскажување пред сè оди во интерес на приказната, која читателот може да ја следи без да се „сопне“ на ниту едно место.

Иако дејството во романот главно е прикажано преку еден лик-наратор, огорчен припадник на белата гарда, авторот елегантно се ослободува од претенциозното инсистирање на една вистина кога станува збор за коментирањето на историските настани и околности. „Јас, Тихон Кирилович Василев, сведочам за своите вистини“, вели нараторот уште на самиот почеток на романот, со што јасно ни става до знаење дека нема намера да биде некаков историски арбитер или седржател на некаква „вистина“ или „правда“.

Кога во фокусот на еден современ автор (барем делумно) се наоѓаат одредени историски настани, легитимно е да се запрашаме зошто токму сега тој се навраќа на тој период од историјата? Расветлување на некоја нова перспектива, откривање на темни ќошиња за кои речиси не се говорело, преиспитување на некакви длабоко вкоренети митови или пак пародирање на познати и канонизирани историски наративи? Авторот не прави ништо од ова. Сепак, „Бело и црвено“ не е дело од епски карактрер, не е ниту историски роман: историските настани се само рамка за личната драма на еден мал човек, Тихон Кирилович Василев. Михајло Свидерски многу повеќе прави мали, ситни потези со четката наместо да „варосува“ со широк валјак и тоа е една од најсериозните доблести на неговиот краток роман.

Иако на моменти, особено при крајот на романот, можеме да му забележиме на авторот за одредени проблеми со уверливоста на некои сцени, како и за недоволна мотивираност и недоразвиеност на последните епизоди, можеби и предвременото завршување, малку насилничко приведување на романот кон крајот, кога ќе ги ставиме на вага детските болести на првенчето и неговите квалитети, во голема мера претежнуваат овие вторите.

Во контекст на самата награда „Новите!“, на која, да потсетиме, една од целите ѝ е да ги промовира новите поетички начела и тенденции во литературата, дрско можеме да прашаме: Дали Михајло Свидерски е откривач на топла вода? Секако дека не. Но, едно е сигурно – тој знае да се искапе со неа. Во македонската книжевна средина и култура, за жал, на прсти се бројат авторите кои умеат да го направат тоа.

Со објавувањето на кусиот роман „Бело и црвено“, меѓу македонските прозаисти е катапултиран уште еден автор кој ветува дека ќе расте и ќе се развива. Се надеваме дека наскоро, со некое ново прозно дело, Михајло Свидерски и ќе го докаже она што го ветува во прозното првенче – дека е автор кој има и кондиција, и талент, и умешност за пишување квалитетна проза.

Михајло Свидерски е роден 1991 година во Битола, Македонија. Средното образование го завршува во Охајо, САД, каде што се вклучува во американските младински поетски кругови, за што е наградуван. Моментално е магистрант по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Ги објавил поетските збирки „Жетва на душата“ (2008) и „Низ сонот од магли и дождови“ (2012), објавена и во Плевен, Бугарија во 2013. Застапен е во антологијата на современата македонска поезија на грчки јазик „Гласови“ (Φωνές, 2011), како и во повеќе книжевни списанија во земјата и во странство. Активно преведува поезија од англиски, српски, хрватски, босански и бугарски јазик. Неговата поезија е преведена на англиски, бугарски, руски, грчки, српски, албански и унгарски јазик. Овој роман е негово прво прозно дело.

Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис Новите! изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка А.Д. Скопје.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески и Драган Георгиевски.

Слики: Edvard del Rosario

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото