Разликата помеѓу интровертноста и социјалната анксиозност

23.06.2018 02:58
Разликата помеѓу интровертноста и социјалната анксиозност

Сè почесто можеме да ги слушнеме луѓето како се опишуваат себеси како екстроверти или интроверти. Но, што точно значи тоа? Екстровертноста и интровертноста се два екстремни полови на една иста димензија, односно црти на личноста. Некој може да се приближува кон едниот или другиот пол или некаде помеѓу. Карл Густав Јунг е заслужен за популаризацијата на овие два концепти во раните дваесетти години на минатиот век. Идентификувал и трет, но не го именувал ниту напишал многу за тоа. Дури по 1940 година терминот „амбиверт“ почнува да се користи сè почесто. Амбивертната лилчност е комбинација на интроверт и екстроверт.

Ако земеме предвид една типична екстровертна личност, тогаш зборуваме за некој кој е мошне дружељубив, лесно создава пријателства и сака да е во друштво на поголем број луѓе, мошне е активен, сака да работи во група, во постојана потрага е по надворешни стимулации, сака нови возбудувања.

Наспроти екстровертната личност, типичниот интроверт е подистанциран од другите луѓе. Тоа не значи дека не сака друштво и дружење, но порадо го избира потесниот круг на своите блиски луѓе. Има тенденција кон индивидуални активности, а сака често да биде осамен. Значи, главната разлика помеѓу овие два вида личности е разликата во реакцијата на нервниот систем на надворешните стимуланси. Интровертните луѓе се почувствителни на различни дразби кои доаѓаат однадвор и нивниот нервен систем реагира интензивно и на стимулациите со помал интензитет. На пример, голем број непознати луѓе за нервниот систем на типишниот интроверт претставува големо оптоварување, зашто неговиот нервен систем постигнува големо возбудување и на помалку интензивни стимулуси. Од друга страна, кај типичниот екстроверт ситуацијата е сосема обратна, зашто нивниот нервен систем бара повеќе надворешни дразби и стимулуси за да се разбуди. Значи, додека типичниот екстроверт со нетрпение ќе стои во ред за некоја журка, дотолку типичниот интроверт порадо ќе оди дома, ќе гледа телевизија или ќе чита книга.

Верувам дека врз основа на овој опис повеќето од вас можат лесно да се определат кон што тежнеат.

Меѓутоа, неодамна имав клиентка која се пожали од своите членови на семејството кои, како што вели таа, сметаат дека се однесува чудно. Таа нерадо оди со нив на гости кај роднините или пријателите, на прославите и свадбите слабо се истакнува, има две најдобри пријателки и не ѝ пречи да остане сама. Она што особено го загрижува семејството е тоа што таа слабо излегува во град, а во години е, како што сметаат тие, кога треба интензивно и често да излегува и да се дружи. Често ја споредуваат со помладата сестра која пак не можат „да ја задржат дома“. Клиентката вели дека и нејзините родители често одат кај своите пријатели и дека таа најмногу ужива кога нема никој дома, односно кога може да биде сама. Критиките на нејзина сметка траат една година и таа почнала да се прашува дали навистина нешто не е во ред со неа. Читала на интернет за социјалната анксиозност и мисли дека тоа е во прашање.

А, што е социјална анксиозност? Социјалната анксиозност претставува вид анксиозно реагирање во социјални ситуации (во присуство на други луѓе, на јавни места каде има многу луѓе...). Социјалната анксиозност се темели на сопствената проценка дека личноста ќе се посрамоти, дека може да биде понижена или критикувана од страна на други познати или непознати луѓе. Личностите кои имаат социјална анксиозност веруваат дека мораат да остават добар впечаток кај другите луѓе, дека мораат да им се допаднат на сите што им се важни, дека мораат да ги фасцинираат и никако не смеат да се посрамотат. Во основата на нивната анксиозност е стравот дека другите луѓе во нив ќе видат нешто неадекватно, неприфатливо, непривлечно и неинтересно. Заради тоа впуштањето во социјална интеракција за нив претставува своевиден напор. Тогаш често им се потат дланките, забрзано им работи срцето, им се суши устата кога треба да зборуваат, анксиозно зборуваат (зборуваат пребрзо, пелтечат, прават дигресии без враќање на првобитната приказна), го свртуваат погледот од соговорникот (нема врска со лажење). Доколку личноста не го решава проблемот на својата социјална анксиозност со тек на време запаѓа во депресивно расположение, зашто верува дека никогаш нема да биде во можност да чувствува опуштеност кога е меѓу други луѓе. Најважно е да се истакне дека личноста избегнува друштво или јавни места. Се јавува на телефон за да не мора да се соочи со своето непријатно анксиозно реагирање. Исто така, се случува да почнат да злоупотребуваат алкохол или користат психоактивни супстанци, за да се доведат во состојба на опуштеност. Со тек на време тоа може да доведе до создавање нов проблем, алкохолизам или наркоманија.

Од овој краток приказ за социјалната анксиозност можеме да претпоставиме зошто клиентката помислила дека можеби тоа е нејзин проблем и дека треба да побара помош.

Меѓутоа, постои голема разлика помеѓу интровертноста и социјалната анксиозност.

Личностите кои страдаат од социјална анксиозност сакаат да се дружат во поголема или помала мера, но се мошне строги и ригидни во своите очекувања како мораат да се однесуваат во друштво. За нив е неприфатливо да кажат нешто погрешно. Ако се случи тоа, ќе почувствуваат интензивно чувство на срам и ќе се измачуваат во недоглед зошто си го дозволиле тоа.

Интровертите немаат такви дисфункционални уверувања. Тие не помислуваат: „Не смеам да се посрамотам“, „Не смеам да треснам некоја глупост“. Интровертите едноставно побрзо го „изморуваат“ својот нервен систем со надворешни дразби и затоа избираат ситуации или број луѓе кои нема да ги исцрпат. Тие со задоволство ќе отидат на забава каде има многу луѓе, но веројатно и меѓу првите ќе си заминат. Кога личноста која е социјално анксиозна избегнува друштво или јавни места, таа се служи со таканаречено избегнувачко однесување. Таа не го напушта друштвото зашто ѝ е доволно колку време поминала во некое друштво, туку го напушта, поточно бега зашто тешко ѝ е да се соочи со анксиозноста.

Доколку страдате од социјална анксиозност треба да знаете дека постојат решенија. Когнитивно – бихејвиоралната терапија е една од поуспешните терапии за надминување на социјалната анксиозност. Во рамки на тој пристап постојат разни техники кои ги користи психотерапевтот за да му помогне на клиентот да ги промени своите дисфункционални уверувања, да го надмине чувството на срам и да научи како подобро да се соочува со социјалните ситуации за да не ги избегнува.

Пред самиот крај да се вратиме на мојата клиентка. Таа не страдала од социјална анксиозност. Во нејзиниот случај и родителите и сестра ѝ се екстроверти, а таа е интроверт. Понекогаш на екстровертите и интровертите им е тешко да се разберат едни со други. Она што му било „чудно“ на семејството на мојата клиентка од нивната позиција на екстровертност е тоа што нејзе не ѝ бил потребен толкав надворешен стимулус.

Еден пример од практиката кој ѝ оди во прилог на тезата што ние психолозите постојано ја нагласуваме, а тоа е дека на терапија не одат секогаш луѓе кои имаат некоја психолошка пречка или нарушување. Ние сме тука за да им објасниме и за да им ја разјасниме на другите шареноликоста на психолошкиот свет.

Да резимираме, интровертноста е црта на личноста, а социјалната анксиозност е психолошко нарушување. И на крај, би додала нешто што сметам дека е важно. И екстровертите и интровертите можат да страдаат од социјална анксиозност.

Илустрации: Michael Driver

Извор: http://plezirmagazin.net

ОкоБоли главаВицФото