Може ли Господ да ѝ помогне на Попова Шапка?

10.01.2018 03:01
Може ли Господ да ѝ помогне на Попова Шапка?

Минатиов викенд, за божиќниве празници, бев на Попова Шапка. Многу ги сакам верскиве празници, оти мене ми доаѓаат како чист бонус: како стареам, од атеизмот („Господ не постои!“ – на што нѐ учеа комунистите во социјализмот), преоѓам накај агностицизам (не можам рационално да го оправдам ни постоењето, ни непостоењето на боговите, иако некако ми личи дека зад целиов проект мора да стои некаков голем и недоквакан Архитект?!), па кога на бајките за Дедо Мраз ќе се надоврзат прикаските за Христовото раѓање, нормално е дека ви се неопходни десет неработни денови за да можете целата работа на тенане да си ја објасните. И да ја сварите. Оти, што е право, многу скромно се беше изело и испило.

А нема поубаво место од Попова Шапка за, во белината на моќната планина, вдахновено да размислувате за божествени работи. Има за тоа и адекватни верски објекти. Имено, таму, на Шапка, на едниот рид пред неколку години се изгради поприличен православен манастир со црква – ако не се лажам, без неопходните градежни дозволи и останати документации. Сега, на спротивниот рид, од пред неколку месеци, се гради поприлична џамија – ако не се лажам, и таа без градежна дозвола и останата неопходна документација. Мислам дека минарето на џамијата, одокативно мерено, кога ќе се вивне кон Господ, би требало да биде повисоко од крстот на црквата, иако со камбанаријата можно е да водат „мртва висинска трка“…

Во составот на манастирот има добро разработено бифе и соби за преноќување за зимскиве викенд верници-намерници; а и џамијава, како што гледам, ќе има барем два ката со нешто што наликува на апартмани, веројатно за одмор и поткрепа за муслиманскиве скијачки верници.

Убаво. Треба верата да се негува и на високо, поблизу до Бога, каде воздухот е поредок и почист. Оти ако те фати бунило од многу оксиген, молитвата секогаш помага.

На цела Попова Шапка нема ниту една јавна канта за отпадоци. Таму минатиов продолжен викенд се провртеа над десет илјади туристи. За среќа, нема ниту една единствена клупа за седење или некаква друга урбана туристичка опрема, па сметот се расфрла насекаде, не е на купчиња и речиси и да не можете да го забележите до идната пролет, кога ќе се стопи снегот.

До Шапка, се разбира, нема јавен превоз од Тетово – жичницата умре пред повеќе од две-три децении, а воскресенијата се резервирани на други теми – па оние една илјада викенд-автомобили се расфрлани по патот, годинава со километри надолу, дури до Лисец!

Навечер, по благава зима, кога е најпријатно за шетање, поголем дел од јавната расвета работи, наспроти онаа што не работи, па не мора целата батерија од мобилниот да ја потрошите на осветлување на патот по кој се движите. А и патот е, главно, останат од доцниот социјализам. Таму каде што го има, меѓу наносите од снег и мраз.

Како што е познато, во социјализмот, во туристичката населба на Шапка, на Албанците речиси и да не им се издаваа дозволи за градење викенд куќи – Албанците беа политички сомнително население, главно иредента (а Шапка е блиску до Косово!), а и што ќе им се на нив куќи на Шапка кога си живеат во Тетово! Денеска, куќи, кафеани, хотели гради кој кај ќе стигне, Албанци од цел Балкан и Македонци, сѐ поретко, главно од Скопје. Демократијата е прекрасна работа, без разлика на обемот на водоводните и канализациските цевки.

За Попова Шапка никој не се чувствува надлежен, ниту општината Тетово, ниту централната власт во Скопје. Што е право, претходната власт пред пет-шест години направи некакви грандиозни планови (сум ги видел!) за развој на туристичкиот центар на Шапка, но бидејќи не беше предвидено да се гради во барок, плановите останаа на хартија.

А би можел до утре да ви зборувам за потенцијалите на идејата Попова Шапка да стане модерен зимско-летен туристички центар! Прашање е дали и Господ би можел да ни помогне во таа работа?

Извор: https://civilmedia.mk