Филип Јовановски и Ивана Васева претставуваат свои проекти во Белград

14.06.2018 01:09
Филип Јовановски и Ивана Васева претставуваат свои проекти во Белград

Делото „Текстил и јад“ на визуелниот уметник Филип Јовановски и истражувачкиот проект „Црвен ни е бајракот, што гордо се вее: културната еманципација на работниците и културата на трудот во модната конфекција „Астибо“ во Штип, во 70-тите и 80-тите години на 20 век“ на кураторката Ивана Васева се дел од изложбата „Градови ви подигнавме, изложба за противречностите на југословенскиот социјализам “ која се отвори на 13 јуни и ќе трае до 2 јули во Галеријата „Цвета Зузориќ“ во Белград.

Новиот уметнички проект на Јовановски во соработка со Васева се манифестира во форма на весник колективно уреден со работниците и активисти од организацијата „Гласен текстилец“ од Штип, како (политички) простор за еманципација и колективна акција која ќе иницира услови за подобри човекови и работнички права.

„Во основата на ова уметничко дело е развивањето на релациите и односите меѓу работниците и културните работници, како современ естетски чин во активирањето за заедничка борба за нивните работнички права“, појаснуваат уметниците.

Весникот, реферира на наследството од културниот живот на фабриката „Астибо“ во Штип, посебно надоврзувајќи се на содржината и структурата на весникот „Астибо”, кој беше објавуван во периодот 1973-1993 година.

Делото е дополнително збогатено со рачни торби, изработени од колективот „Гласен текстилец“ и постери на неколку оригинални насловни страници на весникот Астибо.

Истражувачкиот проект на кураторката Ивана Васева се осврнува на самоуправната култура во Југославија, како култура која им припаѓа на сите или покрај културните работници, и на работниците, и ја анализира важноста на културата во овој период, како култура која не сака да го направи работникот покултурен во некоја елитна смисла, туку работничката класа да биде творец, креатор на културата и културната политика. Подлогата за ова истражување е весникот Астибо, како весник на работните луѓе во истоимената фабрика кој за прв пат излегол од печат во 1973 год.

Делото на Филип Јовановски зборува за промената на работните услови т.е. преминот од социјализмот во капиталистичките односи воведе и смена на работните услови: самите работници работат прекувремено, многу често за викенд и за празници без парична надокнада, под диктатот на нормата на остварување повеќе производни бројки, месечните примања се многу ниски, под стандардот а најчесто односот и третманот кон работниците е под секое човечко ниво со силно психичко насилство. Некои од пцовките се: Дојдете ли тука да дремете како ќурки или да работете?, Ја ве ранам, неблагодарни створења!, Стока да беше, повише ќе разбереше!, Денеска до 5, оти сте фанати у раците!, Ако ве исфрлам од тука, за леб ќе немате! итн. Тие поради долгите работни саати често и немаат време за своите приватни и општетсвени обврски.

Најчесто жените се вработени во текстилните конфекции и фабрики, мажите се мал процент а нивна главна преокупација е такси возењето. Во општина Штип, според последните статистики, 10,8% од вкупниот број на фабрики во Македонија кои работат во текстилната индустрија, се наоѓаат во Штип, каде работат 15,8% од вкупен број на вработени во текстилната индустрија на ниво на Македонија. Се проценува дека бројот е над 7000 вработени во овој сектор, додека околу 80 % се жени.

Куратори на оваа групна изложба се Вида Кнежевиќ и Марко Милетиќ (Контекст колектив).

Учествуваат уметниците: Бојан Mrđenović (Загреб), Борис Postnikov (Загреб), Центарот за современа уметност на Црна Гора (Подгорица), Црвена Здружение за култура и уметност (Сараево), Doplgenger (Белград), Филип Јовановски и Ивана Васева (Скопје), групата Борово (Загреб), Ирена Пејиќ (Белград), Искра Крстиќ (Белград), СТАПКА (Белград), Лидија Радојевиќ К. и Ана Podvršič (Грац / Љубљана), Мајлинда Хоџа (Приштина), Марио Reljanović (Белград), Милица Lupsor ( Зрењанин), културен центар ТОЧКА (Никшиќ) работничка видео клуб (Зрењанин), Срѓан Ковачевиќ (Загреб), Виган Нимани (Приштина).

Продукција: Центар за културна деконтаминација-Белград
Изложбата е резултат на проектот „Пертеј/Beyond/Preko 20 godina“