Бетонски сон за подобар свет

25.08.2018 01:10
Бетонски сон за подобар свет

Во средината на јуни, во њујоршкиот Музеј на модерна уметност (MoMA) беше отворена првата изложба од светски размери која ги претставува архитектонските остварувања на поранешна Југославија. Насловена „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980“, изложбата го зазема целиот простор на третиот кат, на Одделот за архитектура на МоМА. Рецензиите за изложбата, без претерување се фантастични – не се сеќавам кога последен пат некоја изложба предизвикала толку позитивни реакции. Најважна рецензија е онаа во „New York Times“, недвосмислено е позитивна, нарекувајќи ја изложбата „извонредна“ и “точно во онаа насока во која МоМа би требало да се развива“. „New York Magazine“ уште во насловот на рецензијата, поставката ја нарекува „откритие“. „Art News“ едно од водечките списанија на уметничката сцена објавува подеднакво интензивна рецензија за оваа, како што пишуваат, „ вчудовидувачка“ изложба.

Одделот за архитектура е основан во далечната 1932 година како прв кураторски оддел во светот посветен на архитектурата како модерна уметност. Од своето основање до денес, изложбениот простор за архитектура на МоМА е светиот грал на музеологијата. Таму да се добие изложба веројантно е најголемата можа чест во светот на архитектурата. Значи изложбата на југословенските архитектонски остварувања треба да се согледа во тоа светло – до неодамна речиси непознаница, а сега вброена во канонот на архитектурата на 20-от век. Во 15-тина соби собрани се вкупно 400 објекти, меѓу кои кои варираат оние оригиналните (планови, документарни фотографии, проотивни материјали и дизајн објекти), потоа новнонастанати експонати, изработени за потребите на самата изложба – од врвни 3Д модели на згради до видео снимки на архитектонски комплекси и урбани целини снимени од воздух.

Невозможно е да не се забележи нарачаната серија од швајцарскиот фотограф Валентин Џек, чиишто фотографии на индивидуални објекти во нивната денешна состојба, доминираат во секоја од галериите. Иако Џек има извонредно око за снимка на архитектонски објект, премногу често паѓа во стапицата на стереотипот за источна Европа, па така поголемиот број на неговите фотографии прилажуваат згради под тмурно, сиво небо и сенишни облаци. Човек навистина мра да се праша зарем не било можно да се фотографира Сплит или Подгорица во сончев ден?

Посебно внимание привлекуваат уметничките дела на современите екс југословенски уметници, на влезот, посетителите ги пречекува нова фотомонтажа на Давид Маљковиќ, додека галеријата посветена на павиљонската архитектура на Вјенцислав Рихтер извонредно ја дополнува видео делото Надеж: Act 1 на уметницата Јасмина Чибиќ. Таа го зема неостварениот мастер план за ЕКСПО на Рихтер од 1958 година, во кој павилјонот „лебди“ суспендиран под гигантски јарбол за кој е врзан со кабли и го претвора во инструмент, трансформирајќи го моделот на зградата во гудачки инструмент. Конечно, централниот дел од изложбата го сочинуваат три монтажни видео дела на извонредната Мила Турајљиќ, која кустосите на изложбата (Мартино Стиерли, Владимир Кулиќ и Ана Катс) совршено ја избрале за соработничка, со оглед на тоа дека нејзиниот позитивно оценет филм „Другата страна на сè“ (2017) се занимава со живототот гледан токму низ призмата на специфично југословенската архитектура.

Особено впечатлив дел од изложбата е оној што е посветен на регионалните варијации на југословенската архитектура. А бидејќи сум роден 1990 година и животот го поминав на релација Загреб – Дубровник, за жал не сум имал пристап до многу згради кои се претставени на изложбата и поголем дел од нив прв пат ги видов на изложбата. Морам да кажам дека бев вџашен и воодушевен од тоа што го видов. Кустосите многу вешто прикажале како за обновата на разурнатиот од бомбадирање историски центар на Задар и обновата на срушеното од земјотресот Скопје биле потребни различни решенија токму заради историски различните урбанистички традиции во коишто живеат тие градови. Никогаш претходно не го почитував доволно фантастичниот план за обнова на Задар, под раководство на Бруно Милиќ, кој ги интегрира новите згради (Археолошкиот музеј) во рамките на римскиот град и неговото видливо археолошко наследство (Форумот).

Од аспект на работата на кустосите, најсилен дел од изложбата претставува резиденцијалната и туристичката архитектура на поранешната држава. На посетителите прво им е претставена шарената висококатница на Витиќ во Загреб, избрана за да го покаже иницијалното влијание на Ле Корбизје врз домашните архитекти на крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години. Сепак, поголемиот дел од изложбата е посветена на драстично поинакво резиденцијално решение – на комплексот 3 во Сплит. Во контраст со западните концепти на „public housing“, како што објаснуваат кустосите, масовните станбени комплекси како Сплит 3, го рефлектирале со југословенскиот устав гарантираното право на дом. Иако градени масовно, флексибилните и адаптибилни станови на Сплит 3 овозможувале подостоинствен и полесен живот отколку тесните простории на советските комунални станови. Изложбата особено ја истакнува честата употреба на терасата, тој, инаку релативно буржуаски архитектонски елемент, кој во југословенската новоградба на работниците им овозможувал поглед на море или на планина.

Во собата посветена на Скопје доминираат проектите на македонскиот архитект Јанко Константинов, чиј Телекомуникациски центар, изграден 1975 година, голем дел од посетителите ги остава без здив, но само малкумина ја гледаат тажната иронија – бидејќи таа зграда што МоМА ја велича, македонската влада ја сокрива зад параванот –фасада на неокласицистичкиот кич наречен Скопје 2014.

Тешко е да се процени одлуката на кустосите да не ја прикажат трагичната судбина на многу од зградите претставени на изложбата, но можеби подобро е така. Од една страна, угледот на југословенските архитекти (новосоздаден во очите на многубројните американски посетители) не е нарушен со споменување на целото запоставување и грешките на државите што настанаа по распадот на Југославија. Исто така, сегашната состојба на објектите како белградската кула Авала (урната во 1999 година во бомбардирањето на НАТО) и зградата на Собранието на БиХ на архитектот Јурај Најдхарт (разорена од гранати во 1992 година) е невозможно да се претстави непристрасно. Па така, иако воведниот панел на изложбата недвосмислено го објаснува политичкиот контекст на создавањето на Југославија, нејзиниот распад се третира само низ назнаки, што има смисла ако се има предвид дека изложбата не се занимава со целата историја на Југославија, туку (намерно) ја зема 1980 година и смртта на Тито како пресвртница по која и самиот концепт на „утопија“ добива други и поинакви значења.

Единствена послаба точка на изложбата е просторијата посветена на секојдневниот живот и дизајнот. Со столиците на расклопување „Rex“ и транзисторите „Bled“, таа галерија секако овозможува прилика за носталгична насмевка и потсетување. Сепак, според мое мислење, тие предмети се чинат како делови од некоја друга изложба. Иако е феноменален пример на југословенскиот дизајн, тешко е да се препознае што точно е утопистично во телефоните марка „Искра“.

Многу повпечатлив е делот кој е посветен на животот и делото на Јурај Најдхарт и неговата животна потрага по прото – модернитет скриен во традиционалната босанска архитектура. Едвај преживеале неговите комплицирани дијаграми и нежните визури на Мостар и малите босански села. Соња, ќерката на Најдхарт ги изнела од куќата во опколеното Сараево, пред непријателската граната целосно да разори сè што останало.

Иако недвосмислено важни за југословенската повоена уметност, партизанските споменици се претставени на крајот од изложбата. Со оглед на тоа што веќе неколку години фотографиите на тие споменици кружат по интернет и се хит, кустосите биле претпазливи да не направат сензација од нив. Имено, нивната естетска вредност и амбиенталната интегрираност во пејзажот толку ги импресионира Европјаните и Американците што, сигурно ненамерно, сосема се губат комплицираните историски контексти во кои настанале тие споменици. Под површниот поглед на online slideshow, ремек делата на Војин Бакиќ и другите стануваат „сенишни“ и „натприродни“ појави, поставени од „којзнае кој“, „среде ништо“. Сакајќи да го избегнат тој впечаток, кустосите дале повеќе простор на поединечни архитекти, првенствено на Богдан Богдановиќ, чиј план за Јасеновац детално е претставен преку цртежите и скиците на архитектот.


Читајќи го текстот на ѕидот кој кратко (многу коректно) ги објаснува настаните во логорот во Јасеновац, остана впечатокот дека нешто недостасува, покрај сите цртежи и скици на јасеновачкиот спомен парк, недостигаше неговата човечка компоненета, најдобро објаснета од самиот Богдан Богдановиќ, кој во книгата „Проклетиот неимар„ (Ukleti neimar) од 2001 година го опишува денот кога било отворено спомен подрачјето: „Почна мешаница. Присутните, во најголем број жени во црнина и со црни шамии го пробија кордонот и преку празното поле се впуштија кон споменикот. Повеќе десетици, можеби стотина илјади луѓе трчаа преку полето избезумено липајќи: се сопнуваа, паѓаа. Продорен ужасен крик, па продолжено загушено плачење што траеше најмалку седум - осум минути, сè додека толпата не пристигна до подножјето на споменикот и го опколи. Глетката беше како од оној свет и потсетуваше на Судниот ден“.


Изложбата што на публиката ѝ го претставува овој значаен сегмент на повоената архитектура е отворена до средината на јануари идната година, а за оние што немаат прилика да допатуваат во Њујорк, интернет овозможува редица содржини поврзани со изложбата, како панел дискусиите на кустосите Мартин Стиерли и Владимир Кулиќ. Кустосите се автори на каталогот, кој се истакнува како посебен придонес кон согледувањето на историјата на југословенската архитектура може да се порача онлајн, а да се надеваме дека наскоро ќе се појави и во домашните книжари. Покрај есеите на познатите домашни автори како Сања Хорвантинчиќ, Лука Сканси, Мароје Мрдуљаш, ова извонредно издание е траен сведок за врвот што го достигнала архитектурата на поранешната држава.

Не треба да се нагласува дека утопијата онаква каква што ја замислувале архитектите не живеела долго. Но, сепак, делата на југословенските архитекти покажуваат дека утопијата, барем една или две децении била доволно блиску. На еден од малите ѕидни екрани во МоМа се менуваат снимки од воздух на сплитските висококатници осветлени од сонцето. Додека камерата полека кружи околу фасадите, открива ситни детали на секојдневната интима – нечии фармерки се сушат на оградата од терасата, нечија мајка во тишина пие кафе и тешко е да се пренебрегне впечатокот дека во тие ведути се наѕира граѓанската култура на живеење во урбан простор поинаква од сето она што можеа да го понудат Истокот и Западат.

Извор: kulturpunkt.hr

 

Слични содржини

Фотографија / Балкан / Историја
Јавни простори / Историја
Општество / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото