1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Лето е, 2021 година. Надвор е жешко, а уште пожешко е на столчињата во парламентот и во владата. Стигнала за наплата еврообврзницата! Онака тешка, за Македонија, цела планина. Тежина од половина милијарди евра. Тоа е петтина од сегашниот буџет! Оној што одвај се собира, растегнува, со скриени неплаќања, со ригорозна казнена политика...
Која ли влада ќе го понесе овој товар. Ако е оваа сегашнава, таа е умна. Пак ќе си зајми пари. А светските инвеститори, ми се чини дека долго време ќе бидат расположени за зајмување. Исто како и секој лихвар.
За македонската влада, пак, лихвата на еврообврзницата била мала, одвај 3,9 проценти. Но Владата ја кажа номиналната камата, а ја „заборави“ ефективната камата, со вклучените останати трошоци.
По секоја економска логика позајмените пари треба да донесат економски развој од кои ќе се вратат и зајмените пари и каматите. Според статистичките податоци, бруто-домашниот производ за минатата година бил 7,6 милијарди евра, па само за отплата на оваа позајмица, во наредните 7 години треба да се обезбеди негов пораст од 8,4 проценти. А, каде се другите кредити? Само вчера за наплата на домашните банки стигнаа 14 милиони евра! Владата си има една „модерна логика“. Малку сме биле задолжени. Во светот сите се задолжувале. Еве, една Италија пливала во долгови! Несомнено ова се добри аргументи за еден банкар. Но, нашата земја не е банка, таа е онаа што позајмува, и тоа секоја година сѐ повеќе и повеќе.
Владата си зајми и си гради. Гради споменици, барокни згради, фасади, индустриски зони. Ама по секој дожд, во барокната метропола, на површина избива изметот од канализациите. Нешто смрди во ова градење, и во овие кредити, и камати, и во оние зони со кинески плати...
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња