Рибата Ванда исплива на површина

05.12.2018 01:57
Рибата Ванда исплива на површина

Полека, но сигурно, Ѓаволот – во настаните од 27 април минатата година – си доаѓа по своето. Не само заштитениот сведок, туку и „незаштитените“ директни учесници, обвинети за крвавите настани, почнуваат да си ја кажуваат приказната, онаква како што тие сведочеле дека навистина се одвивала. Би требало да знаат што зборуваат, бидејќи тие самите ја одвивале.

Тие драматични искази, всушност, не ни кажуваат ништо што веќе не го знаеме во изминатите дваесеттина месеци: настаните се организирани и егзекутирани од професионални структури во македонските служби за безбедност, со намера да се ликвидира или поапси врвот на тогашната нова влада, но и дузина други „цивили“ кои режимот на Груевски ги имаше прогласено за „предавници“.

Сепак, најновите искази на обвинетите ја откриваат и „алката којашто недостасуваше“: евентуалната улога на рибата наречена Ванда – претседателот Иванов. Неговиот советник за национална безбедност и доверлив оперативец од највисок маштаб, г. Синиша Алексовски – припадник на безбедносните служби и на тој менталитет, практично, откако знае за себе – наводно, според сведоштвата на обвинетите, го храбрел „востанието“ врз Собранието со информација дека рибата Ванда вечерта во 22 часот ќе прогласи воена состојба, со што би започнала втората фаза од спроведувањето на државниот удар. Во таа фаза се апсењата, на оние кои го преживеале Собранието, од страна на воената полиција. Дагауууу!

Таквиот развој на настаните ќе овозможеше да се помине на третата фаза: нови преговори за решавање на таа најдлабока криза од сите досегашни кризи, но со Грујо уште на власт (макар во чекалницата на аеродромот во Виена, од каде ќе биде љубезно прибран таа вечер од страна на луѓе во цивилна облека, со гумени ѓонови на чевлите, и однесен во непознат правец!) и со столче за Москва на новата преговарачката маса, кога за тоа ќе се создадеа услови.

За разјаснување на оваа фаза, сепак, ќе треба да причекаме на некои идни сведочења и од луѓе за кои, сега, не можеме ни да ги претпоставиме.

Меѓутоа, како што е познато, планот не успеа. Пред тој најавен 22 часот таа кобна вечер, извесни персони беа „заштекани“ за ѕид со извесни аргументи на сила, по што се реши наместо проглас на воена состојба, да се даде проглас за политички дијалог. Памтите: една минутка прочитано соопштение и, со свиткана опашка, панично бегство од новинарите.

Другото е кривично-правна историја за пропаднатиот државен удар.

Мене ми се чини дека до Нова Година – добро, де, може ќе фати и Стара Нова Година – ќе има значајно проширување на списокот за апсење во врска со овие настани, со повеќе нови обвинети. Работата, уредно, си оди натаму, бидејќи некои од главните обвинети допрва ќе земат збор со своите сведочења, а претпоставувам дека тоа што тие ќе имаат да го кажат само ќе ја асфалтираат траекторијата по која се движи Обвинителството во откривање и докажување на сите околности и учесници во овие грди настани.

И овие сведочења се последица од бегството на Груевски во Будимпешта, нозе му се позлатиле! Како што навестивме, ваков драматичен распад на „груевизмот“, инаку, ќе одеше многу помачно и поспоро. За сите форинти!

Не сакам да бидам погрешно сфатен, но мора да има некоја здрава причина што рибата Ванда само оваа година шест пати ја посети Турција… Има таму едни долги, песочни морски брегови.

Слики: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа