Нема договор меѓу власта и екологистите за гасоводот на Водно

04.09.2018 02:49
Нема договор меѓу власта и екологистите за гасоводот на Водно

Ниту екологистите, ниту власта не отстапуваат од своите аргументи околу гасоводот кој поминува преку сртот на Водно. Активистите велат дека не се против гасификацијата на Скопје, но нема да дозволат уништување на заштитеното подрачје.

„Апсолутно подржуваме дека гасоводот е иднината на Република Македонија, но не може да поддржиме гасоводна траса која поминува на заштитена шума и стоиме зад тоа. Докажете ни дека тоа е единствениот начин да се изведе тој проект“, рече Татјана Стојановска од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

Власта вели дека Водно не е заштетено подрачје. Плус, за сите промени на трасата и на проектот кои ги бараат здруженијата, потребни се измени на закони. Велат и дека во оваа фаза на проектот не може да сопре изградбата на гасоводот.

„Од планираната сеча од три илјади метри кубни шума се намалува околу 1.400 метри кубни кои би требало да бидат исечени за изградбата“, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Екологистите велат дека на Скопје му недостасува зеленило. Според пописот од 2002 година, кога Скопје имаше половина милион жители, Водно задоволувало 46 отсто од потребите за зеленило. Сега бројот на жители е поголем, а шумите на Водно се намалуваат. За власта, откажувањето не е исплатливо, бидејќи досега се вложени 10 милиони евра од буџетот.

„Ние бараме да се направи ревизија на проектот и да се репроектира трасата, од Арачиново до Жеден – односно на потегот низ скопската котлина. Ние бараме да се оди по земјоделско земјиште, по пасишта, земјиште кое има времена експропријација“, рече Андреа Јанков, „Го Сакам Водно“.

„Економски ќе значи помали трошоци за искористената енергија како за домаќинствата, но и за бизнис заедницата. Отварање на нови работни места и ангажирање на градежна оператива за изградба на предметната инфраструктура“, рече Крешник Бектеши.

Активистите не беа задоволни што дебатата беше во Градското Собрание. Очекуваа ова да биде на некоја од националните телевизии. Минатата недела, екологистите легнаа пред багерите и не дозволија механизацијата да работи на гасоводот. Градежните работи ќе останат стопирани до следната јавна дебата која е закажана во Министерството во економија.