Парапетче околу нормалноста

09.12.2017 13:00
Парапетче околу нормалноста

Иако сум длабоко убеден дена ни нема спас од сеопштата ентропија, дека Македонија нема човечки капитал да изгради пристојно, праведно, здраворазумско и чесно општество, и дека следствено јавниот збор нема никаква реална вредност, ниту ефект, сепак некогаш фатализмот станува неиздржлив, и покрај тоа што сум сосема свесен за бесмисленоста на оваа и сличните реакции. Ако за цела планета важи ефектот на пеперутката (ако една пеперутка замавне со крилцата во Бразил, може да предизвика торнадо на другиот крај на светот), за нашата зомбифицирана татковина важи ефектот на пувежот (односно неговиот изостанок) – ако во Бразил има нуклеарна катастрофа која ќе го уништи светот, во Македонија никој нема ни да пувне. Едни ќе кажат – Господ ќе ја чува нашата Библиска земја. Други – нема докази дека катастрофата ќе стигне до овде. Трети дека ќе се занимаваат со проблемот откако ќе заврши „Дневникот на Фериде“. Сепак...

Не можам да ја разберам смислата на откажувањето на театарска претстава во знак на протест против притворот на Владо Јовановски. По аналогија, дали ако ја притворат жена ми, јас треба да се качам кај комшиите три или седум спрата над мене (кои едвај ги познавам) и да им го скршам телевизорот или да им ја запалам библиотеката? Дали ако притворат некоја касиерка, другите касиерки ќе ги испразнат сите пакувања од содржина и откако ќе платите ќе ви кажат – фала што дојдовте по дождов во нашиот супермаркет, во знак на протест амбалажата од чоколадото што го купивте е празна, внатре нема ништо? Добар апетит. Дали ако притворат некој поп, другите попови ќе ги спуштат гаќите и ќе се посерат пред олтарот во сопствената црква полна со верници дојдени на неделна служба? Постојат стотици начини да се протестира или да му се пружи поддршка на некого, а тоа да не е глупав, нелогичен, обесмислен, неправеден, неинтелигентен, некреативен, моронски гест спротивен на здравиот разум. Вистински да се грижеа за Владо, ќе беа покреативни. Ќе ги вклучеа мозоците. Ќе смислеа нешто што ќе предизвикаше ефект, емоција, емпатија. Тоа им е професија. Кога судијата ќе му даде црвен картон на Меси (а според колегите требало жолт), неговите соиграчи ќе запнат трипати повеќе за да им го наполнат голот на противниците. Нема да го прекинат натпреварот во знак на протест и да ја пратат публиката дома.

Овој гест не значи само дека тие „колеги“ не ја ценат и не им е гајле за публиката. Тие не ја ценат ни својата работа и не им е гајле за професионалната етика.

Тоа е последица на една долготрајна пракса културата и уметноста да се третира како нешто излишно, непотребно, некаков неразбирлив социјален орнамент кој е рецидив од некои минати времиња кога можеби имал некава смисла, ама не се сеќаваме каква. Како последица, не е чудо што имаме проблем со идентитетот. Човек без корени во и без познавање на сопствената култура, или културата воопшто, не може да има идентитет. Затоа успеаја да ја масакрираат убавината. Зашто на никого не му требаше. После лесно ја убија и радоста. Па го ампутираа достоинството. Па ја разболеа нормалноста. На крај го полудеа и лудилото. Така мутиравме во македоноиди. Ако сме чесни и искрени, кои епитети би го дефинирале идентитетот на Македонецот од дваесет и првиот век? Неразумен мутант со појавност, но без содржина на човек, сељак, бахат, простак, нецивилизиран, примитивец, себичен, неук, невкусен, нечесен, неправеден, лажго, лицемер, полтрон, измамник, крадец, неспособен, мрзлив, неодговорен, есенција на невкус, барон на трипер комбинациите, суштество без способност и волја да почитува какво било правило. Дали тоа може да биде идентитет на достојно човечко суштество? Затоа се гушиме во смог и децата ни умираат од болести на дишни патишта, ама и понатаму возиме дизелаши и се грееме на ќумур и стари гуми. Затоа што достојно човечко суштество ќе помисли на своето дете (нели, по дифолт треба да го сака), ќе го продаде дизелашот и ќе плаќа поскап бензин, ќе се откаже од ќумурот и ќе плаќа поскапа струја, нема да паркира на местото за инвалиди и ќе пооди сто метри повеќе, нема да фрла ѓубре кај ќе му текне и ќе пооди десет метри повеќе до најблиската канта, ќе го исчисти коритото на Вардар за да не нè поплави и за да не му се удави детето како тие лани во Стајковци. Груевски е минато, ама ненормалната нормалност не се промени и мнозинството сè уште се состои од мутанти. За жал, ги има во изобилство и кај левите, и кај уште полевите, и кај шарените, и кај зелените, и во LGBTQ заедницата, и во културата, и на многу други неверојатни места. Многу малку се тие кои навистина едвај издржуваат во оваа духовна кочина. На другите и до сега им беше о-кеј и понатаму ќе им биде о-кеј, само да има турски серии, Цеца, Лукас, дијазепам, ракија и државна цицка. Ништо не се менува зашто на никого не му е нужна промена. Само глумат дека се за некакви промени зашто моментално за тоа се добива лајк. Како во вицот за Снежана и трите џуџиња. Зошто не се седум? Зашто нема луѓе.

Откажувањето на претставата во МНТ не е осамен инцидент на дефекација врз културата од страна на самите „културни работници“. Напротив, тоа е скоро правило. И, во некои други случаи, се случува дури и без повод. Без никој да биде притворен или слично. Како фабричка мана на нашите културни настани/институции/производи. Неодамна се одржа (или не баш?) филмскиот фестивал Синедејс. Се обидов да гледам неколку филмови. Успеав, во сомнителни, но сепак минимум прифатливи услови да изгледам еден филм, „Од никаде“, и уште еден, „Квадратот“, на отворањето на фестивалот, ако се занемари моно-драмолетката пред почетокот на проекцијата во изведба на директорот на МКЦ Златко Стевковски со наслов „Туѓи ме стид поједе“. За време на фестивалот се обидов да ги гледам следниве филмови: „Среќен крај“ (беше преведен само дијалогот на англиски, а дијалогот на француски не беше преведен, си отидов), „Обликот на водата“ (филмот прекина по околу 40 минути проекција, па по 10-минутна „операција“ пак го пуштија од почеток, си отидов), „Другата страна на надежта“ (почетокот доцнеше еден саат, си отидов), „Всушност, никогаш не беше тука“ (почетокот доцнеше еден саат, си отидов), „Три билборди покрај Ебинг, Мисури“ (почетокот доцнеше 50 минути), „Исцелител“ (почетокот доцнеше 50 минути, не беше најавено дека ќе има доделување награди пред почетокот на филмот), и во рамките на Сине-Маратонот, „Сладок филм“ (за време на проекцијата во соседната сала имаше проба некој death metal бенд кој беше погласен од тонот на филмот) и „Среда на огнометите“ (преводот од ирански беше побрз од сликата за околу 30 секунди, си отидов по 20 минути мачење и надеж дека некој ќе го синхронизира преводот). Една недела по завршувањето на фестивалот, во истото кино Милениум, управувано од истите организатори како и споменатиот фестивал, се обидов да го гледам филмот „Мајка!“ на редовен репертоар. Проекцијата беше откажана без образложение со помош на лист хартија А5 формат залепена на стаклото од билетарницата на кој пишуваше: „Проекцијата од 15:00 е откажана“. Во киното некое дете славеше роденден со своите другарчиња и нивните родители, откако ја гледале проекцијата на некој цртан филм од 13:00. Па, да му ебем матер, не е нуклеарна физика да пуштиш филм (како што треба)!!! Секој ден илјадници филмови се прикажуваат низ милиони кино сали во светот и никаде ова не се случува!!!

„И тоа не е сè!“, гореспоменатиот директор Златко Стевковски во два наврати ѝ се закани на публиката дека некој господин од МВР ќе нè снимал додека го гледаме филмот со „4К камера и night vision очила“ (џандарот дигна рака како да е еден од авторите на филмот) и да не сме се дрзнале да го снимиме филмот со нашите смартфони или со некоја скриена камера и после да го пиратираме. Баш има високо мислење за публиката. Притоа, не пропушти да се пофали (и да излаже) дека успеал да „среди“ двата филма да ги видиме пред нивната американска премиера (демек, толку му е битен фестивалот, ха, ха), притоа намерно или од незнаење мешајќи два поими – фестивалска премиера и премиера со која почнува кино дистрибуцијата на еден филм. Наместо барем да се извини за технички неисправните проекции и нивните скандалозни доцнења, тој ги обвини дистрибутерите (кои како последица веројатно ќе го бојкотираат следната година), чекаше непостоечки хард диск да стигне од некој аеродром (денес филмовите се дистрибуираат преку DCP фајлови кои се даунлоадираат, не летаат со авиони) и повторно таа проклета публика, која „на проекцијата од 15:00 малку задоцнила, па на проекцијата од 17:30 задоцнила уште малку, па од 20:00 уште малку“ и затоа проекцијата од 22:00 доцнела 50 минути. Инаку, во паралелната реалност на вистината, причината за доцнењето беше тоа што проекцијата од 20:00 траеше 127 минути + 30 минути разговор со режисерот + излез на публиката од салата = 2 саати и 50 минути, наместо предвидените 2 саати. Очигледно некој претерал со бегање од часови по математика, а и на етика не бил баш најредовен. Веројатно дистрибутерите го викале позади школо и го лажеле со шеќерни јаболка. Пред почетокот на скопската премиера на „Исцелител“ успеа дури три пати да се качи на сцената неуспешно обидувајќи се бесплатно да вежба стенд-ап врз недолжната публика (за комедија треба да имаш смисла за хумор), а по пат успеа не еднаш, туку два пати погрешно да го изговори презимето на режисерот (на кого таа вечер му беше веројатно најсвечената во животот). Да скратам. Така Златко Стевковски, однесувајќи се како тој лично да ги финансирал, продуцирал, режирал, снимил, одглумил, монтирал, дистрибуирал и (во дупло дно на багажникот од своето возило) шверцувал преку седум граници до Скопје овие филмови за да ја просветли посраната скопска публика, всушност се посра на венецијанскиот победник Дел Торо, на Каурисмаки, Ханеке, Мекдона, Ремзи, Макавеев, Панахи и нашиот „Ставрев“(ски), како и на неверојатно упорната и толерантна скопска публика. Ова само на десетте проекции на кои јас бев присутен или имав неуспешен обид да присуствувам.

И, како последен од оваа низа на неверојатни, безумни инциденти, на отворањето на фестивалот горе споменатиот без минимум такт и пристојност се дрзна да ја малтретира целата публика со неговото бесрамно барање упатено до градоначалникот следната година да му дал повеќе пари отколку што оваа година му дал бившиот градоначалник. Фестивалот е финансиран од Агенцијата за филм со повеќе од 80.000 евра, има приходи од продадени влезници во висина меѓу 20.000 и 30.000 евра и е ко-финансиран од страна на Град Скопје со непозната сума. Не знам на што ова фијаско од фестивал ги троши овие пари, а уште помалку ми е јасно зошто некој би му дал уште повеќе пари. Сигурен сум дека и со помалку пари совршено ќе го организира ова колосално непочитување на филмската уметност, публиката и авторите на прикажаните филмови.

Иако скоро воопшто немам причини да верувам дека ќе биде така, сепак уште наивно и ирационално се надевам дека еден ден културата во оваа тажна земјичка ќе се реорганизира од вчерашниот модел на финансирање „ружни“ згради и исти такви споменици и денешниот модел на финансирање институции испразнети од содржина и суштина, кои главно служат за вдомување на партиски членови со посебни потреби од деветнаесетти ешалон, во некој иден модел на стимулирање врвни културни производи и уметнички дела, отворен, и според стручни, чесни и праведни критериуми. Се надевам дека културата ќе се врати во јавниот живот и во медиумите (не само во форма на скандали, како сега). Дека ќе однегуваме генерации на кои културата ќе им биде потреба, кои ќе мечтаат да се занимаваат со уметнички професии и кои ќе израснат во критична маса која никогаш повеќе нема да дозволи оваа земја и оваа нација повторно да живее во духовна кочина. Зашто оние што читаат книги и одат на концерти, театарски, оперски и балетски претстави, филмови и изложби, во многу помал број се обесчовечени и ќе фрлаат многу помалку ѓубре по улици, ќе возат помалку дизелаши, ќе горат помалку гуми и кабли во своите печки и помалку ќе паркираат по тротоари и на места за инвалиди.

Скратен пат не постои. Нема да сопре падот и нема да тргнеме напред без култура, со армија од наследени и новоинсталирани мутанти (сончогледи, клиентелисти, македоноиди, чипирани идиоти, курвини синови, фалсификат-првоборци, патриоти со изминат рок, „интелектуалци“ кои се само дипломирани примитивци, семе синапово... – одберете аватар). Нема да тргнеме напред со кадровска политика и социјална структура полоша од онаа од времето на нашите родители и баби и дедовци. Нема да тргнеме напред додека 68 отсто од граѓаните не можат да си дозволат кино или театар еднаш месечно (Finance Think). Нема да тргнеме напред на чело со оние кои одбиваат да го прескокнат парапетчето изградено околу нормалноста, пристојноста, чесноста, вкусот и здравиот разум.

Слики: Ренди Луис

ОкоБоли главаВицФото