За мажјаснувачите и мажјаците

11.03.2018 00:56
За мажјаснувачите и мажјаците

Без намера да се осврнувам на настанот, да го фалам или критикувам, морам да споменам дека на 8ми Март бев на ПичПрич. Будно ги проследив сите раскажани приказни во живо, несечени, нелепени и немонтирани – вклучително и онаа на специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи. Но, овој текст не е ниту за ПичПрич, ниту за Фатиме Фетаи.

Уште вчера тој нејзин настап беше експресно пуштен на една наша телевизија (а претпоставувам, сечена, лепена и монтирана верзија дури стигнала и на вестите). Денес на социјалните мрежи, како реакција на тој нејзин настап, мирните предвикендашки води ги разбранува текстот „Пич спичот или препичуењето на госпоѓа Фатиме Фетаи“ на Бранко Героски, објавен на неговиот портал Плусинфо, а инспириран, веројатно, од фактот дека беше споменат во нејзината приказна. Но, иако овде ќе морам да се осврнам на еден мал дел од неговото писание – овој текст не е ниту за „Пич спичот...“, ниту за Бранко Героски.

Сепак, да одиме со ред: приказната на Фатиме Фетаи се однесуваше на осудата од јавноста што ја добила за одење во диско додека е на функција на специјален јавен обвинител, а еден од заклучоците беше дека осудата лично ја почувствувала повеќе како жена отколку како специјална јавна обвинителка, бидејќи според неа, нејзините машки колеги ја имаат таа привилегија нивниот приватен живот да не е под лупата на јавноста, ниту пак моралниот кантар за жените и мажите според неа е ист.

Героски беше споменат само во првичниот контекст, како еден од главните „обвинители“ на Фетаи во случајот „Треска на саботната вечер“ (м.з.) – но не и во вториот, дека ја осудил „како жена“. Без разлика на тоа, во неговиот текст Героски вели: „Вашиот спин дека сум ве обвинил ,како жена’, без оглед што е обична и лесно препознатлива лага, ме обврзува и јас малку да се вклучам во тој ваш пич прич и искрено да ви кажам што мислам за вас ,како жена’(...) Не сте мој тип, госпоѓо Фетаи!“ И тука следи каконада од навреди и етикети кон Фетаи, за нејзиниот изглед, вкус и за тоа дали му е интересна како сексуален објект, зачинета со трошки автобиографски увиди во рафинираноста на вкусот за литература и музика на младиот Героски.

Пред да преминам на главното, морам тука да се осврнам на тоа што значи некој да биде гледан „како жена“ од женска перспектива, а што, очигледно, тоа истото значи и од машка. Да бидеш гледана „како жена“ за една жена често значи да те гледаат, ценат и судат само и единствено според моралните начела на патријархатот во кој си нешто поинакво од мажот, за тебе не важат истите правила, твоето и местото на мажот се строго поделени, а секое преземање на некоја од машките улоги ќе се третира како недоличен гест. Да бидеш гледана „како жена“ за еден маж значи да размисли (а во овој случај и сосема неповикан да ти имплицира) дали или не би ти го бапнал.

И тука завршувам и со Фетаи и со Героски, и ќе се задржам на клучната реченица која цел ден во стотици варијанти досетливо се реконтекстуализира на Фејсбук: „Не сте мој тип, госпоѓо Фетаи.“

Не сте мој тип. Ова е најкултурната варијанта на еден куп реченици што секоја од нас ги слушнала или прочитала за себе или за некоја друга жена: Ружна си. Грда си како вампир. Носот ти е ко бабура. Како даска за сурфање си. Кој тебе би те е.ел, свињо дебела. Звучи познато, знам. Да се потсетиме во кој контекст, особено во ерата на социјалните мрежи и интернетот, се користат ваквите навреди кон жените: се пишуваат во функција на одговор на мислење искажано од жена, доколку тоа мислење е различно од мислењето на реплицирачот. Најпрецизно, навредата за физичкиот изглед на жената, најчесто засилена со сексуален контекст, се пишува кога мажот решава дека нема простор за мажјаснување, или пак нема контра аргументи на изнесениот став. Накусо, ако мажот не сака да ти го бапне, тој нема што да разговара со тебе и да го валоризира твоето мислење. Ако не си негов тип, те дискредитира.

А што ако си негов тип? Какви коментари се добиваат тогаш? Се извинувам за речникот на сите со осетливи уши, очи и визуелна имагинација, но: Ти сака га.ето. Како би ја тртел оваа. Ќе ти го начукам меѓу зуби. ДА ТЕ ЧЕРЕЧАМ ТЕБЕ НА К.РОВ КРВ ДА ПЛУКАШ К.РВО. Звучи познато? Повторно да. Во кој контекст, пак, се користат овие навреди? Се пишуваат во функција на одговор на мислење искажано од жена, доколку тоа мислење е различно од мислењето на реплицирачот. Најпрецизно, сексуалната алузија или јавно експлицираниот иден сексуален чин, се опишува кога мажот решава дека нема простор за мажјаснување, или пак нема контра аргументи на изнесениот став. Накусо, ако мажот сака да ти го бапне, тој нема што да разговара со тебе и да го валоризира твоето мислење. Ако си негов тип, те дискредитира.

Дури и мачката на Шредингер има повеќе метафорична светлина во затворената кутија од нас – во кутијата, а и вон неа, ние никогаш немаме два избора. Ние секогаш имаме само еден избор. Едниот и единствен – нашето мислење да е неважно, и тоа да ни биде соопштено низ безбројни варијации на „не си мој тип“ или „си мој тип“, како своевидна тажна хамлетовска пародија во 21 век, „би те“ или „не би те“.

Епа, драги мажјаци, мажјаснувачи и сите помеѓу, кога го кажувам ова верувам дека не зборувам само од свое име, и се надевам дека барем стотици македонски девојки и жени би го изговориле истово на глас: Баш нè заболе дали сме ваш тип! Баш нè заболе што ве возбудува и привлекува, тој муабет терајте го во сферите во кои од тие ваши ставови би имало некаков резултат, т.е. споделувајте ги со вашите партнерки, партнери, идни, сегашни, потенцијални. Запишете ги на вашите профили на Тиндер и Грајндер. Нас тоа тотално не не’ интересира. Ако нè заинтересира, ќе ве прашаме, не се секирајте.

Не само што ваквиот тип на „комуникација“ е бесмислен, апсурден, неаргументиран и некултурен, знае да биде и крајно непријатен во дадени ранливи моменти – тука морам да споменам дека ваквите „типизации“ се јавуваа и како коментари на иницијативата #СегаКажувам, каде со обид да се објективизира жртвата всушност се банализираше сексуалното насилство и вознемирување. Но исто така не заборавајте дека секој обид за опредметнување и сексуално вреднување не зборува за субјектот на кој тоа му го правите, ами зборува за вас.

За крај, ќе морам да потенцирам дека како жена, навикната на тоа да сум стереотипизирана лично или да сум сведок на тоа секојдневно, сигурна сум и апсолутно сум свесна дека не се сите мажи исти, и не се сите мажи „лошите“ мажјаци и мажјаснувачи на кои овој текст им е посветен. Им праќам голем поздрав на еден куп татковци, браќа, другари, дечковци, сопрузи, партнери, колеги...кои нè гледаат како човечки суштества со безброј други идентитети кои ги поседуваме, освен гениталнио-сексуално-репродуктивниот.

Тие мажи нека ви бидат пример за тоа дека може да се биде маж и без да се мафта метафоричниот пенис во секоја дискусија, а нам ни се доказ дека фалоцентричниот патријархат, фрустрирачки и напорен за сите, најлесно можеме да го победиме заедно.

Слики: Karin Mack, Lynn Hershman

ОкоБоли главаВицФото