Зошто сакаме да пцуеме?

19.11.2021 00:33
Зошто сакаме да пцуеме?

Ако после случајно удирање со малиот прст на ногата во маса сте одлучиле сликовито да се изразите со грди зборови, веќе ви е позната една значајна вредност на пцуењето - тоа ни помага да се соочиме со болката.

И покрај тоа, улогата на пцовките психолозите опсежно ја испитувале во лабораториски услови. Така во едно истражување е утврдено дека испитаниците кои постојано пцуеле држејќи ги рацете потопени во сад со ледена вода, успевале подолго да издржат од оние на кои им било наложено да молчат.

Едно објаснување на ваквите резултати е дека пцовките покренуваат сетилна реакција во мозокот и остатокот од телото. Така било забележано и дека при пцуењето се зголемува бројот на отчукувања на срцето, како и дека пообилно се излачува пот, што покажува дека тогаш телото преминува во режим на „борба или бегство“, значаен за преживување.

Некои истражувања, пак, се фокусирале на интересна и единствена обработка на пцовките во нашиот мозок. Да речеме, забележано е дека лицата со оштетена способност за говор имаат зачувана способност за пцуење. Покрај тоа, пцуењето може и да влијае на зголемување на физичката сила, што е најверојатно во врска со „борбата и бегството“. Така пцујачите покажале дека имаат посилен стисок на рацете од оние „пристојните“.

Но, утврдено е и дека моќта на пцуењето треба да се користи умерено. Иако ги зголемува силата и отпорноста на болка, таквото дејство е значително намалено кај луѓето кои во секојдневниот живот пцујат мошне често.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: Политикин забавник

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото