Зошто да се поддржи референдумот не е само паметно, туку и морално

20.09.2018 00:46
Зошто да се поддржи референдумот не е само паметно, туку и морално

Откога знаеш за себе, зборуваш за името или слушаш како други зборуваат за него. За тебе, како и за мене, спорот со Грција не е ниту политичко, ниту меѓународно-правно прашање. За нас, прашањето за името е филозофско прашање, но интересно, не нужно во национално-идентитетска смисла. Се прашуваш – нацијата настрана – што кажува твојот став околу овој проклет спор за тебе како личност? Се прашуваш и си се прашал многу пати, бидејќи се работи за став кој, сакал-нејќел, си морал да го изградиш уште пред децении. И кој во меѓувреме си морал стопати да го размислиш, а и гласно да го браниш.

Значи, ти си – или „патриот“ или „предавник“. Или „бранител“, или „шиткач“ на пустото име. Трето нема. Ако си „бранител“, многумина те сметаат за националист. Ако си „шиткач“, пак, веднаш мора дека си просветлен, високо образован. Ама па и јас и ти познаваме барем по еден прилично неначитан, дури и комплетно неинформиран „шиткач“, кому од штаб му кажале да биде „шиткач“. Значи, класификацијава пропаѓа како слон во лифт.

Пропаѓа и една друга често пропагирана класификација, ама нејзиното „пропаѓање“ веќе не приближува кон вистината: што навистина кажува твојот став за името за тебе? Оваа класификација нè дели сите во две групи. Едните прагматични, другите принципиелни. Првиве, демек, сакаат ЕУ по секоја цена, а другиве исто сакаат ЕУ, ама пустите принципи не им даваат ни во сон да им попуштат на – „грчиштана“.

Оваа класификација деновиве ја слушаш на секој чекор. Ја слушаш од политичари кои сакаат да те придобијат да гласаш „за“, ама не смеат да ти кажат дека си глупав ако планираш да гласаш „против“ или да бојкотираш, бидејќи тогаш ќе се навредиш и нема воопшто да ги слушаш. Затоа, внимателно ти велат: „види, те сфаќаме ние, не си ти глупав, ти си принципиелен, што е доблест, ама знаеш, нема фајде од принципиелност на празен стомак“.

Единствениот проблем со тактикава е што ти можеш многу лесно, онака најмакедонски на свет, да им одговориш: „да, муабетов ви е 100% на место, јас сум принципиелен човек. И баш затоа никогаш нема да ви гласам. Колку сака нека ми кркори стомакот.“ Упс.

Уште не ја ни допишав претходнава реченица, веќе ми се појавија пред очи барем тројца мои другар(к)и. Сите тројца имаат еден чуден обичај: буквално секој пат кога ќе се видиме, ми зборуваат за своите – морални принципи. Небаре ако случајно заборават да си го пофалат својот морал, веднаш ќе си помислам дека мора да се тешки морални хоризонтали. „Ништо на светов“, ќе ми речат, „не ми е поважно од моите принципи“. Муабетов, секако, ми го прават без да има каков било повод за една таква филозофска тема. На обично излегување во град.

Еднаш, од чиста мира, еден од нив ми кажа и дека би јадел корења – за своите принципи. Само, корења јадеа и Србите во време на Милошевиќ. Ама беа изедени самите – прво од меѓународните санкции, а потоа и од бомбите на НАТО. Или можеби од нивните сопствени бомби. Бомбите на нивниот инает. Прашање на перспектива.

Во секој случај, штом заклучивме дека сме поднебје на „моралот“, а не на разумот, ајде да ги баталиме веќе и ЕУ и НАТО и подоброто утре, и да зборуваме за – моралот! Ајде да ти го поставам истото прашање онака како што ние Македонците најдобро го разбираме: дали ако си против менување на името значи дека си морално принципиелна личност?

Одговорот не е ни „да“ ни „не“. Одговорот е: можеби. Односно, да, ама само ако си деонтолошки морален. Толку комплициран концепт, а толку клучен во нашава приказна.

Всушност, и не е толку комплициран. Еве, замисли дека управуваш со воз и наеднаш ти откажуваат кочниците. Забележуваш дека шините наскоро ќе се поделат во два правци. Значи, или можеш да продолжиш да возиш во постоечкиот правец, или да завртиш десно. На шините пред тебе лежат петмина луѓе, врзани. Бидејќи кочниците ти се расипани, единствен начин да не ги убиеш е да завртиш десно. Ама тогаш забележуваш дека и на шините десно лежат врзани луѓе, само овојпат двајца.

Значи? Е кажи де, што би направил? Па можеш, на пример, да не направиш ништо. Во тој случај ќе си останеш на постоечките шини и возот – а не ти – ќе убие петмина луѓе. На крајот на краиштата, не си ти виновен што кочниците се расипале. Ако, пак, завртиш десно, ќе убиеш „само“ двајца. Ама ќе ги убиеш ти, со твои раце, со свесно вртење на воланот директно кон нивните немоќни тела.

Ако не завртиш десно, тоа ќе значи дека си деонтолошки морален. И не си единствен. Како и за многу други луѓе низ историјата, меѓу кои и Имануел Кант, за тебе принципите се принципи и тука муабетот завршува. Убиството е неморален чин, секогаш и во сите можни околности, а ти си морална личност. Значи, ти не смееш да го завртиш воланот и свесно да извршиш убиство на двајца луѓе. Исто како што не смееш да дозволиш туѓа држава да ти диктира како ќе се вика твојата.

Арно ама, ако си утилитарно морален, како на пример Џон Стјуарт Мил, нештата се менуваат. Убиството повторно е неморален чин, но мораш да ги согледаш објективните околности на секоја поединечна ситуација и рационално да одредиш која опција е најдобра, или во случајов најмалку лоша. Се брои само моралноста на исходот, а не моралноста на начинот на кој се доаѓа до тој исход.

Во двата можни исходи ќе загинат луѓе. Ама ако си „утилитарец“, не е важно дали ги убиваш ти или ги убива дефектниот воз. Важно е само едно: помалку е неморално да умрат двајца, одошто петмина. Ако завртиш десно, ти всушност не убиваш двајца, туку ги спасуваш оние дополнителни тројца кои би загинале доколку не направиш ништо.

Како ти ќе гласаш на референдумот? Што кажува твојот глас за тебе како личност? Дали си личност која поради голи принципи би осудила на смрт држава која, со сите свои недостатоци, сепак не мора да умре? Или си личност која би го осудила на смрт името на својата држава, ама со цел да ја спаси самата таа држава? Исто како и со возот, можеш и да не направиш ништо. Можеш да бојкотираш.

Само, знај дека во тој случај воопшто не си неутрален. Напротив, гласаш и ако останеш дома. Гласаш и тоа како. Ти нема со прст да мрднеш, ама државата сепак ќе умре, а ти си можел да ја спасиш. Можеби не денес, можеби не во смисла на физичко распаѓање или претопување во друга држава, но ќе умре нејзиниот дух. Бидејќи во неа ќе останат само исфрустрирани циници кои на секое излегување ќе си повторуваат колку се принципиелни. И ќе „јадат корења“. И ќе зборуваат за имиња, презимиња, јазици и федерализации. Додека светот зборува за автоматски автомобили, роботи и патувања во вселената.

Постои причина зошто деонтолошката моралност веќе одамна се доживува како застарен концепт во филозофијата. Човештвото уште пред векови сфатило дека моралот не е гол принцип, туку дека буквално секогаш има конкретни и значајни импликации.

Нема сомнеж дека на 30 септември сите ќе не боде онаа чудна игличка во стомакот. Кога ќе застанеме зад кабината, ќе имаме чувство дека свесно и со сопствено пенкало вршиме неморален чин: попуштаме пред еклатантна и свирепа уцена од нашиот неразумен сосед. Ама веднаш потоа ќе се сетиме дека немаме избор. И ќе заокружиме „за“, одлучно и без треперење. Игличката потоа сè уште ќе не боде, ама не за долго. Во најлош случај додека да си дојдеме дома.

А вечерта ќе си легнеме спокојно, без трошка грижа на совест. Затоа што нема да имаме ни трошка сомнеж дека нашите деца и внуци еден ден ќе бидат горди на нас. И дека ќе ни бидат благодарни. Бидејќи тие се нашите тројца луѓе на шините. Тие се животите кои сме ги спасиле.

Колумната е објавена како дел од акцијата „Мисли на глас“ на Младински образовен форум во рамки на граѓанската иницијатива „Зачекори напред! Изборот е твој“. 

Слики: Oxidation, Andy Warhol

Извор: Радио МОФ