Најнеобичните избори во Германија

31.08.2021 11:50
Најнебичните избори во Германија

Изборите за 20-иот состав на германскиот парламент всушност веќе почнаа: шест недели пред 26 септември почнува праќањето на изборните ливчиња за оние кои сакаат да гласаат по пошта; исто така, можно е и порано да се гласа во општината ако на денот на изборите некој нема да биде во можност да дојде на избирачкото место. Но едвај дека некој може да се сети дека исходот од изборите некогаш бил толку неизвесен, а има и мноштво елементи заради кои овие избори се важни и сосема поинакви.

Најпрвин тука е фактот дека мора да се случи промена. Германија нема ограничување во бројот на мандатите на канцеларот, не само зашто првиот повоен канцелар, Конрад Аденауер, не сакал ни да слушне за такво нешто и бил убеден дека од позицијата канцелар ќе оди право на гробишта. Вечната фаворитка на изборите Ангела Меркел веќе не е кандидатка на христијанските демократи, а сега ќе избираат луѓе кои воопшто и не паметат некој друг на нејзината позиција зашто имале две години кога Меркел првпат стана канцеларка. Дали таквиот политички континуитет, како што се сака да се толкува, или пак зачмаеноста е нешто добро или лошо за динамиката на демократското општество, за тоа сега не се расправа.

Друга важна разлика е короната: нема големи предизборни митинзи, ниту ќе има. Таквата политичка претстава изгледа како анахронизам во денешното време на многу комуникациски канали, но сепак за многу гласачи е важно барем еднаш да го видат кандидатот во живо и „да почувствуваат дали може да му/ ѝ се верува“. Не звучи рационално, но да се привлече и задржи вниманието на илјадници луѓе во никој случај не е лесна задача и секако е тежок тест за политичарите.

Не може да се видат штандовите на партиите во градовите каде што би можеле да му поставите прашање на локалниот кандидат - и да добиете пенкало или некоја дребулија, па на прв поглед се чини дека предизборната битка поминува речиси незабележано. Но речиси да нема семејство или средба на пријатели каде не се поставува прашањето за политиката - и во жарот на расправата често се завршува со одлука никогаш во животот да не се проговори со некоја личност.

Затоа што и ова е исто така нова карактеристика на овие избори: веќе има мноштво теми каде што е подобро да не се извлекува аргументот за „вистина“. Короната и антипандемиските мерки, климатските промени и „климатската катастрофа“ која се случи / не се случи во неодамнешните поплави... Вистината е заменета со тврдења што одредени групи ги прифаќаат или толкуваат на свој начин. Со локдаунот (lock down) и домашната канцеларија (home office) - два нови англиски зборови кои на голема врата веќе влегоа во германскиот речник - често немаше ни вообичаена комуникација со луѓе кои можеби имаат различно мислење, и по инерција оваа херметичност продолжи кај многумина.

Расправите сè повеќе стануваат жестоки зашто сите истражувања на јавното мислење покажуваат дека за кое било мнозинство во Бундестагот ќе биде потребна коалиција од најмалку три партии: сегашната голема коалиција на христијанските демократи (CDU/CSU) и социјалдемкратите (SPD) не би имала мнозинство и прашање е дали тие времиња некогаш ќе се вратат. Извесно време изгледаше дека би била доволна коалицијата на Зелените и CDU/CSU, но барем според моменталните истражувања Зелените веќе не се на првото, дури ни на второто место каде што ги престигна партијата SPD.

Десничарска Алтернатива за Германија (AfD) не само што не е пожелна за ниедна друга партија како можен партнер, туку и поддршката за таа партија систематски опаѓа: моментално се некаде околу 10 отсто и нема причина да се се очекува изненадување на тој крај на политичкиот спектар. Дури и во нивната „домашна“ тема – отпорот кон мигрантите, во најновите случувања во Авганистан, тешко ќе заработат политички поен на бегалците од талибанците. Не само што тие бегалци се жалосно малку и се далеку, туку во оваа држава преовладува чувството на срам заради улогата на Западот во Авганистан. Затоа нема голем отпор за примање на тие несреќници, пред сè на оние кои му помагале на Бундесвер, додека беше таму, тоа го кажа дури и пратеникот на AfD, Александар Гауланд.

За која било коалициска пресметка остануваат уште две партии: Левицата, која сè уште ја поддржуваат околу 7% од гласачите, и Либералите (FDP), кои традиционално се алтернатива за многумина демохристијански поддржувачи, ако поради некоја причина им е тешко да гласаат за „својата“ партија. Со оглед на тоа што германските граѓани сè уште не го сфаќаат сериозно кандидатот на демохристијаните Армин Лашет, поддршката за ФДП расте систематски: таа во моментов изнесува околу 12 отсто.

Жестокоста на емоциите пред овие избори се гледа дури и на плакатите: покрај вообичаените пораки на партиите, во средината на август низ цела Германија се појавија плакати на акцијата „Grüner Mist” (der Mist: ѓубре, отпад, глупост) каде трите темелни ставови на Зелените: еколошкиот, социјалниот, демократскиот се прикажуваат како „уништување на благосостојбата – климатски социјализам - еколошки терор“, „тоталитарно – социјалистички – против татковината“ или „социјализам – присилна грижа – забрани“, со слика на овенат цвет на сончоглед, симболот на партијата.

Таква голема акција против некоја партија не се памети и иако медиумите се обидуваа да откријат кој стои зад таа пропагандна кампања која чинела најмалку половина милион евра, не стигнаа подалеку од агенцијата „Conservare Communications“ од Хамбург, која претходно работела и за AfD, но велат дека оваа акција ја платил „покровител кој сака да остане анонимен“. Различни се мислењата и за тоа дали акцијата е легална или не, а не се паметат ни толку случаи на вандализам како врз тие плакати. Поддржувачите на Зелените побрзаа да ги искинат или со боја да ги премачкаат плакатите за да не можат да се прочитаат. Но, исто така е факт дека нечие мислење не може да се промени ниту со серија плакати, ниту со канта боја.

Таа акција во никој случај не е причина за тоа што поддршката за Зелените на почетокот на јуни падна од над 24 отсто на 19 отсто: последните истражувања се спроведени пред да се појават плакатите. Од едното до друго истражување се гледаат разликите во процентите на поддршка, но речиси никој не може да каже која е вистинската причина за таквите осцилации. Во некои случаи можеби има рационални и вистински поводи за опаѓање и раст на популарноста, но многу повеќе се слободните толкувања – што не мора да ја гарантира нивната точност. По неодамнешните поплави медиумите се натпреваруваа во проценките дека катастрофата поврзана со климатските промени дефинитивно ќе ја лансира кандидатката на Зелените, Аналена Баербок до канцеларската позиција, а тоа засега е далеку од точно.

Популарноста на Баербок драстично опадна (според Дојчландтренд: 28% поддршка во почетокот на мај, 16% на почетокот на август), а сегашниот германски министер за финансии, кандидатот на SPD, Олаф Шолц, кој излезе со конкретни програми за поддршка, многу повеќе „профитираше“ од поплавите. А вистинскиот скандал што го направи раководството на Зелените помина речиси незабележано - во провинцијата Сарланд граѓаните нема да можат да гласаат за таа партија.

Аналена Бербок, кандидатка за канцеларка на Зелените

Имено од Берлин дошла наредба дека таму според ротацијата на ред е кандидат во покраината да биде жена, но покраинското раководство на партијата застанало зад својот избран кандидат - Хуберт Улрих, односно маж. Одговорот на седиштето на Зелените било суспензија на целото покраинско раководство, на што мораше да реагира Германската изборна комисија: нема да може да оди така. Во демократија, на покраинско раководство не може некој друг да му го одредува кандидатот и затоа во Сарланд се поништува изборната листа на Зелените за претстојните избори. Зелените во Сарланд се минорна партија, а и на Улрих може да му се најдат многу недостатоци, но и таа мала бројка гласови на крајот би можела да биде важна.

Има неброени пикантерии и за кандидатот на CDU/CSU, Армин Лешет. Без оглед дали е тоа снимка на која тој слатко се смее во поплавеното подрачје додека претседателот на државата Штајнмаер потресено се обраќа пред камери – се разбира, Лешет не им се смее ниту на жртвите, ниту на претседателот, туку на нешто што му го кажал соговорникот, но е направена голема медиумска штета. Извлечено е и скандалче од 2015 година, кога додека држел настава по политикологија на Техничката висока школа во Ахен и кога заради „пропуст на поштата“ се изгубиле студентските семинарски работи, тој им дал оценки дури и на некои студенти кои воопшто не пишувале семинарски.

Дали на Германија ѝ е потребен таков несериозен канцелар? Едни вријат од гнев ако само се спомне Лашет, други можат да разберат дека на крајот политичар може да биде човек кој можеби не е остварување на сонот за капетан на вселенски брод, но со кого ќе биде пријатно да се напиеш пиво. Впрочем, кога последен пат Германија имала канцелар кој знаеше да се смее од срце? Исто така треба да се знае дека Лашет е премиер во покраината каде што коалицијата на неговата CDU и либералите има само еден пратеник повеќе во покраинскиот парламент и од како е формирана во мај 2017 година, немала посериозни потреси.

Најголемиот проблем на Олаф Шолц се чини парадоксален: доаѓа од погрешна партија. На прашањето кој би сакале да биде канцелар, кога би можело директно да се избира, Шолц е на прво место (преку 40 отсто), но социјалдемократите тешко успеваат на гласачите да им го претстават својот профил и ставови – вообичаен проблем како да се излезе од сенката на поголемиот партнер во владејачката коалиција. Процентите се менуваат од една анкета до друга, иако на крајот можеби на SPD – но и на CSU/CDU - ќе им помогне своевидната апотеоза на германското гласачко тело која е резимирана уште од времето на изборниот плакат на Конрад Аденауер од 1957 година (а и тогаш слоганот го украле од предвоените пароли на партиите на центарот): „Keine Experimente“ (Без експерименти).

Многумина во моментот кога треба да се заокружи нешто на гласачкото ливче можеби ќе уплашат од сопствената храброст да се одлучат за Зелените или за некој друг од „малите“ на функцијата нов канцелар. Малку помага тоа што помладите гласачи се повеќе склони кон нешто сосема поинакво: Германија е земја на старци, просечната возраст е 44,5 години. Сите партии мора да прифатат дека тука ништо не проаѓа без бели глави.

А во главите од сите бои, како ретко досега, очигледно постои веќе формирано силно политичко мислење и поради толку многу мешање на државата во животите на граѓаните со мерките против пандемијата. Единствениот проблем е што повеќе од половината од испитаниците не мислат дека некој политичар или партија нуди решение за проблемите што ги мачат (како што весникот „Фокус“ ја цитира студијата на интернет порталот „Civey“). Оние кои воопшто нема да излезат на гласање беа претежно оние кои не ги интересира политиката. Овојпат, се чини, меѓу нив ќе има значителен број на оние кои никогаш не ја слушнале „вистината“ како што тие ја разбираат.

Олаф Шолц има најголема поддршка според анкетите

Дали таквата „вистина“ ќе биде причина и активно да се спротистават на демократскиот процес, како што видовме на почетокот на годината во Вашингтон при окупацијата на Капитол? Во демократските држави тој настан е сфатен многу сериозно: комбинацијата на смислени невистини и дезинформации, херметичноста на мислењето на многумина на социјалните мрежи поврзана со сè повеќе површните „официјални“ медиуми девастирани од штедење очигледно покажа каде води тоа. На Капитол тоа до некоја мерка заврши добро – овојпат. Дали тоа ќе се повтори на некое друго место? Барем засега во Германија речиси сигурно дека нема: уште е точно старото мислење на Ленин дека Германците во револуција и при освојување на железничка станица, прво ќе купат карта. А групните посети на Бундестагот сè уште се забранети заради короната.

Што ќе биде објавено во ноќта на 26 септември е целосна загатка. А уште поголема е кој, како и кога ќе успее да ја формира идната коалиција. Без AfD, има пет партии, а најверојатно се потребни барем три... Речиси сите математички комбинации ќе бидат можни, но политичките комбинации во некои случаи се незамисливи – барем сега, во пресрет на изборите. Сè на сè: по минатите избори беа потребни 171 ден додека не се формираше коалицијата, а тој рекорд лесно би можел да биде надминат.

Извор: ideje.hr

 

ОкоБоли главаВицФото