Пасивни куќи, активни луѓе

24.09.2010 15:50
Hammarby Sjostad

Во Норвешка постои виц кој гласи: минатата година летото беше во среда. Оваа духовита досетка, која ги опишува временските прилики во кои живеат Норвежаните, во изменета варијанта може да се слушне и во Шведска, посебно во северниот дел на земјата каде температурите се исклучително ниски, деновите кратки, а ноќите предолги; Швеѓаните велат дека годишните времиња во Шведска се менуваат како чекорите во фокстрот – најпрвин долга, долга зима, па ред кратки летни денови. Всушност, на југот на земјата климата е малку поблага, но сепак незгодна. Разликата меѓу температурите е голема – од просечните -17 целзиусови степени за време на зимските месеци на север, до нула на југот. Иако жителите на северна Европа имаат прилика да ја доживеат прекрасната природна појава наречена поларна светлина или т.н. полноќно сонце среде мразот, острите климатски услови ги натерале деловно настроените Швеѓани да се посветат на активно унапредување на начинот на живеење и општествен живот пред останатите европски нации, поради што денес Шведска стана пример за другите земји во светот како успешен модел на одржлив урбан развој.

Проактивниот став на Швеѓаните кон природното и општественото опкружување се гледа во иновативните политики за просторен развој на земјата и новиот начин на урбан живот, познат како „пасивно живеење“. Иако поради придавката „пасивен“ на прв поглед може да звучи контрадикторна, оваа појава на пасивно живеење всушност стана синоним за еден крајно активен и во суштина многу едноставен пристап во обликувањето на иднината на човечкото живеење во градовите низ Шведска. Последниве години, императивот за преминување од фосилните горива на рационалната употреба на обновливите извори на енергија, кои не ја загадуваат околината, доведе со системско подобрување на енергетската ефикасност во областа на одржливиот урбан развој и живеење. Пасивното живеење подразбира живот во самоодржливо и добро изолирано станбено здание, во кое специјално проектираниот вентилациски систем го регулира протокот на воздух, така што енергијата која ја трошат апаратите за домаќинство останува речиси во целост искористена во рамките на домаќинството за време на целата година. Спојот на напредните технолошки решенија и високото ниво на еколошка свест при изградбата на нови и преобразбата на старите станбени населби доведе до тоа денес речиси сите градови во Шведска да функционираат на принципот пасивно живеење. Се разбира, тоа е само една од развојните фази во половина век долгата и постојана примена на холистичкиот принцип во стратешкото планирање на полицентричниот и одржлив развој на целата земја.

Делот од Стокхолм познат како Hammaraby Sjöstad веројатно е најпознатиот пример за одржлив урбан развој во Шведска. Во поранешната нетрактивна индустриска зона денес речиси секој месец никнува по една нова пасивна станбена зграда со низа пратечки објекти. Се планира до крајот на 2015 г. во овој станбено-деловен и рекреативен комплекс да се населат околу 25 000 луѓе, а ќе се отворат и нови 35 000 работни места. Hammaraby Sjöstad не е само град во градот, туку и своевиден урбан самоодржлив екосистем кој функционално е вмрежен со другите екосистеми од овој тип на ниво на целата земја, како градот Алингсаса покрај Гетеборг или Фалкенберг на југот на земјата. Станбените згради се опколени од богато зеленило и бројни патеки за шетање и возење велосипеди. Новите спорстки сали, библиотеките и другите зданија со разни намени се поврзани со бесшумни трамваи и водени сообраќајници во вид на канали со бродови и чамци.

Само по себе, ова крајно функционално просторно уредување не би било ништо ново ако целиот екосистем не почиваше на целосно самоодржливата и енергетски ефикасната инфраструктура – соларните плочи на покривите од зградите ја претвораат сончевата енергија во струја; автоматизираните подземни системи директно го собираат био-отпадот од домаќинствата и рестораните, но и другите видови цврст отпад кој потоа се превезува до меѓусебно поврзаните сиистеми на локални топлани. Во нив преку рециклирање отпадот се претвора во топла вода, струја или биогас.

Се разбира, сите жители активно учествуваат во претходното сортирање на отпадот. Зелените покриви ја собираат дождовницата и преку одводни системи таа се пренесува до соларните плочи во кои водата се грее. Отпадните води се филтрираат и така рециклирани повторно се употребуваат за греење. Сите материјали од кои се изработени зградите не содржат тешки метали или други материи кои се штетни по околината. Домаќинствата се опремени со клозетски шолји, чешми и тушеви кои ја намалуваат потрошувачката на вода и до 50%, а притоа не го намалуваат притисокот во цевките. Ѕидовите на зградите се подебели од просекот, со добра изолација и минимум губиток на енергија.

На овој начин, целокупното негативно влијание на животната средина во Hammaraby Sjöstad е намалено за 40%. Овој позитивен ефект е резултат на интегрираниот концепт за (само)одржливо и енергетски ефикасното пасивно живеење, кој во основа е многу едноставен – добра изолација на зградите и крајно рационализирана инфраструктурна поврзаност која овозможува минимално губење на енергијата и на тој начин ефикасно ја чува околината.

Исто така, целиот концепт на пасивно живеење подразбира и еколошки освестен животен стил на жителите на овие населби, така што во локалните ресторани, продавници и пазари се консумира и се купува исклучиво органски одгледана храна, додека добар дел од населението носи облека од еколошки прифатливи материјали.

Извор: liceulice

Слични содржини

Јавни простори / Историја
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото