Страв ми е од нашата поделеност, успаност и зачмаеност

02.04.2015 12:26
Страв ми е од нашата поделеност, успаност и зачмаеност

Повеќето ќе ги мрзи и да прочитаат, но Јас, обичниот граѓанин, чувствувам лична одговорност да го кажам следново... а верувам дека не кажувам ништо ново (толку долго трае ова)...

Мене ми е СТРАВ!!! Но, не ми е страв да кажам што мислам, не ми е страв да излезам на улица во име на својата слобода, не страв од реперкусии, не страв од тоа дали ќе имам работа или не. Не! Страв ми е и гад ми е од нас!

Не од власта и опозицијата, не од нивните препукувања, не од нивните ветувања, не од нивните лаги, не! Од тоа само се разбеснувам!!!

Од нас, граѓаните, од народот ми е страв... Од тоа дека нема да излеземе сите на улица (и во метафоричка смисла на зборот се важи)... Од нашата поделеност, успаност, зачмаеност, страв ми е зашто ДОЗВОЛИВМЕ да нè поделат по сите основи, па сега секој на својата почвичка се моли наместо сите заедно да настапиме, во одбрана на богот (иако сум атеист, сфаќате на што мислам), на човекот во себе, оној кој треба да нè учи на слобода, на критика, на емпатија, на грижа, совест, љубов... сè ли заборавивме?! Страв ми е зашто со некои драги луѓе веќе не можам да зборувам спокојно на сите теми како досега, а не е криминал да сме различни... и никогаш не ни било важно тоа, досега.... страв ми е зашто другата половина драги луѓе гледа како да побегне одовде не сфаќајќи ја глобалната лага во која сме втурнати. Тука сме, тука треба да живееме и создаваме и да се чуваме и бодриме... за да нè има!!!

Што уште треба да се случи, кој „фронт“ да се отвори за умот да ни дојде од задникот в глава?! Уште повеќе ли да се сокриеме за да не го гледаме разобличувањето на земјата во која единствено можеме да чувствуваме дека припаѓаме (ова го знаат сите што престојувале подолго време или живеат во странство)!?

Изобличен град, искасапени дрвја, уништена планина, недозволени градби, нахални објекти, никакви улици, дупки насекаде, празни катни гаражи, загушливи шопинг молови, напуштени шопинг молови со искршени излози кои некогаш и тоа како светеле, упропастени природни убавини за век и веков (Охрид), лоши автопати, бесмислени патарини, ѓубре насекаде, река (Вардар) која како-така личеше на нешто додека течеше... тоа е нашата околина која визуелно ја доживуваме...

Здравство во распад и систематско уништување (ова и од лично искуство го потврдувам), предвреме заминати жртви на системот, сиромашни граѓани, средношколци кои наместо по екскурзии низ светов се излезени на улица, разгневени (а сепак силни) студенти, протести на обесправени граѓани на една страна, успан аутаназиран народ задоволен со гледање на квизови и серии на друга, интелектуалци кои на најсрамен начин се деградираат себеси како битија, десеткувано новинарство, исклучително ретка културно уметничка програма на тв, радио, уметници кои се повеќе ценети, споменувани и пласирани надвор отколку тука... ова се нашите душевни болки... И ова не е вистината?!

Не знам, страв ми е дека нема да ми дозволат да го одживеам животот онака како што сум воспитана дека треба и како што за себе замислувам дека треба... достоинствено, слободно, креативно, со љубов и восхит кон човештвото!

Ова што ни се случува нè засега сите нас, по многу основи, замислете се и сфатете дека не ви е добро. НЕ Е ДОБРО!

Извојував лична, многу тешка битка минатата година, со ОГРОМНА ВЕРБА во себе! Сакам да дишам и живеам слободно, зарем е тоа премногу да се очекува?! Имам сила како за тројца и нема да ме спречи ништо да помогнам за подобро утре! И немој да пробал некој случајно да ме „обои“!

„Извинете“ што го пишувам ова денес, кога е надвор баш така прекрасно за кафенца и блеење, како да е сè во ред, зарем не!?

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Patrice Letarnec

ОкоБоли главаВицФото