Со затворени очи

15.10.2018 10:36

Кога ги затвораш очите ја гледаш песната.
Испразнета од издржливоста на сите зборови,
што потајно си ги посакуваш.
Те потсетува на свежо варосана соба
на која летото заборавило да ѝ ги затвори вратата и прозорците.
А дури и тоа е недоволна алузија на ликовите од физичкиот свет.
Не постојат влезови и излези од таа песна.
Таа е во материјална и гасовита состојба.
Лицата што лебдат во неа, метафорите
што висат на нејзините ѕидови,
галактичкиот провев може веднаш да ги распрсне и да ги пресели
на друго место.
Два голи тукушто вљубени облака
ги расејуваат и разнесуваат ѕвездите
во облакот на закланиот вепар опкружен со сиви ролни чад
од цигарите на тате
кој сокриен во темниот агол на песната, забележува сè.
Веројатно тој е
вистинскиот пишувач на секоја моја песна.
Во мракот не го забележуваш, сè дури не пријде нечујно
од зад грб, не ти ги прекрие очите со своите дланки
и не те праша на шега: Погоди кој е? Ќе ме убиеш ли? Мој ли си?

Превод: Лидија Димковска

Алеш Штегер (Aleš Šteger, 1973), словенечки поет, есеист, прозаист.
Книги со песни: Шаховницата со часови (1995), Кашмир (1997), Протуберанции (2003), Книга на зборовите (2005).
Роман: Понекогаш е јануари среде лето (1999).
Книга со прозно-есеистички записи: Берлин (2007).

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото