Три нови стрипа од ревијата „Стрип креатор“

09.06.2018 01:27
Три нови стрипа од ревијата „Стрип креатор“

Стрип центарот на Македонија (со седиште во Велес) ја збогати македонската стрип сцена со три нови изданија од ревијата „Стрип креатор“, како и стрип книгата „Хацон, Крал Пребонд, Климент Охридски “ од македонскиот доајен Миле Топуз. Изданија се дел од годишната програма за издаваштво на Министерството за култура.

„Ревијата „Стрип креатор “ е единствено постојано стрип издание кадешто се презентираат наградените ,како и подобрите македонски стрипови од последниот , 15-ти по ред Интернационален стрип салон „Велес 2017“. Во оваа ревија свои први стрипови објавиле порано млади , а сега веќе афирмирани стрип автори од земјата. Во последните броеви на „Стрип креатор“ се објавуваат стрипови од ветераните Диме Иванов-Димано, Тоде Блажевски, преку неправедно запоставениот Јорданчо Давидовски и завршувајки до средношколката Калина Печевска…Исто така, во овие два броја е претставен еден дел од стрипот „Клеопатра“ кој, за жал, не ја доби поддршката од комисиите при Министерството за култура“, велат од Стрип центарот.

Стрип книгата „Хацон, Крал Пребонд, Климент Охридски “од Миле Топуз дава придонес во популаризацијата на македонската историја од средниот век. „Со тоа уште еднаш се потврди дека стрипот, како светски позната 9- та уметност може да има голема примена во социјалниот живот и образованието. Затоа јавната поддршка кон стрипот треба да остане на високо ниво, почитувајки ги принципите наведени во Стратегијата за култура на Р.Македонија: деметрополизација, повеќегодишно искуство и квалитет“, додаваат од Стрип центарот. 

Техничкиот дизајн на овие изданија е на Александар Стеванов кој и самиот е вклучен во списанието „Стрип креатор“ преку стрипот „Мачорот што сакаше да биде крал на цветот“ во коавторство со Катерина Тери Николовска.