Џоан Баез: На турнеите им дојде крај, на протестирањето никогаш

23.05.2018 10:06
Џоан Баез: На турнеите им дојде крај, на протестирањето никогаш

Настапува веќе шест децении и од 2008 година до неодамна немаше издадено нов албум. Но, Џоан Баез го сврте вниманието на јавноста врз себе кога Тејлор Свифит ја покани да ѝ се придружи на сцената, а Лана дел Реј кажа дека врз нејзиниот најнов албум „Lust for Life“ влијаеле раните дела на Баез. Минатата година, Џоан е примена во Рокенрол салата на славните. Нејзната верзија од 1970 година на песната od The Band, „The Night They Drove Old Dixie Down” (и нејзин единствен Топ 10 сингл) можеше да се слушне во филмот „Три билборди пред Ебинг во Мисури“.

И само што оваа музичка икона и една од првите активисти од 60-тите години, поттикна нов и свеж интерес за своето културолошко влијание, таа одлучи да се повлече. Баез објави дека нејзиниот нов албум „Whistle Down the Wind” ќе биде последен и дека нејзината осуммесечна турнеја, која почна во март, во Шведска, ќе биде нејзината последна турнеја.

„Тоа е голема одлука, но чувствувам дека е исправна“, вели 77- годишната Џоан Баез шетајќи низ дворот на нејзината куќа во Силиконската долина, во Калифорнија, кадешто живее веќе 50 години.

Кристалната чистотата на нејзиниот глас одѕвонува уште од 1963 година и Маршот во Вашингтон, преку легендарниот Вудсток шест години подоцна, од „Live Aid“ во 1985 година до протестот против нафтоводот во Дакота, во 2016 година. Но, промените во нејзиниот глас ја натераа да се одлучи за пензија.

„Пред многу години го прашав мојот вокален тренер кога ќе дојде времето да се повлечам и тој ми рече дека самиот глас ќе ми го каже тоа. И навистина така се случи, тоа е мускул и сè повеќе мора да го вежбате за да работи како што треба“, вели таа.

Продуцентот на албумот „Whistle Down the Wind”, Џо Хенри (кој соработувал со Бони Рејт, Ален Тусен и Соломон Бурк) вели дека Баез се помирила со ограничувањата што заради возраста ги има нејзиниот глас. „Бев свесен дека не се чувствува поврзано со боите на својата палета, но губењето на тој неверојатен опсег, ни најмалку не ја намали нејзината емотивна моќ за раскажување“, вели тој.

Баез објаснува дека сакала нејзиниот последен албум, на кој изведува песни од Том Вејтс, Џош Ритер, Мери Чапин Карпентер, меѓу останатите, да биде како полица за книги на нејзината кариера, која почнала во 1960 година со албумот насловен со нејзиното име и кој се наоѓа во Салата на славните на Греми и во нациналниот звучен регистар на Конгресната библиотека. Поважно ѝ било да има албум што ќе одговара на моменталната состојба, отколку да биде конечна изјава.

Свесно се обидов да снимам албум, кој на некој музички начин е обид да се пронајде убавина во целото зло. Но, не сакав да снимам нешто што е премногу директно. Морав да изоставам две песни кои беа премногу очигледни, а јас сакав нешто што сепак ќе трае подолго“.

Моменталната политичка ситуација таа ја гледа како „резултат на 40-годишната борба на десничарските конзервативци кои научија како да зборуваат, како да лажат, како да ги извртуваат работите на начин на којшто либералите и прогресивците тоа никогаш не го правеле“.

Но, Џоан Баез се надева во енергијата што ја видела на протестите на жените, своите надежи ги полага во жените и во бројката на жени кои имаат намера да се кандидираат за претседател на државата и на други места во американската администрација. „Драго ми што тоа не се само еднократни акции по кои сè завршува. Се плашев дека ќе се израдувам на собирањето на милион жени, кои потоа ќе си отидат дома, но тоа не се случува“, вели Баез, која во 2015 година, беше одликувана со орденот Амбасадор на совеста на Amnesty international.

Таа предупредува дека не треба да се романтизираат или да се имитираат протестните движења од 60-тите години во чие обликување и дефинирање и самата имала удел. „Мислам дека обидите да се организира втор Вудсток би биле навистина глупави“, вели таа. „Многу млади ми имаат кажано дека би го сакале тоа, но тоа е премногу идеализирана слика, со сите тие величенствени музичари“.

Во јануари, Џоан Баез, чиј татко бил истакнат физичар, роден во Мексико, беше во Стејт Капитол во Калифорнија на комеморацијата за несреќата во кањонот Лос Гатос, кога во 1948 година таму погинале 32 луѓе, од кои 28 биле Мексиканци, а нивните имиња тогашната американска власт никогаш не ги објавила. Пред потомците на загинатите ја испеала песната на Вуди Гатри „ Deportee“. Таа кажа дека никогаш нема да престане да учествува во таквите акции.

„Не е многу, но малите работи, денес, стануваат многу поважни, светот во кој живееме стана ужасен и ќе му треба секоја и најмалата победа“.
Неколку денови по интервјуто, таа ми испрати мејл во кој напиша дека сè уште се бори да ја прифати својата улога и одговорност.

Кога ќе застанам на сцената, јас не пишувам историја, јас сум историја. Можеби е доволно да ги потсетувам луѓето на времето кога ја имавме музиката, кога имавме цел, насока и кога се имавме едни со други. Мојот темел е ненасилната политичка акција, така почнав уште пред да станам музичар, затоа и не ја исклучувам можноста за граѓанска непослушност, дури и одење во затвор. Некој ќе мора. Па, сепак постои доблест во тоа што сте го носеле пламенот и благородно е сега да го пренесете на некој друг“, вели Џоан Баез.

Извор: The New York Times

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Квир / Историја
Уметност / Теорија / Музика / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Активизам / Теорија / Историја
Активизам / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото