Злите и токсични луѓе во нашата околина

07.09.2018 01:31
Злите и токсични луѓе во нашата околина

Мошне наивно е да се верува во добри луѓе, а да не се верува во лоши, па дури и во зли. И тоа како постојат злобници. Луѓе кои се во состојба да направат грозоморни нешта без трошка каење. И тоа не се само некои далечни луѓе кои никогаш нема да ги сретнеме во својот живот.

Но, почести се луѓето кои се токсични со своите коментари, неискрени во своите намери, со нас се само заради некоја лична корист (економска, професионална, психолошка...), исцрпуваат со своите тешки животни приказни, а не сакаат да го поместат задникот, само бараат, а не даваат ништо, сурово критикуваат, обвинуваат, постојано удираат каде што боли најмногу.

Ќе ни биде тешко ако параноично се движиме низ животот и ако се сомневаме во секоја добра намера, но првиот впечаток е мошне важен. Ако веднаш почувствуваме дека сме со некој што не ни влева доверба, некој до кој се чувствуваме сигурно, чувствуваме страв, тогаш зошто би се игнорирале себеси заради некој кој штотуку сме го запознале. Истото важи и ако постојано се чувствуваме лошо со некого. Дали ќе се тргнеме ако гледаме дека некој доаѓа за да нè удри? Секако. Истото важи и кога некој сака да ни зададе „психолошки удар“. Тргнете се. Ако треба, бегајте. Бранете се.

И целата приказна за злите и токсични луѓе донекаде на сите им е разбирлива и прифатлива кога се зборува за некој непознат во соседството или некој познаник. Приказната станува вознемирувачка кога истите тие луѓе ни се блиски личности: семејството, сестра, брат, старател... Како тогаш да се извлечеме?

Прочитав коментар на една жена под еден текст на тема токсични луѓе, која зборува за примерот на својата токсична мајка. Таа има сестра и двете во одреден момент од животот ги прекинале контактите за да имаат колку толку нормален живот. Секако, заради тоа се соочиле со многумина од нивната околина кои не ги разбирале. Но, она што таа го напиша во коментарот, а ме привлече, парафразирам, ако знаете некоја старица која живее сама и никој не се грижи за неа иако има деца, не обвинувајте ги веднаш, можеби не ни заслужила подобро.

Ретко ќе ги осудиме луѓето ако побегнале од физичко насилство, кога гледаме модринки, крв, изгореници... А што ќе правиме со психичките рани? Тие не се видливи за голо око, но не значи дека не постојат.

Еден клиент ми рече: „Кренав раце од него, за да не кренам рака на себеси.“

Многумина ги сакаат своите токсични и зли луѓе, со нив сакаат, ако не нормален, барем коректен однос. Се корегираат себеси, се прекројуваат, одземаат или додаваат од себеси, но не оди и натаму... Тагуваат зашто е така. Влечат чувство на вина што, колку и да ги сакаат, делумно и ги мразат. Тешко е да се прифати тоа. Во такви ситуации нема никакви приказни за среќно семејство или дека некогаш ќе биде такво. Некои ги сведуваат комуникацијата и средбите на минимум. Други ги прекинуваат контактите за да успеат да закрепнат и да си овозможат поинаков, подобар живот, далеку од оние кои требало да ги сакаат и штитат, а не да им нанесуваат болка и зло. Пред сè тоа се храбрите луѓе, кои сфаќаат дека заслужуваат подобро. Силни се за да се соочат со осудата од околината. Многу нешта во животот ги избираме сами, но не и семејството. И ако веќе сме ја имале таа среќа да се родиме во функционално семејство, опкружени со љубов и внимание, не значи дека истото го доживеале и другите. Злите и токсични луѓе се дел од нечие секојдневие.

Слики: Tsoku Maela

Извор: http://plezirmagazin.net

ОкоБоли главаВицФото