Психолошки албум на Македонија 2014

06.01.2015 14:12
Психолошки албум на Македонија 2014

Добро е одвреме-навреме човек да застане. Да погледне зад себе, и да погледне пред себе, а најмногу да погледне во она што е овде и сега. Имам впечаток дека изминатите години додека го објаснувавме минатото и стравувавме од иднината, заборавивме да живееме во сегашноста. Бидејќи фотографијата има такви квалитети да може да смрзне одредена слика во одреден момент, ќе предложам неколку фотографии од Македонија овде и сега, со цел да фрлиме психолошки поглед кон општествените случувања.

Фотографија 1 – Неколку илјади студенти протестираат пред Владата, стигнале скоро до портите на медиумот Република. Новинарите од овој медиум, во тишина играат игри на социјалните мрежи, не забележувајќи (?!) ги студентите.

Корупцијата навлезена во секоја пора од граѓанскиот живот, го поттикнува одбранбениот механизам на негација - „не го гледам она што не сакам да го видам“. Гледајќи ја оваа фотографија, можеби ќе се запрашате: дали и како овие новинари, во чии пишани редови никогаш не се отсликува личен став, личен стил, личен израз, ја ценат својата професионалност? Дали се лажат самите себеси за да полесно навезат редови на перверзно конструирана реалност, или пак со полна свесност знаат точно што прават? Кога сме кај перверзното конструирање на реалноста, за контра-професорскиот пленум никако не може да се каже дека е сочинет од индивидуи кои немаат своја лична карта, напротив. Сепак, гледано од психолошки аспект, совеста, чувствата на вина, срам, одговорност, достоинство, не се врзани за интелигентноста, ниту пак за статусот и постигнувањата.

Студентите во оваа фотографија се симбол на она што е лековито за Македонија, овде и сега: имагинација, инспирација, енергија, креативност, дух, хумор. Овие квалитети се најсилни кај адолесцентите и младите возрасни: ја имаат визијата, ја имаат силата, ја имаат интелигенцијата. Би рекле дека она што го немаат се искуство и мудрост, но тоа значи и дека немаат такво искуство кое би ги обременило во нивната борба. На пример, професорскиот пленум дури сега (потпомогнат од студентската енергија) се осмели да проговори за повеќегодишното незадоволство од реформите во образованието.

Патем, негацијата е основен одбранбен механизам на Македонците. Премногу е болна реалноста на сиромаштијата, неправдата, затвореноста и прениските животни побарувања, за да може да ѝ се погледне во очи. Македонците ќе излезат на прослава со огномети и пејачи, прославувајќи отворање на нова маалска фонтана, додека истовремено во Дубаи се направи цела снежна планина за зимски спортови. Не сакаме или не смееме да ја погледнеме реалноста, оти тогаш што ќе правиме? Постојат две опции, или увидот ќе нè разболи, или ќе мораме да се соочиме со реалноста, односно да преземеме одговорност.

Фотографија 2 – Неколку илјади граѓани протестираат за новите придонеси за хонорарите. Чекорат на улицата помеѓу Министерството за труд и социјална политика и статуите, додека административците молчеливо ги ѕиркаат од зад завесите.

Двојната реалност е ширум присутна, како и поделбите. Едните велат, го земате лебот од хонорарците бидејќи празни ви се касите, а притоа не уживаме права на редовно вработени граѓани. Со драконските казни, инспекции, даноци ние ги плаќаме овие сограѓани кои нè ѕиркаат и молчат. Едните им служат на другите. Другите пак, живеат во сосема друга димензија на реалноста: за нив нема казни, нема немаштија, но има тивок, невидлив, сеприсутен страв. Психолошки анализирајќи, институциите ги поттикнуваат луѓето кон инфантилност – тие сакаат од нив да добиваат плати, пари, повластици, привилегии. Имено, сакаат од нив да направат втора мајка. За втора мајка може да се смета и големата партија, ако се согласиме дека таа е матица на државните институции овде и сега.

Имено, сите големи институции, секаде, покажуваат склоност кон инерција, а особено во еден контекст каде што демократијата и правото се апстрактни именки. Тие знаат дека овде и сега, нивното работно место го штити само нечија добра волја, а не нивната заслуга или законите. Државните институции овде и сега се мајка која го проголтала сиот ентузијазам, енергија, креативност, визија, слобода, радост, и затоа опасноста е произведувањето на граѓанска импотенција, нефлексибилни, пасивни, безживотни граѓани кои ѕиркаат и молчат. Комплексот на проголтувачка мајка од кој страдаат Македонците, произведува страв од животот. Овој страв ја блокира поврзаноста, заедништвото, солидарноста, поддршката, функционалните релации, сплотеноста, сочувството (овие карактеристики му припаѓаат на женскиот принцип, според аналитичката психолошка мисла). Овие квалитети се сосема потиснати во нашето општество, скоро непостоечки, и наша среќа е што студентите покажаа, посочија што всушност недостига.

Всушност, по осамостојувањето на Македонија полека се кристализираше идејата и важноста за јакнење на колективната самодоверба, самопочит и самосвест, кои недостигаа во колективното битисување на младата држава. Кој можеше да знае дека една таква основна потреба ќе доведе до идентитетска шизофренија, каде што статуите во оваа фотографија станаа поважни од луѓето на улицата. Ова се случува токму во време кога и западот, во психолошката мисла, ја преиспитува значајноста на идентитетот: идентитетот е само една конструкција на егото, додека самото човечко битие е многу повеќе од тоа што нашето его вели дека ние сме. Човечкото битие не може да се стави во рамка на фиксен идентитет, напротив тоа постојано се менува низ личниот развој, а притоа е неменливо во својата суштина.

Ако тој импулс за креирање нова самодоверба во младата самостојна држава се искористеше на правилен начин, тој ќе беше во форма на креативен порив за создавање нови нешта кои ќе имаат заедничка смисла, вредност, и ќе бидат колективна цел, за раст и развој на општеството. Наместо тоа, истиот импулс се пренасочи кон политичка пропаганда и постана фатален порив за моќ кој го измести вредносниот систем. Она што сепак недостигало, а денеска е сосема јасно, тоа е силна морална основа, заедништво и граѓанска одговорност.

Затоа, можеби денес покорисно е при ова застанување и над овие офтографии, најнапред да си ги поставиме овие прашања, пред себе, за својата лична и граѓанска одговорност, солидарност и вредности.

Албумот продолжува...

Ивана Станковска
М-р психолог, семеен советник

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото