Фотографии од Третиот Рајх кои оставаат без здив

13.05.2019 00:35
Фотографии од Третиот Рајх кои оставаат без здив

Нацистичката партија на Хитлер е позната по користењето симболика во кампањите. Користењето огромни пароли и непрегледни маси оставало заслужено злогласни впечатоци, но било копирано многупати, во речиси сите подоцнежни тоталитарни режими. Иако сите знаеме колку била моќна хитлеровата пропагандна машина, кога ќе ја видите на фотографии во боја, остава без здив.

Списанието Life ги истражуваше старите архиви во потрага по стари и досега невидени фотографии (Трибјутот на воениот фотограф Лери Бароуз е особено моќен). Но, Life се надмина себеси со серијата на фотографот Хуго Јегер, еден од личните фотографи на Хитлер.

Цел град завиен во свастики е глетка која се заборава тешко. Но, кога тоа ќе се види во боја, практично може да се согледа дека црвените банери впрочем не се вклопуваат во пејзажот. Наликува на огромен црвен бран кој го потопил секое ќоше и секоја пукнатина од градот.

Тоа е ефектот што сакала да го предизвика пропагандата на Хитлер - Нацистичката партија е незапирлива сила која потопува сѐ пред себе. Единствена опција е да им се придружиш.

Моќта на Хитлер делумно е создадена од чистата културна естетика која ја користел. Кога ќе се соочите со неверојатно ефикасна машина која бои сѐ во
црвено, тешко можете да ѝ се спротивставите - како што Хитлер станувал помоќен, машината станувала посилна.

Меѓутоа, сликите и постерите колку и да биле моќни, не можат да го одржуваат движењето во живот засекогаш. Додека партијата успешно го зголемувала рејтингот буквално порачувајќи им на луѓето: „Видете, сите се со нас, придружете се или останете настрана (ќе бидете убиени)“, овој метод не бил стопроцентно успешен. Дисидентите, и во земјата и во странство, успевале да издржат. Хитлер го претставувал својот Рајх како непобедлив и сеопфатен, додека во исто време зад себе оставал купишта жртви во текот на своето владеење.

Волку поедноставено предание за машинеријата на Хитлер можете да најдете во која било книга по историја. Меѓутоа, црно-белите фотографии кои вообичаено се наоѓаат во овие книги ни приближно не ја отсликуваат моќта на Хитлер како оние во боја. Дури и кога ќе го изземете она што се наоѓа на фотографиите, фотографиите на Јегер се и технички импресивни. Кога во 1936 бил пуштен во продажба 35 милиметарскиот Кодахром филм, фотографијата во боја штотуку почнала да се пробива во светот на професионалната фотографија.

Ова е неверојатен пример дека технологијата може да биде моќна, дури и во уметноста. Само неколку години по појавувањето, фотографијата во боја загосподарила додавајќи многу повеќе емоции. Вештините на Јегер со тогашната нова технологија се фасцинантни, иако, за жал, ја користел за да го документира животот на еден од најголемите злосторници на човештвото. Но, токму тоа е она што е фасцинантно, особено од аспект на иновациите.

Но, колку и да е моќна, важно е да не се заборави дека пропагандата на Хитлер не била доволна. Уредникот на Life напиша есеј кој ги придружува фотографиите: „Никогаш не е лошо да се потсетиме дека треба повеќе од амблеми, колку и да се уверливи и командувачки, за да се трансформира едно движење во трајна политика, или социјална и воена сила.“

Тоа е точно. Постои причина зошто симболизмот на цврстата рака на Нацистичката партија е карактеристичен во филмовите како 1984 и Death Race 2000: тој не е еднодимензионален само политички, туку и историски. Концептот за покривање на секој милиметар јавен простор со банери од партија, која и да е, е застарен потег. Потег кој без грешка асоцира на тоталитарно владеење.

Станува збор за тоа дека слободната мисла бара слободна естетика, а деспотот кој ви го сервира своето лице на секој чекор тоа го прави за да ви ги зароби мислите, а луѓето секогаш ќе се спротивставуваат на тоа. Ако ви се забрза пулсот додека ги гледавте фотографиите на злосторникот кој живееше пред 80 години, тогаш разбирате.

Фотографии: Хуго Јегер

Извор: https://www.vice.com

ОкоБоли главаВицФото