Пред референдумот: глава-петка, или избор?

02.08.2018 14:06
ПРЕД РЕФЕРЕНДУМОТ: ГЛАВА-ПЕТКА, ИЛИ ИЗБОР?

1. Антички дребулии на Крф

Влегувам во продавница за сувенири, што од љубопитност, а што за да се засолнам од августовската жештина.

Пребарувам низ минијатурните реплики на старогрчки амфори, лампи и статуетки. Грубо обработени, невешто насликани (рака на срце, многу подобро од „нашите” антички дребулии по слични продавници за туристи). Наеднаш слушам зад себе: “Што барате? Можам ли да ви помогнам?”

„Не знам ни сама, ништо посебно”, одговарам со тон на извинување. Насетувам дека продавачот ја забележал мојата реакција на понудата.

„А од каде сте?”, продолжува со мала насмевка.

„Па како да ви одговорам,” враќам, „кога одговорот нема да ви се допадне.”

„Нема проблем, кажете си.”

„Е па од север, малку погоре и поисточно од вас,” се насмевнувам.

„Фајром, така ли?”

“Ако веќе инсистирате на тоа име, но ако ме прашате, од Северна Македонија,” му намигнувам.

Повторно се насмевнува: „Нема гајле, Александар е и ваш и наш.”

Се разбравме.

„Извинете, не најдов ништо што би сакала да го купам во овој момент,” продолжувам и тргнувам кон излезот.



„Чекај,” ме запира, „сакам да ти кажам нешто. Знаеш ли кој ја уништи западната филозофија?”

Застанувам, фасцинирана од овој пресврт во разговорот. „Кој, по твое мислење?”

„Па Платон, зарем не е очигледно. Тој, со неговите инсистирања на идеи, апстракции, универзални вистини... па од таму дојдоа сите идеологии.”

„Значи ти си повеќе за Аристотел,” му одвраќам. “Те сфаќам, ништо не можеме да знаеме освен она што самите ќе го видиме, почувствуваме, споредиме. Нема други вистини.”

„Сакам да ти дадам подароче, и покрај тоа што не купи ништо”, додава. Се повлекува во внатрешноста на дуќанот и се враќа по една минута со паричка в рака.

„Еве, за спомен, мојот омилен филозоф.”

Ја земам и се вчудоневидувам: ликот на Демокрит на пара од 10 драхми, од времето кога речиси секоја година одевме на одмор во Грција од нашата богата, супериорна Југославија.

Ја вртам од другата страна: слика на атомот и орбитите со електрони.

„Интересно, и мене ми е доста мил, посебно последниве години.”

„Е баш ми е драго што погодив”, додава, „нека те потсетува на оваа посета.”




Паоло Веронезе (1528-1588), Платон,1565,
Библиотека Марчиана, Венеција

 

2. Аристотел во Венеција

Една од најголемите ренесансни ризници на книги е Библиотека Марчиана во Венеција. Нејзините почетоци се поврзуваат со донација на 750 кодекси и околу 250 ракописи на текстови од класични, првенствено грчки, автори во 1468 од страна на Кардинал Бесарион (1403-1472). Овој византиски хуманист и колекционер барал начин да заштити барем дел од огромното знаење што се чувало во Константинопол до неговиот пад 1453 година. Венеција му се чинела најдобра во тој момент, најотворена за идеи, што малку подоцна се потврдува кога оваа република станала главен центар за објавување на дела од заборавената класика и нивно ширење низ цела Европа.

Меѓу останатото, на тој начин хуманистите конечно научуваат повеќе и за Аристотел – кој станува доминантен во интелектуалниот дискурс на Европа до осумнаесеттиот век.

Најголемата сала на Марчиана е украсена со портрети на антички филозофи во втората половина на 16-иот век. Поголемиот број се насликани од Јакопо Тинторето (1518-1594), но двајцата главни мислители – Платон и Аристотел – му биле доделени на Паоло Веронезе (1528-1588).

Стојат, секој во својата илузионистичка „ниша”, од обете страни на големата врата. Платон е во сенка, во поглед упатен горе, кон светот на идеите. Сенката врз неговото лице нè потсетува на неговата идеја водилка, дека додека сме на овој свет, осудени сме да гледаме и осознаваме низ темнина.

Аристотел, од другата страна, е насликан целосно осветлен. Со едната рака веќе се ослободил од „нишата” – сега тој самиот, преку својот гест, фрла сенка врз камениот дом.

Паоло Веронезе (1528-1588) , Аристотел,1565,
Библиотека Марчиана, Венеција

Како симболи на контемплација и акција, Платон и Аристотел ги потсетувале хуманистите од Венеција дека тајната на доброто живеење е во спојот на vita activa и vita contemplativa: ниту делување без размислување, ниту размислување без дејство.

Токму кога помислив дека можам да продолжам со обиколката на салата, пријателката со којшто бев дојдена во Марчиана ме сепнува: „Зошто се двајцава филозофи облечени различно?”

Наеднаш ги гледам со нови очи: дури и Веронезе, односно нарачателите на овие портрети на двајцата „татковци” на западната филозофија, знаеле некаде во 1560-та дека Платон е од Атика, а овој „другиов” од некое помалку познато, „ориентално” место, посеверно и по на исток: учителот Грк, ученикот Македонец.

Слична разлика правеле и ренесансните картографи како Меркатор (1512-1592) и Ортелиус (1527-1598) во нивните фантастични подвизи на мапирање на светот, дури и на оние краеви што никогаш не можеле лично да ги видат.

Но што со Аристотел и Платон? Македонецот ги презел и пренел идеите на Гркот, но при тоа ги преточил во контрапункт на учењето на својот учител. Гледајте и проценете согласно контекстот и околностите – инсистира прагматичниот (антички) Македонец насликан од Веронезе, пружајќи ја раката кон опипливото. Идеите се идеи, и ништо повеќе.

Абрахам Ортелиус, Карта на Грција,
од атласот Theatrum Orbis Terrarum (Театарот на Светот)
Лондон, 1606 слика xxvii.

 

3. Помеѓу Хомер и Александар, во Њујорк

Едно од најмаестралните доцни дела на Рембрант (1606-1669) е во музејот Метрополитен: Аристотел, повторно облечен во необичен, ориентален костум, гледа кон биста на слепиот Хомер. Со едната рака ја допира, како да сака да нè потсети на сетилата како основен инструмент на сознанието. Околу вратот носи златен синџир, скапоцен подарок сличен на оние што им се доделувале на дворски мислители. На него златна пара, на која се гледа ликот на Александар (356-323, п.н.е.), неговиот најславен ученик.

За мене лично, сликава е анатомија на меланхолијата. Аристотел, најмен од Филип Втори да му ја предаде на Александар суштината на грчката култура, стои пред Хомер и размислува дали неговиот ученик воопшто нешто разбрал. Да разберел, немало да се залета во градење на неодржлива империја, немало да води бесконечни војни, слични на онаа за којашто пеел слепиот поет, и да се уништи и себе си и сопствениот народ.

Рембрантовиот Аристотел е пред одлука: вреди ли да ги учиме оние пред нас за грешките што нè довеле до оваа точка? Што понатаму? И самиот Рембрант, кога ја сликал сликава, бил во немилост во Амстердам поради тоа што се држел до своите принципи: неколку години подоцна морал да бара заштита преку банкрот.

Рембрант ван Ријн (1606-1669),
Аристотел со биста на Хомер, околу 1653,
Њујорк, Метрополитен

 

4. Атомите на Демокрит

Името на Демокрит од Абдера (460?-370? п.н.е.) потекнува од фразата „избран од народот” (Δημόκριτος). Овој втемелувач на атомизмот и „татко” на западната наука не запишувал многу, како ни славниот Сократ. Тоа го правеле негови следбеници како скептикот Секстус Емпирикус, кој ја забележал клучнава мисла:

νόμωι (γάρ φησι) γλυκὺ καὶ νόμωι πικρόν, νόμωι θερμόν, νόμωι ψυχρόν, νόμωι χροιή, ἐτεῆι δὲ ἄτομα καὶ κενόν

Независно од тоа дали читаме грчки или не, оваа фраза тешко се преведува, но еве го основното значење:

Слаткото е слатко само зашто така сме решиле по договор, горчливото е горчливо од истите причини, боите се бои само зашто така сме решиле по договор. Сè што постои се атомите и празнината.

Герард Меркатор (1512-1592), Македoнија, Епир и Ахај,
издание: Амстердам, Јодокус Хондиус, 1630.

На помалку од еден месец пред референдумот за името, се потсетувам на паричката што ја добив од Гркот на Крф, со пораката дека Александар е исто толку наш, колку што е нивни.

Што ќе се случи на 30 септември?

Дали ќе си играме глава-петка со иднината, или ќе направиме избор заснован на информации, со добро одмерување на она што можеме да го добиеме или изгубиме?

Или пак можеби ќе го избереме најлесниот пат: гневно да ја фрлиме паричката, бидејќи ете, нешто во нас, дали повреденото достоинство или инаетот, не ни дава да потклекнеме пред силеџиите – Грци, Натовци, Европејци, Американци – кои и да се, што „вечно ни ја кројат судбината”?

Иако живеам надвор од земјата, ќе го остварам правото да гласам – затоа што, како и многу други иселеници, сметам дека овој референдум ќе покаже колку сме сите ние дораснати за учество во политичките процеси со коишто си ја определуваме иднината. А не треба да се бега од одлуки - како што тивко порачува Аристотел, гледајќи го слепиот Хомер и размислувајќи за својот веќе мртов ученик, Александар. Ако сакаме да бидеме дел од пошироката демократска заедница, должни сме да излеземе и да го дадеме својот глас - разумно, со внимателна анализа и проценка на она што е пред нас.

Анета Георгиевска-Шајн е член на Форумот за демократска Македонија, глобална заедница на иселеници. 

Ставовите изразени во овој текст се лични, но блиски до тие на многумина од оваа организација.