Екологистите бараат итно прекинување на изградбата на гасоводот низ Водно

31.10.2018 04:04
Екологистите бараат итно прекинување на изградбата на гасоводот низ Водно

Багерите кои го градат гасоводот преку парк-шумата Водно се стигнати до терен кој е толку стрмен и непрооден, што натамошните градежни активности таму стануваат апсурден градежен потфат и претставуваат загрозување на животот на работниците на терен, велат од еколошките граѓански здруженија собрани околу иницијативата „Го сакам Водно“.

„После месечна борба на претставки и жалби, стигнавме до амбис. Буквален и фигуративен“, се вели во нивното соопштение.

Тие предупредуваат дека на спустот кон селото Шишево багерите се на ивица од провалија, дека се работи на исклучително тежок терен на кој некои делници се со наклони од 63 до71 проценти искосеност на теренот и прашуваат дали работниците треба да ги носат багерите во амбис, зошто така оди трасата на гасоводот.

„Потребни ли се жртви да паднат за да запре ова лудило – по секоја цена гасовод низ Водно. Дури тогаш ли Владата, институциите, инспекторатите ќе се повикуваат на цела низа недоследности, пропусти и го стопираат градењето?“, прашуваат од „Го сакам Водно“.

Тие потсетуваат дека досега имаат испратено околу 30 претставки, жалби во кои има укажано за пропусти и недозволени состојби до надлежните институции, но дека ниту една досега не реагирала на бројните недоследности и незаконски постапки при изградбата на гасоводот во заштитената зона на парк-шумата Водно.

Активистите од „Го сакам Водно“ тврдат дека инвеститорот, јавното претпријатие „Македонски енергетски ресурси“ и изведувачот на градежните работи комплетно ги игнорирааат мерките за заштита од ерозија при градењето на гасоводот преку Водно од Планот за заштита од ерозија, неопходни во случај на наклони на трасата поголеми од 20 проценти, за кои, на барање токму на еколошките активисти било препорачано да се применуваат низ целата делница преку парк-шумата Водно.

Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи за „Мета“ изјави дека се работи според основниот проект, кој поминал ревизија и има одобрение за градба.

„Мерките за заштита од ерозија предвидени со Планот за заштита од ерозија, ќе бидат превземени во склад со Планот тогаш кога ќе биде завршена изградбата на гасоводната делница преку Водно“, додаде Реџепи.

Екологистите изразуваат отворено сомневање дека надлежните инспекции воопшто ќе реагираат на ваквото драстично кршење на прописите и стандардите на градење.

Од „Го сакам Водно“ повикуваат итно да се прекине со сите понатамошни дејствија и да се изврши ревизија на проектот и прашуваат што е со ветениот закон за заштита на Водно, за чие изготвување Владата му даде рок на Министерството за животна средина до крајот на септември, кога ќе се остварат ветувањата на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев за десеткратно пошумување за сметка на вегетацијата која се уништува со изградбата на гасоводната делница преку Водно, како и што е со ветувањето на скопскиот градоначалник Петре Шилегов за изработка на проект за зелени појаси на Лепенец и Серава.

 Извор: МЕТА

ОкоБоли главаВицФото