Кина и источна Европа

19.06.2021 14:25
Кина и источна Европа

Во одличната книга „Како Кина ја избегна шок терапијата“, Изабела Вебер (Isabella Weber) пишува за тоа како Кина можеби само заради среќни околности успеала да ја заобиколи шок терапијата и економската „голема експлозија“ која им се случи на државите од источна Европа и да го пронајде сопствениот пат.

Авторката само попатно спомнува дека Кина успешно избегнала уште една голема опасност: стапицата на задолжувањето. Таа опасност надвисна врз Кина околу 1978-та година, кога Хуа Гуофенф правел планови за раздвижување на економијата со примена на источноевропскиот модел за економски развој. Изабеле Вебер пишува за делегациите на кинески економисти кои во 1988 година ја посетувале Унгарија и Југославија за да ги видат резултатите од економските реформи во овие држави. Оценките со кои се вратиле во Кина биле прилично неповолни заради анемичниот раст и високата инфлација во двете земји. Верувам дека во Кина ја однеле и поучната приказна за опасностите од паѓањето во стапицата на долговите.

Затоа е корисно подетално да се испита како Југославија, Романија, Полска и Унгарија, во периодот по нафтениот шок од 70-тите години на минатиот век, кога петро-долари имаше во изобилство, секоја за себе се задолжуваше кај државните и приватните кредитори на запад.

Задолжувањето беше мотивирано од желбата да се забрза економскиот раст. Истиот мотив стоеше зад економските реформи во Југославија, во 1965 година и Унгарија во 1968 година, како и промената на владата во Полска во 1970 година, по немирите во Гдањск. Планот на реформаторите беше да се користат пари од запад за да се изградат индустрии што ќе овозможат замена на увозот (што беше направено во поголем дел од светот во тоа време) или да развијат извозно ориентирани сектори кои ќе обезбедат силен прилив на валути. И во двата случаи, планот беше да се вратат самите заеми, заштедувајќи ги парите потребни за увоз на стоки што се плаќаа во цврста валута или со производство на стоки што може да се извезат на запад. (Овој вид на програма беше најјасно дефиниран во Полска под Герек.)

Исто така, земањето кредити беше политички поприфатливо отколку обидот да се привлечат странски (западни) инвеститори. Задолжените земји на тој начин задржаа целосна контрола врз одлуките за тоа како ќе се користат парите. Менаџментот може да одлучи да ги насочи средствата кон цели како што се развој на заостанати региони, купување политичка поддршка или дури и трошење. Ако парите беа под контрола на странски инвеститори, сите одлуки ќе беа во нивни раце.

Како што е познато, таа логика скапо ги чинеше сите социјалистички држави. Инвестициите беа неефикасни, а новите бизниси дополнително го оптоваруваа буџетот. (Одлична книга за лошите инвестиции во тој период, „Na zgarištu promašenih investicija“, напиша Ратко Бошковиќ. Објавена е во 1990 година, кога првпат ја прочитав, и оттогаш стои на мојата полица.) Стапките од враќање на инвестицијата беа пониски од каматните стапки на кредитите добиени од запад. Сосема е можно дека стапките на поврат во некои случаи биле негативни. Во основа, по шокот на Волкер и наглиот скок на каматните стапки, социјалистичките земји кои се задолжија во 70-тите години на минатиот век беа принудени да потрошат голем дел од својот бруто национален производ за отплата на долговите кон странските кредитори.

(Може да се тврди дека Волкер на тој начин го собори социјализмот. Се разбира, ова е донекаде несериозен коментар - затоа што она што навистина го сруши социјализмот беше, меѓу другото, ниската ефикасност на инвестициите. Шокот на Волкер само ја покажа оваа неефикасност.)

Должничката криза во овие држави се манифестирала на различни, но поврзани начини. Во Југославија тоа доведе до нови задолжувања кај ММФ. Заемот кој ММФ ѝ го даде на Југославија во 1981 година, во тој момент беше најголемиот заем што кога било го одобрил ММФ. Таа голема сума е одобрена за држава со само 20 милиони жители. Но во тој момнет, Југославија била стратегиски важна за западот. (Не смееме да заборавимедека тоа беше време на големи тензии во студената војна и дека претходната година беше извршена инвазија на Авганистан што дополнително го зголемило стратегиското значење на Југославија. Западот верувал дека Советите се обидуваат да ја вратат Југославија во својот сојуз). Западот одби да ги отпише старите комерцијални кредити, но бил подготвен да помогне (или да „помогне“) со кредитите на ММФ. Југославија никогаш не успеа да се спаси од „стапицата на долговите“ па хиперинфлацијата, високата стапка на невработеност меѓу младите и нерешливото прашање на Косово, на половината на 80-тите години гопренасочија вниманието на политичките елити кон национализмот. Мислам дека нема сомнение дека теренот за тоа го подготвила економската катастрофа во 80-тите години.

Во Полска, кризата на платниот биланс довела до промена на мерките за штедење што веќе незадоволната работиничка класа ја поттикнало да се приклучи кон „Солидарност“ и тоа довело до уште едно паѓање на владата. (Герек падна на истиот испит, со кој изворно и дојде на власт во 1970 година) Во декмври, 1981 година, Полска прогласила вонредна состојба и објавила дека нема да го плаќа долгот на кредиторите од Парискиот клуб. Иако Полска уште од 1986 година била членка на ММФ, а и на Светска банка, ниту едната, ниту другата организација не ѝ одобиле помош. Формалното образложение за ускратувањето на кредит било стопирањето на отпалатата на долгот, но вистинските причини, се разбира биле од политичка природа. Соединетите држави не сакале да дадат помош на комунистички режим кои штотуку прогалсил вонредна состојба и надвород законот го ставил антикомунистичкиот сојуз со 10 милиони членови. Во 1988 година, Полска се обидела да спроведе нова програма на штедење која не се разликувала многу од Програмата на Балцерович, применета една година подоцна, но тој обид пропаднал зарад одбивањето на работниците да го прифатат намалувањето на платите. Биле организирани преговори за да се најде излез и тој бил пронајден (прилично неочекувано) во смената на комунистичката партија, отворање преговори за репрограмирање на договите на дравата и спроведување на програмата на Лешек Балцерович.

Должничката криза во Романија го навела Чаушеску да го промени курсот на забрзана отплата на долговите кон странските кредитори – во обид засекогаш да се ослободи од мешањето на странците во економијата на државата. Вовел многу строги мерки на штедење, вклучувајќи и драконски рестрикции на електрична енергија и рационализирање на храната. Но во !989 година, Чаушеску бил осамена фигура во Европа и набрзо бил симнат од власт со државен удар.

Унгарија страдаше од ниски стапки на раст и хронични проблеми со платниот биланс, но не ја прекина отплатата на долговите, па дури и не побара репрограмирање. (Некои Унгарци подоцна се пожалија дека 65 отсто од долгот на Полска е отпишан по 1989 година, додека Унгарија мораше да врати сè што должела.) И во Унгарија дојде до промена на режимот.

Од друга страна, Кина успешно ги заобиколи сите проблеми, можеби заради тоа што имала среќа да влезе во процесот на реформи релативно доцна, па така добила прилика да види каде води задолжувањето без соодветни промени во самата структура на управување со економијата. Ја избегнала и трансформацијата според моделот на „голема експлозија“, иако во три наврати била на работа и тоа да се обиде да го направи, како што пишува Изабела Вебер. Спротивно од случувањата во Полска кои доведоа до пад на Јарузелски, насилното разбвање на протестите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година, во ироничен обрт ја пренасчило енергијата на земјата од политичките реформи кон економскиот развој. Кога Денг ја организираше познатата Јужна турнеја во 1992 година (што формално ја спроведе во приватно својство), Кина веќе беше подготвена да тргне по друг пат: со привлекување странски инвестиции, освојување странски технологии и имитирање на „чудесните“ економии на источна Азија.

Оваа приказна е важна заради две причини. Прво, ни помага да разбереме дека темелите на успехот на Кина не биле однапред подготвени, туку дека се резултат на редица случајности и среќни околности. Второ, таа потврдува дека главните причини на падот на комунистичките режими биле од економска природа. Западните политиколози сакаат да пишуваат за „слободата“ и „духот на 1989-та“, но повеќето од нив малку знаат за комунистичките економии, па не сфаќаат како економската неефикасност и желбата да се спроведат реформи со користење кредити од запад произведоа запалива мешавина која прилично брзо (за помалку од една деценија) го сруши комунизмот.


Карикатури: Pavel Constantin

Извор: Global inequality

 

ОкоБоли главаВицФото