(Зар навистина порано сме биле сиромашни, Мамо?...)

28.11.2017 16:21

Зар навистина порано сме биле сиромашни, Мамо?
И тогаш зошто
воопшто не се сеќавам на тоа?
Мислам
дека отсекогаш живеевме
во најголемо богатство.
Кога и да посакав вода
ќе ми донесеше,
ладната стомна беше постојано полна,
кога и да посакав црници,
добивав,
црни што ми го потемнуваа јазикот,
црвени што ми го разубавуваа,
бели што го чистеа од другите бои,
кога и да посакав јајца
ќе ме пратеше право во кокошарникот,
млеко имавме,
и летни јаболка,
цреши добивавме од оние што имаа цреши,
а грозје од оние со лозја,
единствено божури гледав само кај другите,
а кај нас никогаш,
кај нас само јорговани.
Во Париз божурите се скапи пролетва,
15 евра за букет,
особено од жолтите.

Превод: Лидија Димковска

Светлана Крстеан (1969) е поетеса и преведувачка. Објавила повеќе поетски збирки од кои две се препеани на шведски јазик. За своите дела добила неколку книжевни награди. Организира и учествува во повеќе меѓународни книжевни проекти. Се занимава и со публицистика. Иницијатор и уредник е на експерименталната поетска антологија „Букурешт 21” која излезе во 2015 год, а беше препеана и на англиски јазик.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото