Неолиберализмот и ортачкиот капитализам

12.11.2018 02:34
Неолиберализмот и ортачкиот капитализам

Колапсот на Карилион имаше неколку важни импликации за аутсорсираниот јавен сектор кои се анализирани тука, но се сложувам со Вил Хатон дека вистинските поуки се наоѓаат на друго место. Тој пишува:

„Додека некои резултати на јавниот сектор се извонредни, особено во деловите на Националната здравствена служба, шаблонот е посложен. Од таа причина владите со децении ја договараа испораката на добра и услуги со приватниот сектор. Не е неразумно да се обидеме да го прошириме тој принцип доколку партнерите со висок квалитет од приватниот сектор ја преземат одговорноста: проблемот е што се мошне дефицитарни.“

Со други зборови, проблемот не е аутсорсингот, доколку разумно се изврши од страна на владата која автоматски не смета дека сè што е приватно е најдобро и дека државната служба е способна да напише добри договори и ефективно да го следи квалитетот. Проблемот е во лошиот квалитет на британскиот капитализам. Карилион не е исклучок, секако: тоа е лекција која требаше да биде научена уште од финансиската криза и конкретно од Кралската банка на Шкотска.

Но, како тоа е можно кога пазарот нè уверува дека можат да преживеат само најефикасните фирми? Таа идеја, дека пазарот прави само најуспешните да може да успеат, е главната порака на неолибералната идеологија која ги држеше под контрола владите во Обединетото Кралство и САД уште од времето на Тачер и Реган. Таа идеологија содржи голема и длабока внатрешна противречност која важи особено за големите фирми како Карилион. За да се согледа за каква противречност станува збор мора да се подискутира за ордолиберализмот и за Роналд Коус.

Ордолиберализмот е широко познат како германска верзија на неолиберализмот. Тој, исто така, ги слави предностите на пазарот. Како и неолиберализмот, тој игнорира многу неуспеси на пазарот на кои елоквентно укажува Колин Крауч и кои ги проучуваат економистите вложувајќи многу време. Ордолиберализмот препознава еден потенцијален проблем со идеалот за пазарот, нешто што неолиберализмот го игнорира, а тоа е монополот. Крауч прави слична дистинкција кога зборува за пазарните неолиберали и корпоративните неолиберали.

Оваа дистинкција е важна заради причините кои се многу пошироки од учебничките проблеми со монополот: дека цените се превисоки и дека аутпутот е многу низок. За да се согледа зошто тие се многу пошироки, мораме да се насочиме кон Роналд Коус. Коус беше британски економист кој работеше во Чикаго. Неговата прва главна статија беше „Природата на претпријатијата“, напишана 1937 година, во која е претставен концептот на трансакциски трошоци за да се објаснат природата и ограничувањата на претпријатијата. Она што е клучно кај Коус и е релевантно за нашата дискусија е тоа што, во теоријата, многу нешта што ги прават претпријатијата можат да бидат извршени од страна на пазарите. За неекономист ова веројатно звучи чудно, така што ќе се обидам накратко да ја објаснам идејата.

Во принцип, дејностите на кое било претпријатие можат да бидат копирани од страна на сите негови вработени работници, вклучувајќи ги и менаџерите, на тој начин претворајќи ги во самовработени работници. Работникот кој работел за претпријатието може да стане самовработена личност која потпишала договор со самовработениот менаџер. Понатаму, самовработениот менаџер не би морал да работи со фиксен број самовработени работници, туку тие за секоја задача би можеле да создадат пазар од таа задача, на кој која било самовработена личност би можела да понуди цена за извршување на задачата.

Коус се запрашал зошто имаме претпријатија наместо ваков проект втемелен на пазарот. Неговиот одговор се трансакциските трошоци. Типичниот работник вработен во претпријатието мора да го направи тоа што од него (во границите на разумот) ќе го побара менаџерот. Тоа може да варира, често во мошне краток рок, во зависност од потребите на претпријатието. Да се замени ова со голем број специфични краткорочни договори би било мошне неефикасно, затоа што е потребно многу време за да се напишат и прочитаат такви договори (трансакциски трошоци). Можат да се додадат и трошоците за барање и многу други трошоци кои моделот на самовработените по пат на договори го прават главно неефикасен.

Овие тензии помеѓу предноста на пазарот наспроти интернализирачките активности во рамки на претпријатието можат точно да се согледаат и тие се одигруваат кога претпријатието ќе одлучи да аутсорсува некои свои активности. Но, овие тензии имаат помрачна страна. Претпријатијата го интернализираат пазарот во таа мера што ќе можат да ги искористат купувачите (традиционален монопол), да ги експлоатираат работниците (доколку една голема фирма е единствениот потенцијален работодавач за многу работници, односно монопсон), или како средство на менаџерите за експлоатирање на акционерите.

Постојат две насоки по кои може да се оди кога ќе се препознае сето ова. Првата и повеќе ордолиберална е со недоверба да се посматра монополот од кој било тип и да се биде мошне сомничав кон големите фирми и нивното создавање по пат на спојување. Втората е да се претпостави дека претпријатијата секогаш се во право и дека големите фирми постојат едноставно зашто се поефикасни во извршувањето на она што го прават во однос на фирмата што се распаднала. Заради наведените помрачни страни, не постои логична причина за заземање друго гледиште. Скептицизмот за големите фирми е вистинската насока по која треба да се оди. Втората насока, според која се претпоставува дека секогаш постојат добри причини за постоењето големи компании, нема никаква смисла освен ако од која било причина целта е да се одбранат таквите големи фирми. Тоа е насоката во која се движи неолиберализмот.

Вил Дејвис е автор на фасцинантното дело за тоа како идеите за доблестите на натпреварот, како и потребата да се укинат монополите, се промениле во рамки на Универзитетот во Чикаго од триесеттите до осумдесеттите години под влијание, меѓу другото, и на делата на Роналд Коус. Тоа покажува и колку водечки автори во тој период ја избрале втората насока. Економијата е доволно плодна за економистот, доколку сака, да измисли причини заради кои монополите можат да бидат ефикасни и на тој начин многу добро да заработи за тоа.

Така неолиберализмот кој можеби започнал со величање на предностите на пазарот, завршил како „консултантска фирма во која корпорациите набавуваат комплексни макети со кои би ја оправдале својата избрана стратегија“, да го цитирам Вил Дејвис. Тоа го мислев кога уште во 2016 година напишав:

„Важно е оние кои го користат терминот неолиберализам денес да ја препознаат оваа контрадикција. Тоа не значи дека е погрешно користењето на терминот неолиберализам за да се опише доминантната идеологија, туку е грешка да се претпостави дека идеологијата не била изменета/прилагодена/искривена од страна на оние во чиј интерес е таа да функционира. Овие промени ја направиле интелектуално слаба, истовремено правејќи ја политички моќна.“

Постојат важни грешки што можат да ги направат оние што му се противат на неолиберализмот доколку не ја согледаат оваа поента. Тие го вклучуваат противењето на сето она што не може да го застапува нивниот противник. Така, на пример, затоа што неолибералите ги слават доблестите на пазарот, а во практиката главно се наклонети кон бизнисот, тоа не значи дека секогаш би требало да се противат на пазарите: можно е пазарот да биде и против неолиберализмот. И покрај тоа, само зашто неолибералите можат да ги користат идеите од економијата за да ги потврдат своите ставови, не значи дека нешто не е во ред со економијата (што не важи и за некои економисти). Луис Зињалес од Чикаго ги користи двете ставки како пример и не се плаши во јавност да направи дистинкција помеѓу оние кои се за пазарите и за бизнисот.

Сето тоа е во врска со дистинкцијата помеѓу идеите и интересите. Додека е добро да се препознае дека интересите до одреден степен се базирани на идеи, исто така е важно да се согледа дека идеите можат да се променат со текот на времето за да ги рефлектираат идеите. Како идеологијата која се темели на перцепцијата за пазарот преку розеви очила се претвори во идеологија која го оправдува ортачкиот капитализам барем е дел од приказната за неолиберализмот. Овие договори со власта на идеологијата ѝ дозволија да стане доминантна, но исто така, истовремено направија да биде многу лесно таа да се сруши од страна на различни видови плутократии, како на пример онаа што ја претставуваат Брегзитот и Трамп.

Илустрации: John B. Ledger

Извор: http://evonomics.com

ОкоБоли главаВицФото