Хемиската страна на среќата

24.05.2019 02:36
Хемиската страна на среќата

Среќата како суштински стремеж на човекот е неисцрпно поле на анализа на науката, во многу нејзини гранки.
Концептот на среќа и нејзините поттикнувачи се во голема мера истражувани и експлоатирани во модерниот начин на живот кој произлезе од ерата на глобализација. Сознанијата се употребуваат, но и злоупотребуваат во многу индустриски гранки, фармацијата, маркетингот, социјалните медиуми, во поново време и во “гејминг” компаниите кои произведуваат виртуелни игри, “играјќи” со човековата психологија и хемија.

Цела одделна наука се лековите со кои се потпомага хормоналниот баланс во битката со депресијата.
Меѓу популарно наречените хормони на среќата (иако повеќето се неуространсмитери), најпознати се Допаминот, Окситоцинот, Eндорфините и Серотонинот.

Концептот на среќа се разбира е многу покомплексно прашање од сведувањето на нејзината „хемиска” природа. Поттикнувањето на хормоните не треба да биде сфатено како услов за среќа. Ниту пак на пример, со стимулирање на хормоните на среќа ќе исчезнат секојдневните проблеми или ќе се решат тешките животни предизвици. Но промената на стилот на живот кон поголем хормонален баланс и стимулација на хормоните на среќа на природен начин, може да биде од помош на организмот во совладување на секојдневните предизвици.

И покрај многуте практики кои помагаат во соочувањето со проблемите, секогаш решенијата се сведуваат на народните поговорки “колку луѓе, толку чуда” и “секоја планина со своја тежина”, односно сечија животна борба е главно лична. Односно, тие не се супститут на среќа во смисла на внатрешна хармонија.

Допамин - постигнување, окситоцин - допир, серотонин - самодоверба

Но познавањето на биолошките процеси на совршената креација наречена човечки организам, потврдено може да ни помогне во намалување на стресот од секојдневните предизвици и да ја поддржи, односно оправда функцијата на овие хормони.

Сите овие хормони имаат своја цел да му помогнат со биолошките процеси на човекот на преживее, но и да живее. Дека е човекот социјално суштество докажува и неговата хемиска природа, која бара интеракција со луѓе за да функционира.

Допаминоте неуротрансмитер што го поттикнува центарот за награда во мозокот. Се нарекува и “хормон” на стремежот. Неговата главна улога лежи во достигнување задоволство од постигнување некоја цел. Кога целта е постигната или задачата која сте си ја задале е завршена, се лачи допамин кој предизвикува чувство на задоволство. За да го стимулирате допаминот, може да си зададете било која цел која во моментот ви е предизвик (диета, дистанца за трчање при тренинг, краткорочна цел на работно место и сл.). Исто така, многу истражувања нашле корелација на љубезните, позитивни релaции со другите луѓе и благодарноста, со пораст на нивото на допамин. Бидејќи овој хормон е поврзан со центарот за награда во мозокот, позитивната комуникација и социјалните односи кои даваат потврда и поддршка на личноста (позитивен фидбек на работно место, комуникација која го валидира и поддржува партнерот во семејни околности или пак пријателски релации) поттикнуваа лачење допамин.

Окситоцинот го сметаат за хормон на телесниот контакт, на љубовта и поврзувањето. Бројни студии покажуваат дека телесниот контакт, сексуалните односи, гушкање и мазење со децата, партнерот, но и галење со домашниот миленик, прегратка со пријателот, поттикнува зголемено лачење на окситоцин и чувство на среќа. Некои студии покажуваат дека кај мажите и жените дејството на окситоцин е различно и можеби истата функција кај мажите ја има вазопресинот.
Окситоцинот природно се лачи во поголеми дози во текот на бременоста, пред и по породувањето и помага на воспоставување силна врска помеѓу мајката и детето, како и во стимулирањето лактација.

Новите начини на комуникација преку социјалните мрежи и телесното отуѓување на луѓето, според некои истражувања го засега во голема мера лачењето на окситоцин. Сепак, овие нови медиуми и нивното влијание врз човековото поведение не се доволно истражени затоа што има одредени сознанија дека “лајкот” на социјалните мрежи сепак има одредено влијание врз центарот на награда, односно стимулира допамин.

Но интимниот контакт очи во очи, како и телесниот е пресуден за лачењето на окситоцин, бидејќи луѓето како социјални суштества се биолошки предиспонирани за меѓусебно поврзување.

Серотонинот е се нарекува молекула на самодовербата. Се нарекува природен антидепресив, но е силно поврзан со чувството на исполнетост и успешност, особено кога тоа е потврдено во заедницата или системот во кој човекот делува. Изјавата “јас го направив тоа” се поврзува со описот на она што го стимулира овој хормон. Долгорочните цели и чувството дека животот има смисла, дека личноста остава одреден печат со своето делување има силна поврзаност со лачењето на серотонинот. Овој хормон можеби е најкомплексен бидејќи е вклучен во повеќе биолошки процеси како регулација на сон/будност состојба, апетитот, телесна температура, промена на расположението.

Во голема мера го стимулира и сончевата светлина. Во скандинавските земји на пример, каде општествата се со најголем степен на развој и најдобри услови за граѓаните, недостигот на сончева светлина и кратките денови се гледаат како голема причина за депресија.

Ендорфините се хормони кои се лачат биолошки кога на организмот му е потребно да се справи со физичката болка „за повисока цел” (трчање во бегство пред опасност на пр.). Тогаш делуваат како морфин, аналгетик (за да може човекот да бега, а да не чувствува болка во мускулите). Во исто време, тие предизвикуваат чувство на еуфорија. Нивното стимулирање најчесто е со анаеробни (поинтензивни) физички вежби. На пример има многу свдоштва на луѓе кои велат дека се зависни од трчање. Познато е т.н. „runner’s high” чувството кое се поврзува со ендорфините иако има и понови студии кое го поврзуваат со други хемиски супстанци во организмот - ендоканабиноиди. При трчањето, но и кога паралелно се поставува и одредена цел во дистанца, се стимулира истовремено и допаминот и ендорфините. Од друга страна, стимул на лачењето ендорфини е и медитацијата. При релаксацијата која следи, се намалува лачењето на кортизолот, т.н. хормон на стресот.

Адреналинот често пати се меша со хормоните на среќа, но тој нуди само ексцитација, не и чувство на среќа.
Инстант чувството на среќа секако не произведува и среќни индивидуи. Потрага по смислата на животот, пронаоѓање на корените на незадоволствата, соочување со потреба за промена на обрасците на однесување (автоматизирани реакции на одредени ситуации стекнати во раниот развој, кои подоцна стануваат нефункционални) е голем пат до себе кое бара напор за личен развој.

Но, малите промени во стилот на живот со имање на ум на делувањето на хормоните на среќата можат да ги стимулираат и да му дадат поддршка на организмот во справување со секојдневните предизвици.

Еден предлог-сет на вежби кој секој може да ги воведе во секојдневните практики, а поттикнуваат позитивен баланс во „справување” со стресот од секојдневните предизвици може да е:

1. Поставување на краткорочна цел (пр. диета, физички вежби, проект/план во работата) во мерливи и остварливи рамки. „Нагарадата” од завршена цел е повисоко ниво на допамин.

2. „Флерт” со случајни луѓе (соседи, продавачи, луѓе во автобус) три пати во неделата. Овде флертот не разбира во сексуалнасмисла, туку во отпочнување неврзан љубезен разговор со непознати луѓе, вежбање позитивна социјална интеракција која го поттикнува допаминот.

3. Составување на листа од 10 луѓе кои имале позитивно влијание во вашиот живот, помогнале да се унапредите како личност. Најдете начин да им се заблагодарите со мал подарок, како цвет, чоколадна бонбона, порака и сл. (благодарноста е поврзана со допаминот, чувството на исполнетост со серотонинот).

4. Неколку пати во неделата да се обидете да си одговорите на следните прашања:
Наутро по станување:
• За што во мојот живот сум среќен/на?
• На што во мојот живот можам да бидам горд/а?
• За што сум благодарен/на во животот?
• Што во мојот живот ми раѓа возбуда?
• Зад што застанувам (за што се залагам) како вредност во мојот живот?
• Кого сакам и од кого сум сакан/а?
• Што можам јас да направам денеска за да бидам задоволен/а?

Навечер пред легнување:
• Што сè направив денеска?
• Што од тоа направив за мене и мојот живот?
• Каков е мојот придонес кон другите?
• Што научив денес?

Чувството на значење, исполнетост и јакнење на самодовербата поттикнува серотонин.

5. Кафе медитација - кога го пиете првиот утрински пијалок (чај, кафе и сл.) да се обидете во тоа време да бидете присутни сега и овде (Mindfullnes). Да не бидете со мислите утре (окупирани со планови) или вчера (премотувајќи ги настаните и проблемите), туку да се обидете да го уживате моментот. Генерално, сознанијата се дека медитацијата ги поттикнува и допаминот и ендорфините.

6. Да составите листа на долгорочни цели и желби, на места кои сакате да ги посетите, на работи кои сакате да ги постигнете. Тежнеењето кон долгорочни цели го поттикнува серотонинот.

7. Слушање омилена музика. Многу научни студии потврдуваат пораст на допамин при слушање на музика.

8. Аеробни (полесни) и анаеробни (поинтензивни) вежби. Тие го поттикнуваат допаминот. Дури и 20 мин пешачење се доволни за ослободување поголеми количини допамин. По тренингот, се намалува лачењето на допамин, но се зголемува она на серотонин кој е негов хормонален антагонист. Серотонинот е хормон на внатрешна сатисфакција, исполнетост. Оттука, телесните вежби и движење се повеќе од корисни.

Без оглед што стимулацијата на хормоните не може да биде супститут за среќа, таа дава елан на организмот и ја зголемува енергијата кон постигнување одредени цели и надминување стресни ситуации. Битката со кортизолот (хормонот на стрес, анксиозност) на хемиско ниво, е секако поефикасна со сопствените биолошки одбрамбени механизми.

Извор: idaprotuger.com

ОкоБоли главаВицФото