ФЕНИменална дебата

15.12.2017 12:56
ФЕНИменална дебата

Сакам да нафрлам неколку работи кои станаа појасни по синоќешната дебата за Фени на 24 вести, на која учествуваа вицепремиерот Анѓушев, претставник на банките, синдикатот, по скајп се вклучуваше потенцијалнта инвеститорка од Бугарија, a неколку животно заинтересирани за судбината на Фени, беа гости во студиото како публика.

Стана јасно дека во Фени со години наназад се случувал кримиинал. Од повеќе страни. Прво, со испумпување на пари од комбинатот преку штелување на цените за увоз на руда и цените на продажба на готовиот производ, од фирми и на фирми капитално поврзани со поранешниот сопственик на Фени (Cunico Resources, Cunico group, IMR). За појаснување, доминантен сопственик на Кунико е International Mineral Resources, фирма во сопственост на тројца казахстански милијардери - Александер Мачкевич, Паток Чодиев и Алијан Ибрагимов, има рудник за никел во Гватемала и топилници за никел во Косово, од каде ја носи рудата за Фени, а потоа фероникелот го продава, прво на „себе“, а потоа на бројни купци во Шпанија, Германија, Велика Британија... Во таква ситуација, со манипулирање со цените и фактурите, загубата ефектно била „алоцирана“ во Фени, а профитите или мегапрофитите во надворешните компании.

Нема дилеми дека тоа се случувало со амин на поранешните власти. Сум пишувал за сличен таков случај со рудникот на бакар Бучим, кој беше целосно документиран, за испумпани 120 милиони евра со неповолен „crossborder priceing“, што го спомнa Анѓушев, кој се заврши со вонинституционално „примирје“ (читај рекет), откако по четири години фирмата се „смилува“ да ги усогласи своите цени со берзанските. Сепак, мислам дека тој тип криминал тешко се докажува, ако не постоела политичка волја на државата да реагира на време. Дури и не слушнав дека државата ќе се обидува тоа да го докаже, односно да ги гони поранешните сопственици по таа основа.

Друго што изгледа криминално, а што го соопшти Анѓушев, е тој двоен залог (хипотека) на уделите (акциите) на Кунико, во корист на кинескиот фонд Трафигура, (или така некако) за да добие позајмица (аванс) од 35 милиони долари, што всушност било и главната причина што не можел да се дозволи пренос на сопственоста врз Фени од Кунико на Енкод. Овде, ако добро сфатив, ќе биде или веќе е покрената кривична постапка.

Она што не беше докрај разјаснето, е дали и за идниот потенцијален инвеститор истиот залог кон Кинезите нема да биде кочница? Зошто за Енекод е, а за нив да не биде? Не го „купувам“ обајснувањето на владините претставници дека Енекод, била „несериозна“, а тие швајцарци „сериозна“ компанија со силно портфолио, и со повеќе пари. Не е прашање дека некој, барем не од овие мачори, нема или не може да најде пари. Ама треба прво да гледа математика. Се прашува ли владата дали пребрзо го избрка Енекод „на правда божја“? Дали нема да биде премногу и на другиот инвеститор да ги „сервисира“ долговите на Фени и кон банките и кон кинескиот фонд и плус да ги вложи потребните пари за натамошно непречено работење на комбинатот (суровина, струја, заостанати плати)? Бугарката Башарова од Енкод рече дека би ги презела сите долгови со дисконт од 50 отсто, што од Анѓушев беше отфлено со индигнација. Да не биде утре „money talks bullshit walks“.

Од дебатата стана очигледно дека владата има свој фаворит за инвеститор во Фени, кој, за чудо, иако прозван и во претходните емисии, не се појави да го видиме. Некаков швајцарски фонд со „перфектно портфолио“, и со, пази ова – истите партнери, Грци што биле во Фени до 2015 година?! Тоа синдикалецот лукаво им го спушти, откривајќи уште дека „нивни луѓе“ деноноќно се во Фени и дека Фени е како под опсада. (Значи, Грците се пак во игра, и тоа со „обилата“ владина поддршка. Мошне интересно, особено во светлина, море во топлина, на последните случувања на релација Скопје-Атина. Нели Грција бараше знаци, на добра волја...)

Се виде дека банките се диригирани од владата, односно под нејзин диктат го внесле Фени во стечај. Вербалните заложби за „немешање“ во бизнисот и „само замолување“, се распрснаа во текот на дискусијата како меур од сапуница. Владата го побарала, или, ако го барале банките на своја рака (а, нема теорија) владата тоа го одобрила, оставајќи ги вработените и коминтентите без пари, а со кредити, што е крајно ризична ситуација и за нив и за владата. Некој од тие несреќници во очај може да крене рака на себе, тогаш на владата и три пи-ар служби ќе ѝ бидат малку! Кутрите инженери и работници сакаа да кажат колку е стечајот сам по себе штетен и да прашаат дали бил неизбежен, на што вицепремиерот објаснуваше дека тој е единствениот „спас“, „лек“, „расчистување на работите“, откривајќи уште повеќе дека тој е „идеологот“ на стечајот и негов инспиратор. Тоа треба да се запамти, за утре, во зависност од тоа како ќе заврши оваа бизнис- операција на отворено срце наречена „стечај на Фени“, да знаеме кој ги има заслугите, односно вината.

Како и да е, владата фаворизира една компанија односно протерува друга, иако про-форма глуми комплетна непристрасност и немешање, дотаму што Бугарката Башарова се извади од кожа и му плесна в лице на Анѓушев да не шири демагогија. Таа дури и не му префрла за тоа, само му одбруси – што не казахте веднага, не ве искаме, да не се лажеме (мој слободен превод) И стварно, што си играат мајтап? Па од авион се гледа дека ги омаловажуваат – те немале доволно пари, те не биле сериозни, не исплатиле плати, а ветиле. Никогаш Анѓушев не одговори „поштено“, иако Башарова петсто пати го праша, зошто под милим богом некој би требало да исплати заостанати плати, ако му докажувате дека не е, никогаш не бил и не може да стане газда на Фени?? Попусто Башарова велеше дека е контрадикторен, кога ниту водителот, ниту другите соговорници не се задржаа на таа контрадикторност.

И тука дојдов до уште една работа – дека дебатата не беше фер! Сопственичката на Енекод беше сама наспроти сите, водителот не се потруди да ѝ даде доволно простор, беше хендикепирана со тоа што беше на скајп, а не во живо, плус јазичната бариера беше во прилог на нејзините опоненти. Тоа беше еден неџантлменски, целосно „нерамен терен“ во прилог на владата и банкарите. На крајот, тие повторно останаа сами да си ја довршат својата верзија на приказната без спротивно гледиште и да „сошијат“ ако некаде се распарало. Нефер.

И на крај, но не помалку важно – напротив – срамно:

Водителот Младен Чадиковски соопшти дека една банка (Стопанска, мислам) ја повлекла рекламата од 24 вести, откако беше емитувано интервјуто со Башарова, менаџерката на Енекод. Тоа е скандалозно однесување, обид за цензура, замолкнување на телевизијата. Цензурата е забранета со македонскиот Устав и Закони, и мора најенергично да реагираат ЗНМ, обвинителство и другите надлежни тела. Владата и владејачките партии мора да го осудат таквото однесување, ако сака некој во иднина да ги зема сериозно нивните „залагања“ за слобода на новинарството и на говорот. Залагања на гол збор не вредат ни пет пари.

Извор: Фејсбук профилот на авторот