Граѓанските активисти остануваат цврсто на ставот против уништувањето на Водно

16.07.2018 17:52
Граѓанските активисти остануваат цврсто на ставот против уништувањето на Водно

Владата треба да ја преземе одговорноста за изградбата на гасоводот низ парк шумата Водно - особено во делот на лошите проекти на нивните претходници, тежината на нереализираниот кредит, последиците за кредитниот рејтинг и пресијата на временскиот фактор. Воедно, никако не смее да биде жртва на овие притисоци, порачуваат граѓанските иницијативи и здруженија: Го сакам Водно, О2 Коалиција, Стоп на загадувањето, Спас за Водно, Зелено Тафталиџе, Екокарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, ФРОНТ 21/42, МТБ Оксижен, I love hiking, Гоу Грин, Грин Пауер, Скопје Смог Аларм, Билка, Плоштад Слобода, Еко Свест, Сакаме Аеродром да дише.

„Неколкугодишно одложување на делот од магистралниот гасовод за да минува надвор од Водно, да бидеме јасни, не значи никако дека домаќинствата кои се греат на дрва ќе можеле да преминат на гас во тој период. Магистрален гасовод е како една голема артерија која не носи крв до секоја клетка, односно до секое домаќинство. За тоа е потребна голема мрежа на крвни садови и капилари, како што е секундарната и терцијарната гасоводна мрежа која ја НЕМА и ќе ја нема во догледно време во ниту еден град од оваа делница.

Па Скопје има магистрален гасовод повеќе од 20 години, а ние сѐ уште говориме за гасификација на Скопје и сѐ уште околу 45% од домаќинствата се загреваат со дрва и се водат како еден од главните причинители за загадување на воздухот! Одложувањето на изградбата на овој дел од магистралниот гасовод не е ни од далеку доволно оправдание за да се уништи нешто што е од непроценлива важност и е создавано со децении, со голема мака, труд и вложени средства.

Грешките што се правени и направени во минатото не треба да продолжат да ја загрозуваат нашата иднина, а последиците од спроведување на лоши проекти, кои воедно кршат ратификувани конвенции и ЕУ директиви, се вина и лежат на совест на тие што ги направиле, а дали ќе се и на сегашната власт, останува да се покаже.

Врз основа на тоа и знаејќи дека постојат и се разгледувани и други траси кои не водат низ парк шума Водно не можеме со чиста совест да се сложиме со било каква траса која што би поминала низ Водно.

По заедничкото разгледување на трасата низ Водно, се покажаа основани тврдењата на граѓанските активисти за нејзината должина и импакт, наспроти мислењето базирано на информации кои им биле пласирани на вицепремиерот Кочо Анѓушев и претставници на МЕР. Како жители на Скопје (во најголем број) кои си го знаат Водно, тврдевме дека од потегот од 9 км низ Водно, над 4 км минуваат низ шума која ќе биде уништена. Информацијата со која располагаа вицепремиерот Анѓушев и МЕР е дека тој потег не е подолг од 600 – 1000 метри.

Го поздравуваме обидот за ублажување на импактот кој што го правеше првопроектираната траса низ Водно и обидите за нејзино менување, но тоа не ја менува суштината дека предвидената траса сѐ уште останува да води низ заштитено подрачје парк шума Водно и ќе уништи не само потег од 2км (во најдобар случај, ако е можно) густа, децениски создавана шума, туку и живеалишта на голем број на видови, од кои некои ендемски и загрозени.

Задоволни сме што, сите заедно можевме да се увериме, но и да го убедиме г. Анѓушев за штетата што овој дел од гасоводот ќе ја предизвика врз Водно. Но, во исто време длабоко сме разочарани дека и покрај утврдувањето на фактичката состојба на терен, а знаејќи го значењето и вредностите на Водно, Владата се уште останува на ставот дека Водно треба да биде колатералната штета за спроведувањето на магистралниот гасовод кој ќе води од Скопје кон Тетово, Гостивар, Кичево и Косово.

Редно е да се стави крај на поддршката на неумесни и избрзани решенија и истите да се протнуваат во нашата иднина оправдувајќи економска добит. Сите економски последици кои произлегуваат од една децениска грешка и последица на нетранспарентно работење треба да бидат адекватно испитани од соодветните државни органи и со сите правни ресусри да се изнајдат виновниците кои ја заложиле животната средина и здравјето на граѓаните во име на профитот“, стои во заедничкото соопштение.

Активистите уште еднаш ја потенцираат својата позиција, дека се децидно против какви било градежни активности во парк шумата Водно, особено кога се покажува возможно наоѓањето на алтернативни решенија.

„Ја поттикнуваме Владата и нејзините надлежни институции, да ги активираат сите свои механизми да го заштитат Водно и да најдат соодветно решение за гасоводот надвор од неговите граници. Доколку искрено се сака да се изнајде најдобрата опција, тоа секако ќе биде направено. Дислокацијата на клиничкиот центар е скорашен и недвојбен пример за менување на готов проект и изведба. Соодветно решение, по овој пример, бараме и за гасоводната траса“, стои во соопштението од граѓанските здруженија и иницијативи.