Која е Грета Танберг: активистката за која зборува светот

03.05.2019 00:51
Која е Грета Танберг: активисткатата за која зборува светот

Комплицирано е да се биде Грета Танберг. Малечка, срамежлива 16 – годишна девојка од Шведска која се избори со депресијата и која бега од училиште за да му покаже на светот дека треба да се бори против климатските промени. Неодамна, на плоштадот во Стокхолм таа собра парада на нејзини приврзаници.

Шестмина суденти од Швајцарија патувале со воз цели 26 часови да ја добијат нејзината поддршка за петицијата за промена на швајцарскиот закон за емисија на јаглен диоксид. Италијански научиник ѝ кажал дека го потсетува на него додека бил млад активист. Телевизиските екипи се туркаат околу неа. Една жена од групата за забрана на пушењето ѝ приоѓа за да ѝ подари маица. Грета климнува со главата и шепнува: „Благодарам“, додека им позира на фотографите. Сето тоа внимание, како што рече, е одлично. Тоа значи „дека луѓето слушаат“.

Но тогаш од неа излегува гнев. „Иритантно е кога луѓето велат: „О, вие деца, млади луѓе, вие сте надежта. Вие ќе го сочувате светот“, вели таа откако неколку возрасни кажуваат токму нешто такво. „Мислам дека би било добро, барем малку и да помогнете“.

Тоа е вистинската Грета. Иронична. Со остар јазик. Понекогаш саркастична. Нималку слатка.

Кога премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, во февруари, кажа дека протестите на учениците се само „губење време и бегање од часови“, Грета ѝ одговори на Твитер: „А сепак политичките лидери веќе 30 години ништо не прават. Нели е тоа малку полошо“.

Нејзиниот осамен акт на граѓанска непослушност – бегање од училиште за да протестира пред парламентот, ја претвори во своевидна глобална икона. Инспирираше голем број други деца да излезат на демонстрации, покрена расправи за тоа дали децата треба да бегаат од училиште за да учествуваат во борбата против климатските промени, но ги собра и троловите, хејтерите и скептиците кои се прашуваат кој профитира од Грета.

Последните шест месеци, како што кажа таа, „биле чудно поинакви“. Ја канеа да зборува, да држи говори, на што не е навикната. „Цел живот бев невидлива, невидливо девојче во позадината што ништо не зборува“, вели таа. „Како поминуваат деновите, луѓето почнуваат да ме слушаат. Тоа е чудно. Тешко е.“

Како постара од две ќерки, Грета пораснала во Стокхолм, била одлична ученичка, одела на балет и во театар, свирела клавир и како другите деца гледала филмови за топењето на Арктикот и за судбината на поларните мечки и китови кои умираат од наталожената пластика во стомакот. Меѓутоа, за разлика од своите врсници, не можела да се помири со тоа.

„Почнав постојано да размислувам за тоа и многу се растажив“, вели таа. „Тие слики ми се врежаа во главата“.

Со адолесценцијата дошол и притисокот на околината. Не ја интересирале работите што ги преокупирале другите деца: мобилните телефони и облеката. Ништо од тоа не ја интересирало, се сеќава нејзиниот татко. „Мислам дека беше изолирана и многу осамена“, вели Свенте Танберг.

До својата 11 – та година Грета западнала во длабока депресија. Престанала да оди на училиште. Престанала да расте. Зборувала само дома и пред една наставничка во училиштето.

„Мојот личен свет беше прилично голем“, вели таа. „Бев сосема сама“.

Дали е уште тука тој осаменички свет? „Да“, брзо одговара. „Но е сè помал, а вистинскиот свет е сè поголем“. Додава дека сега е посреќна. „Имам цел. Постои нешто што мора да направам“.

Во разговор со Каролина Лукас, лидерка на партијата на Зелените и Џејмс Корбин водачот на лабуристите

Грета и натаму е ситна за своите години, затоа што не јадела додека се борела со депресијата. Не се смее многу, ниту пак сака да разговра. Или како што таа самата вели, „го кажува само она што е неопходно“.

Секогаш повеќе сака да биде во друштво на возрасните или животните, наместо со своите врсници. Булингот и депресијата си го зеле данокот.

Грета вели дека се почувствувала подобро кога некој ја слушнал, прво нејзините родители. Престанала да јаде месо. Потоа станала веган, но мајка ѝ, Мелена Ернман и понатаму некогаш знае да ѝ подметне малку сирење. „Ноќе, за да не забележам“, вели Грета.

Нејзината најголема победа се случила кога во 2016 година ја убедила мајка ѝ да престане да патува со авион, што е голема работа со оглед на тоа што Мелена Ернман е позната оперска пеачка во Шведска.

Во август, минатата година, Грета седеше пред шведскиот парламент. Наскоро почна да добива покани за конференцијата на ОН за климатските промени и за Светскиот економски форум во Давос, каде на светските бизнис лидери им кажа дека за нивниот успех планетата „платила незамислива цена“.

На прашањето дали во септември ќе оди на самитот на Обединетите нации за климатските промени, Грета вели дека нема со авион да лета до Њујорк, но можеби ќе отпатува со брод.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото