За простување се потребни сеќавање и храброст: резилиентноста во стаклениот дворец

21.11.2018 01:32
За простување се потребни сеќавање и храброст: резилиентноста во стаклениот дворец

Италијанскиот психолог Џулијана Макони наведува дека сите сакаме другите луѓе да нè разбираат и ценат „заради она што сме“ – но како знаеме што сме? Ние – вели таа – сме продукт на животните искуства, до кои доаѓаме преку спомените на минатото. Спомените го сочинуваат нашиот идентитет.

Филмот The glass castle (Стаклениот дворец) е снимен според автобиографијата на Жанет Волс. Жанет израснала во необично окружување, во семејство кое е ноќна мора за секој социјален работник – често се селат, не ги школуваат децата, не ги носат на лекар, а повторно не оставаат државата да се грижи за нив – накратко, невидливи се за системот иако во секоја можна смисла ги занемаруваат потребите на своите деца. Жанет и нејзините сестри и братот често се гладни; таткото често е пијан; присутни се кога се случува насилство помеѓу родителите; братот и сестрите се принудени да водат сметка едни за други.

Накратко, кога би извршиле проценка на ризикот за ова семејство ќе заклучите дека итно мора да ги преместите децата од него, а потоа тие ќе се преселат на некое друго место или држава без никаква трага. И покрај своето ужасно растење, Жанет успева да го заврши школувањето, да се вработи, да го напушти семејството и да се обезбеди финансиски, како и да најде пристоен човек со кој ќе се вери. Возрасна е, зрела и успеала да се дистанцира од своите немарни родители. Би можеле да кажеме дека се работи за резилиентна личност.

Според Американската психолошка асоцијација, резилиентноста може да се дефинира како процес на добра адаптација при средба со траума, трагедија или воопшто високо ниво на стрес каков што предизвикуваат сериозните здравствени, деловни или брачни проблеми. Според истиот извор, резилиентноста е вообичаена и луѓето ја покажуваат често; впрочем, таа не е исклучок. Студиите покажуваат дека значајни предиктори се токму односите исполнети со поддршка во и надвор од семејството. Во семејството Волс, такви се односите помеѓу децата кои се трудат едни на други да си обезбедат поддршка, а понекогаш дури и грижа која не им е пружена од родителите.

Уште еден од факторите е капацитетот да се прават реалистични планови и да се остваруваат чекор по чекор. Плановите на децата Волс подразбираат заминување од дома, во што речиси сите успеваат. Меѓутоа, кога ќе си заминат од дома се поставува прашањето за идентитетот и односот кон она што го оставиле зад себе. Што се случува со наративите и сеќавањата на децата кои ги надминале своите тешки искуства и почнале да градат нов живот и нов идентитет, кој не подразбира идентитет на жртва? Во многу филмови и книги среќен крај значи напуштање на злоставувачот, прекинување на односот со него или напуштање на местото на кое сме биле несреќни и создавање шанси за нов почеток. Се подразбира дека лошиот дел од искуствата ќе биде „откинат“ и дека ќе се сеќаваме само на убавите нешта.

Иако темата за собирање храброст со цел да се прекине врската во која се трпи насилство е мошне важна, понекогаш нештата не се едноставни. Веќе пишувавме за емоционалниот cut off, кој може да претставува само моментален вид изолација за да може младата личност да го изгради својот идентитет. Наспроти тоа, наодите од истражувањата покажуваат дека избегнувањето како механизам за соочување впрочем ги зголемува ранливоста и посттрауматските реакции кај луѓето кои биле изложени на негативни искуства. До поволни исходи доведуваат прифаќачките ориентации кон искуството, што поттикнува резилиентност.

Емоционалното исклучување, како и користењето дисоцијации како механизам за одбрана, исто така не се од помош. Жанет, очигледно, непосредно по заминувањето од дома ги користи овие механизми и тие ѝ користат неа. Како резултат на тоа, живее живот дијаметрално спротивен на животот на нејзините родители: во средена куќа, со маж кој го негира нејзиното минато додека таа самата се преправа дека не ги препознава татка си и мајка си кога ќе ги сретне.

Пресвртница доживува кога на една блазирана деловна вчера на непознати луѓе ќе им ја раскаже приказната за својот живот, со што става точка и на неискрениот однос кон мажот, но и кон себеси. Во реалниот живот, Жанет Волс живее со својата мајка, која дозволила самата да подготвува виршли на возраст од четири години („Зарем сакаш да потрошам еден час за да ти подготвам храна која веднаш ќе ја изедеш наместо да насликам слика што ќе трае вечно?“) заради што добила тешки изгореници кои ѝ оставиле лузни за цел живот.

Амбиваленцијата спрема родителот – злоставувач, очигледно е дел од трансгеренацискиот пренос во семејството Волс, зашто низ филмот се провлекува сомнежот дека таткото на Жанет бил жртва на злоставување од страна на својата мајка. Амбиваленцијата се покажува како корисен концепт во објаснувањето на комплексните релации помеѓу родителите и децата, а колку и да е неизбежна, во извесна смисла толку е разрешлива. Во Психологија на добрината, Салман Ахтар посветува едно поглавје на простувањето, наведувајќи и самиот дека психоанализата (а, може да се каже и психологијата генерално) нема многу да каже за простувањето, а потоа наведува дека три фактори имаат важна улога во напредувањето од позиција на трауматизирана жртва до простување: осветата, обештетувањето и повторното разгледување.

Осветата, вели Ахтар, го поставува Јас на жртвата во активна позиција која дотогаш била пасивна; овој чин, без разлика дали е фантазија и реалност, претставува темел за сочувствување со непријателот. Осветата на Жанет за татка си и мајка си, впрочем е нејзиното бегство од дома, прекин на односите и прифаќање на вредностите кои ним им се сосема туѓи. Од друга страна, обештетувањето претставува признавање на сторителот дека ја повредил жртвата, со што се потврдува реалноста на перцепцијата на жртвата дека била повредена.

Жанет добива обештетување додека татко ѝ лежи на смртна постела, со неговото признание дека никогаш не изградил стаклен дворец; што доведува до можност своите трауми, кои навистина се страшни, да може да ги доживее и посматра на различни начини, од различни агли, сè додека не е во состојба да им прости на родителите.

Последната сцена од филмот ја прикажува вечерата на која Жанет, братот и сестрите со љубов се сеќаваат на неодамна починатиот татко и на сосема поинаков начин ги преобликуваат спомените со него, пронаоѓајќи ги единствените исходи според кои нивниот живот со татко им впрочем бил голема и возбудлива авантура. На почетокот од својот приказ на The lost mariner, Оливер Сакс го цитира Луис Буњуел:

„Мора да почнете да го губите памтењето, барем и во делови и парченца, за да сфатите дека спомените се она што ги прави нашите животи. Животот без спомени воопшто не е живот; нашето сеќавање ја формира нашата кохерентност, нашиот ум, нашите чувства, дури и нашето однесување. Без тоа сме ништо.“

The glass castle (Стаклениот дворец) како да се темели на претпоставката дека резилиентноста не е можна без простување, дека, на крајот на краиштата, ни комплетноста на личноста не е можна без простување, а за простување е потребно сеќавање за она што ни се случило и храброст да се надмине траумата.

Извор: http://www.psihobrlog.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото