Ангела Мелитопулос вечерва на КРИК 03

23.11.2018 13:40
Ангела Мелитопулос вечерва на КРИК 03

Вториот ден на КРИК фестивал за критичка култура помина во знакот на предавањето „За постанувањето поранешен“ и разговорот со Петар Милат, теоретичар и филозоф од Хрватска, поврзано со општото прашање за тоа дали и колку уметничкото творештво и естетското промислување можат да го надминат јазот помеѓу дисциплините и во системот на уметноста и во општата рамка на општествениот живот. Милат во своето предавање го акцентира постоењето на специфичната стратегија на трансверзалностa и на недисциплинатa: постанувањето поранешен.


Во разработката на оваа идеја, тој користеше примери од современата теорија на естетиката, експерименталниот филм според делото на Марагарет Дира , со цел да се укаже дека естетскиот еманципаторски капацитет се наоѓа во специфичната привременост на уметноста.

Потоа, под наслов „Das nackte Überleben / Гол опстанок“ беа прикажани уметнички видеа и се одржа разговор со Катрин Бекер од Германија. директорката на n.b.k. Видео-форумот и кураторка. Таа во кино салата на МСУ претстави избор на видео-дела од изминатите две децении, кои во однос на содржината реферираат на поимот состојба на исклучоци. Насловот на проекцијата Das nackte Überleben - или Гол опстанок - е инспириран од синтагмата „гол живот“ на Џорџо Агамбен; голиот живот од кој суверената моќ може да се ослободи и располага по укинувањето на разликата помеѓу „јавното“ и „приватното“.

Во видео-проекцијата, Бекер ги претставува и коментира делата кои се однесуваат на поединецот во однос на состојбата на исклучоци - дали е тоа политичка, економска, еколошка или социјална, притоа осбрнувајќи се на различните аспекти како: диктатурата (Марина Напрушкина), војната (Мозер и Швингер, Микола Ридниј) и окупацијата (Лариса Сансур) се исто толку важни прашања како што се и политичкото исклучување (Олег Кулик), еколошките катастрофи (Урсула Биман) или постоењето на кодексот на однесување (Френсис Алес, Мванги Хутер, Хирохару Мори), што ги регулираат општествените процеси на исклученост и вклученост.

Денеска (23 ноември) настаните на КРИК фестивалот почнаа со првиот дел на работилницата за критичко пишување во сферата на визуелните уметности „Јасно и гласно“ на Маја Ќириќ од Србија.

Од 19 до 20 часот е предвидено да се одржи предавањето, презентацијата и разговорот за картографските филмски наративи (Cine-Soma) со Ангела Мелитопулос од Грција.
Преку селекција од нејзините проекти, Мелитопулос ќе го презентира процесот и начинот преку кој нејзините аудио-визуелни уметнички истражувачки проекти создаваат повеќеслојни нарации, коишто го преиспитуваат начинот на којшто ние создаваме и живееме во однос на географските простори или, поконкретно, како да го надминеме она коешто се наоѓа помеѓу географијата и начинот на размислување. Како можеме да ја разбереме појавноста на пејзажот како знаење, односно како променлив и говорлив ентитет во нашата современа продукција на субјективитети? Како медиумската практика на мапирање се поврзува со идејата за она што Ангела Мелитопулос го артикулира и анализир како машински анимизам, синтагма позајмена од Феликс Гатари и Жил Делез и како сето тоа можеме да го разбереме како „работа на мигранти“.

Ова отвора друга насока на значење во миграционите политики и во нивните егзистенцијални практики во уметноста, коишто интервенираат во денешните фабрикувања за општествено-политичкото тело. Глобално донесеното нормативно производство на субјективитети резонира со други сознанија на телесност, кои се повеќе анимистички, мобилни и кои одбиваат поделби како ониe на субјект-објект или на природа-култура.

Во рамки на презентацијата ќе бидат прикажани извадоци од кинематографските и картографските практики на авторката од различни проекти. Од видео есејот, Passing Drama, од аудиовизуелните истражувања Assemblages; cinema of Fernand Deligny’s и од проектот прикажан на Документа 14, Crossings, кој предлага комплексна инсталација како картографија на местата кои кристализираат големи стратификации и реалности на делирична, квази-шизофренична состојба, што се појавува сега за време на економската криза во Грција, каде што капитализмот ги принудува неолибералните дерегулации и предизвикува граѓанска војна против населението.

Ангела Мелитополус е уметница, која се изразува преку видео инсталации, видео есеи, документарци и звучни дела, како и теоретски текстови. Нејзината работа ги истражува не-наративните својства на движечките слики, вметнувајќи ги во конструкти од политичка географија и нови архиви базирани на историјата на малцинствата, на пример, миграциони искуства, антикапиталистички движења и антифашистички отпори. Таа дипломирала на Академијата за Ликовни уметности во Дизелдорф во класата на професор Нам Џун Паик. Нејзините дела биле изложени на многу меѓународни изложби.

Нејзиниот последен проект „Crossings“ беше прикажан на Документа 14, во Касел. Ангела Мелитополус докторирала на одделот за Визуелни култури на Универзитетот Голдсмит во Лондон, а моментално е професор во Школата за медиа на Данската кралска академија за ликовни уметности во Копенхаген.

Со неа подоцна ќе дебатира Маурицио Лазарато, а вечерта звучно ќе ја обојат нејзините сонародници - CËRPA со музички сет и „Millions of dead tourists“ кои ќе одржат концерт во Музејот на современа уметност.

Фотографии: Лени вон Гелева

ОкоБоли главаВицФото